9.8 C
Скопје
00:46 - 20 април, 2024

КОКОДАКАЊЕ: Со Господ напред, ми го е*аа кровот над глава  

Искради дебела пара, за*би успут 100 души и ќе те „казниме“ парите да си ги трошиш само во матичната држава? А бе сте им го накршиле!

Лист хартија, по ново „ворд документ“, трпи сè. Колку и да сакам да се исповратам на документов од гадењето што ми се насобра поради тоа што човечноста е отидена во ку*ац, ќе се обидам да се воздржам, со цел да бидам продуктивна и корисна за никој друг да не го изеде стапот што јас го јадев!

Размислувајќи кој, како и зошто е виновен што јас сум коза глупава (им се извинувам на козите – животни), на крајот заклучив дека тоа се некои мои прапрародители кои чесноста и вредноста на кажаниот збор ја пренесувале со генерации како нешто највредно. Тука и мојата мајка си има своја „заслуга“ бидејќи не го прекинала ланецот на генерациите „со крстот на чело“. Зашто верувам дека и денешниве преваранти во некое минато време биле воспитувани во духот на чесноста, но благовремено „се освестиле“ и почнале да пливаат во криминалните води. И тука не ги вклучувам оние кои „позајмуваат“ од богатите за да дадат на сиромашните. Веројатно ова мое лично сведоштво само јас го доживувам како нешто „вау“, особено по пријавата во полициска станица, каде инспекторот ме „просветли“ со информации дека овие „луѓе“ си се уиграни во шемата, што дури ни законот ништо не им може, дека има мал милион невин народ што е оштетен од нив и дека и понатаму ќе има. Затоа, пред да паднете во канџите на овие ѕверови, прочитајте го мојов прозен занос, да не ве занесат и вам.

Да почнеме по ред, како што започна и мојата наивна сага.

Со Господ напред, во превара

По година дена минати под кирија со двете синчиња и мајка ми, одлучивме да живееме на село, во куќата која мајка ми ја изгради пред десетина години. Поради немање услови и простор на нејзиниот спрат (една соба и дневен престој), з’гнавме сили да почнеме со прилагодување на долниот спрат кој беше само карабина. Силата за ова, се разбира финансиска, ни беше ограничена, па затоа јас се обратив во една група на Фејсбук (името не го споменувам јавно бидејќи верувам дека во истата членуваат искрени и добронамерни луѓе), каде побарав од некој градежник или архитект, да ми направи груба шема за најпрактично да го искористам малиот простор. Веднаш ми пиша во порака една госпоѓа, од чија уста течеше мед и млеко. И рака на срце, откако ѝ испратив видео и фотографии од просторот, веднаш ми врати назад скица.

приватна архива

Комуникацијата со неа продолжи, а во тие моменти на мојата ранливост, која веќе и плафонот го проби, таа беше моја најголема подршка. Заедно со нејзиниот сопруг дојдоа „на лице место“ и меѓусебно се договараа како најубаво да го испланираат малиот простор. Ме убедуваше дека не треба да се грижам за ништо и дека ќе го направиме како „кутивче“. И покрај сè што е моменталниот исход, јас сум им благодарна на овие луѓе, бидејќи во тој период навистина дишев полесно. Ветија дека ќе донесат нивни мајстор кој ќе работи за најниска можна цена.

Ветено – сторено. Мајсторот дојде, вети дека од него имам една соба гратис и со солзи во очите, рече дека сè (до ламинат) ќе ми сработи за 4.000 евра. Сопругот на мојот „ангел чувар“(градежничката) не дозволуваше јас и мајсторот да зборуваме, а кога ја спомена цената, го прекина и му рече: „Чекај, не брзај, не кажувај цена, ќе се чуеме утре“. Да не ја должиме, госпоѓата ми се јави со крајна цена од 6.000 евра, за кои ми рече веднаш да ги спремам и да ги платам одеднаш, пари кои ги немав и тука прекинува нашиот контакт. Само да нагласам, дека за сето време зборот „Господ“ беше од неа најчесто изговорен.

Шат енд ран, од мајсторот ни трага ни глас

Еден ден, додека мајка ми беше во куќата на село, ми се јави целата пресреќна дека пронашла ливче со телефонски број и името на мајсторот. Му се јавив и беше „изненаден“ од безобразноста на господинот и госпоѓата градежници што сакале да ме „закрпат“ 2.000 евра плус. И тој, како и нив, се повикуваше на Господ (додуша неговиот беше Алах), се колнеше во своите две ќерки (кои не знам и дали ги има), дека сака да ми помогне и да го направи просторот идеално место за живеење, не за мене, туку за моите синови. Ме убедуваше дека градежниците не сакале да му го дадат мојот телефонски број (во кое што верувам, бидејќи веројатно и тие меѓусебно си се изигруваат, по принципот групен секс, па не знаеш кој кого „таквуе“). Мајка ми постојано имаше сомнеж, дури почна и притисок да ми прави дека не треба да му верувам, ама „касно е за тоа мамо, не можеш со зборови да ме превоспиташ, кога цел живот твојот пример бил чесност, доверба, зборот повреден од тапијата…“.

Иако мајсторот постојано инсистираше веднаш да му ги дадам сите 4.000 евра, под изговор дека мора да го нарача целиот материјал и дека за десетина дена сè ќе заврши, инсистирав на потпишан документ. „Повуци – потегни“, некако се накани да потпише, но така му се брзаше што немаше време да се мафта по адвокати за заверка (бидејќи на 2 – 3 места каде што отидовме, беа на одмор!), па така останавме само со потпис.

Моите два примероци ги оставив во автомобилот во касетата кај совозачкото седиште, каде седеше мајсторот и се возеше неколку пати потоа.

Градбата започна и околу ова нема да ве гњавам, затоа што доволно бев изгњавена додека поправавме „ненамерни“ грешки. Од ветениот истовар на материјали, истоварено беше (и тоа на неколку пати) цигли, ќерамиди, бетон и песок. Последен пат, човекот, кој ветуваше дека нема да се помести од куќата додека не заврши сè, го видов пред отприлика две недели. Време кое ме чинеше многу нерви, а во пари нема да пресметувам, тоа се надокнадува. Првите денови од неговото исчезнување, се јавуваше на телфон и ќе пратеше по некоја порака, божем има проблеми со друг објект, дека ќе се врати за 2 – 3 дена, и сè така, додека не престана воопшто да крева телефон, ниту да одговара на повици.

приватна архива

Вмрежени во „шемата“, ни закон ни бутур нешто им може!

Завчера, пред да пријавам во полиција, му се обратив преку порака, со молба да се јави и да се разбереме како луѓе, за да не мора да одиме по судови и полициски станици. Ме побара неговиот соработник, односно сведокот пред кого му ги искеширав и така позајмените 4.000 евра, со муабет да почекам, да се чуе со него и да се договориме. Му реков дека, доколку не ми бидат вратени пари до 16 часот, ќе одам во полиција, затоа што јас немам повеќе време за губење и морам да ангажирам други мајстори. На крај краева, зарем можам тој човек воопшто да го поднесам во мое присуство?! Наредниот ден и овој човек не ми креваше телефон. Заборавив да спомнам дека откако одлучив да одам по патот на законот, никаде не можев да ги најдам потпишаните документи (претпоставката е дека и тие ми се „здиплени“).

Единствената опција во ваков случај на немање документ е да се поднесе поплака, а доколку не изреагира „дотичниот“ да се преименува во кривична. Е сега, она што го собрав – како „памет за другпат и за други“- од инспекторот е тоа дека ваквите криминалци се толку јако влезени во „шемата“ што дури и законот ништо не им може, а истиот тој закон никако не ги штити измамените. Точно знаат до каде можат да одат, па дури и со поседување на документ имаат опција да одолговлекуваат дека почнале со градба и ќе завршат (не е важно ако помине и цела година). Она кое, меѓудругото, го дознав, е дека славниот мајстор веќе има две условни казни за кражба и измама, а и мојата градежничка, исто така, во своето криминално досие има запишано измами. Подзинав…И како сè уште да не сакам да поверувам дека жената, нели христијанка, што во секоја прилика го величеше името Господово, била само уште еден криминалец.

Ем шуто ем боде, до денес ова е крајниот епилог. Наеднаш мајсторот најде време да ми се јави. Но, не со извинување, туку со закани, затоа што сум го пријавила, а тој имал сведок дека работата чинела 8.000 евра, а не 4.000! Па и 80 000 да вреди (а не потоши ни 2.000, ама ај), ние сме се  договориле за 4.000. А знаете кој е сведокот? Господинот градежник, сопругот на мојот некогашен „ангел чувар“.

„Е сега ќе ми платиш уште толку, па да дојдам да ти работам!“, ми дрекна.

А бе, другар, јас не сакам очи да ти видам, не да ми доаѓаш да ми работиш. Сакам само да не продолжите да стрижете овци како мене, барем не ранливите категории. А во име на тоа, ова е мој апел до надлежните служби посериозно да се позанимаваат со оваа група на „граѓани“, да сменат закони ако треба, бидејќи господа, што значи тоа условна бе? Искради си дебели пари, за*би успут 100 души и ќе те „казниме“ парите да си ги трошиш само во матичната држава? А бе сте им го накршиле! Зошто јас со таа пријава, па дури и ако кривично одговара, не добивам обештетување, туку, како што и самиот инспектор ме посоветува: „само нервози и изгубено време по судови“?

Единствено верувам дека ќе бидете мудри и ќе научите од туѓите грешки (во случајов мојата) и ќе отворите „шеснаесет“ очи пред да му ја дадете некому својата доверба. Колку и да не сакаат таквите како мене да поверуваат во тоа, факт е дека живееме во страшно суров свет, каде врв на достигнувањето е да за*беш некого и од тоа да се луксузираш. Ниту препораките не ги земајте здраво за готово, зошто очигледно е дека освен сами на себе, не постои друг кому можете да му верувате.

П. С. Идентитетот на измамникот ќе биде откриен откако ќе заврши судската процедура, бидејќи ако сега го откријам, нема да ми биде признаен ниту еден доказ.

 

Слични објави

(Фото) Ќерката на Том Круз наполни 18 години: Од него ни трага ни глас, дури ни на роденденот на Сури

еспресо

„Ги преминува границите“: Марија Шерифовиќ проговори за грижата на својот син, а поради него имала расправија со мајка си

Еспресо

Ограбена Сандра Африка! Пејачката доживеала хорор на бензинска пумпа во Словенија

Еспресо

(Фото) Прослава во домот на Неда Украден: Пејачката сподели убава вест и испрати емотивни зборови до најважната личност во нејзиниот живот

Еспресо

(Фото) Мина Наумовиќ покажа колку ужива во мајчинството: Објави селфи што го одзема здивот

Еспресо

(Фото) Доживела страв и ужас: Ива Гргуриќ се огласи од Дубаи по страшните поплави

Еспресо
Се вчитува....