5.8 C
Скопје
08:20 - 10 април, 2026

Секојдневни хероини Маја Ристова, адвокатка: Стрмните патишта секогаш водат кон убави дестинации

Во рамки на серијалот „Секојдневни хероини“ започнавме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и кои секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство, кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто.

Денес разговараме со Маја Ристова, магистерка по право и адвокатка со своја адвокатска канцеларија. Истовремено е и претседателка на Асоцијација на менаџери на Македонија.

Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
– Има многу такви моменти, но би споделила два. Моментот кога решив повеќе да не работам за друг, туку за себе и притоа ја отворив својата адвокатска канцеларија и моментот кога се роди мојата ќерка. Благодарна сум за овие нешта и многу сум среќна што постојат.

Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

– Храброст. Храброст да го кажат гласно своето мислење, храброст да живеат сами, храброст да носат одлуки. Меѓусебна поддршка. Кога велам „меѓусебна“ мислам на жена кон жена, нешто што е многу потребно, а недостига во нашето општество.

Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

– Навистина ми е тешко да издвојам еден совет, затоа што постојано советувам, дури и кога никој не го бара тоа од мене, но само поради тоа што мислам дека во тој момент би помогнала со тоа некому. Генерално, моите совети се во насока да се сакате и почитувате себеси, да се борите за свое посебно место под сонцето, да барате и очекувате да сте еднакви во општеството, да љубите со цело срце, да бидете хумани и да бидете благодарни за сè што имате.

Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

– Да креираат систем во кој ќе им овозможат на жените да ги уживаат истите права како мажите во политиката, менаџерите да се избираат врз основа на знаење и компетентност, а не врз основа на родова припадност, да се заштитат жените од секаков вид насилство, да се воведат мерки за помош и поддршка на самохраните мајки и мајките на деца со попреченост.

Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

– Не би преминала на издвојување и набројување на три работи. Одговорот би го конструирала поинаку. Би сакала моето дете да живее во слободно и праведно општество, каде што не е важно политичкото уверување и припадност, општество во кое се цени стручност и компетентност, општество во кое луѓето имаат високи морални вредности.

Што би им препорачале на младите жени кои се уште несигурни во себе?

– Да чекорат низ животот храбро и самоуверено со крената глава. Да не дозволат стравот и несигурноста да ги уништи нивните соништа. Секоја препрека во животот да ја гледаат како предизвик, а секој неуспех како научена лекција. Никогаш да не се откажуваат од тоа што го посакуваат, зашто стрмните патишта секогаш водат кон убави дестинации.

Тања Томиќ
Еднакви. мк

Слични објави

Новата колекција на „Прагма“ е сè што ви треба за да заблескате

Еспресо

Дали Ким Бесинџер со неочекуваниот потег ги закопа воените секири со Алек Болдвин?

Т.Ц.

Вистинскиот пар чевли прави разлика: Дојдете во Chantel, затоа што секој чекор заслужува да биде забележан

Еспресо

Велигденски хит – рачно изработени свеќи што ќе ви го разубават домот

Еспресо

Елеганцијата започнува во „Капитол“ – одберете стил што се памети за незаборавна матурска вечер

Еспресо

Која е тајната на успехот на Јаков Јозиновиќ, новиот глас на љубовта во регионот кој за неколку дена ќе настапи во Скопје

Т.Ц.
Се вчитува....