Наташа Стоименова работи како главна готвачка во три градинки, а во слободно време својата умешност ја преточува во декорација на храна, прави рецепти со здрава храна, а прави и детски фигури од храна за најмалите.
Инспиративна соговорничка со која поразговаравме за храната во градинките и како да ги натераме нашите деца да јадат поздрава храна.

Каква храна јадат нашите деца во градинките?
-Децата во градинките јадат здрава храна, таа е основен фактор за раст и развој кај децата. Храната е секогаш свежо приготвена со свежи состојки. Исхраната е богата со витамини, минерали и јагленохидрати, онолку колку што е потребна за нивна возраст.
Крајната цел е поголемо конзумирање на здрава храна. Што може да се подобри во тој аспект?
-Поголемата конзумација на здрава храна може да се подобри со внесување на квалитетна и разновидна храна. Важно е децата да јадат зрнеста храна затоа што е навистина важен извор на енергија, интегрални производи, храна со ниска масленост во млечните производи, поголеми количини на свежа риба и месо, да се ограничи внесот на шеќерот и газираните пијалоци, да се внесува многу овошје и зеленчук и секако, да се пие многу вода.

Колку визуелниот аспект влијае на апетитот?
-Визуелниот аспект е многу важен. Влијае како кај возрасните така и кај децата. Храната е повеќе привлечна кога добро сервирана, декорирана и убава на изглед.

Со оглед на тоа што ни се јасни условите со кои располагаат градинките (како на пример, ограничен број на персонал и финансиски средства), што правите вие, како се снаоѓате со цел да им ја доближите храната на децата?
-Со оглед на условите секогаш се трудиме храната на децата секогаш да биде свежо приготвена, на време послужена со добар вкус и топло сервирана.

Вие сте главна готвачка во три градинки, споменавте дека имате позитивно искуство, па раскажете ни нешто повеќе за тоа?
-Јас сум готвач во градинка каде приготвуваме храна во главна кујна и истата се доставува и во други две градинки кои се во склоп на истата градинка. Според предвиденото мени се приготвува појадок, ручек и ужина. Храната е избалансирана комбинација на протеини, масти и калциум. Се избираат лесни, здрави и достапни намирници. Со цел да се одржи правилниот раст и развој кај децата се трудиме храната да биде богата и разновидна. Кулинарството е професија која секојдневно нуди нешто ново, постојано може да се менуваат рецептите и да се експериментира со вкусовите.

Во слободно време правите декорација на храна, рецепти со здрава храна и детски фигури од храна. Од каде црпите енергија за да креирате и приватно, по работното време?
-Во слободно време сервирам и декорирам храна. Мојата желба и упорност ми дава енергија и идеја да го остварам замисленото. Тоа ме исполнува. Креативното изразување низ храната придонесува никогаш да не е досадно во оваа професија.

Како да ги натераме нашите деца да јадат здраво за новогодишните и божикните празници, а не само да јадат колачи и шеќерчиња?
-За претстојните празници треба да ја искористиме креативноста и изгледот на оброците со намирници како овошје и зеленчук во разни бои да се направат како фигура која тие ја сакаат или пак некој омилен лик. На масата може да се стават овошје и зеленчук наместо колачи и детето само да одлучи што ќе си стави во неговата чинија. Секако многу е важно да се прави здрав ручек за целото семејство, а не посебно само за децата.
