Планетарниот научник Шон Маршал од опсерваторијата „Аресибо“ во Порторико и неговите колеги минатата недела на 54. годишен состанок на Одделот за планетарни науки на Американското астрономско друштво, го претставија своето откритие за „чудното однесување“ на астероидот кој го предизвикува спектакуларниот годишен метеорски дожд Геминиди и кој може да помине релативно блиску до Земјата.
Набљудувајќи ја променливата светлина на астероидот „3200 Phaeton“ научниците заклучиле дека тој почнал да се врти сè побрзо и побрзо по својата оска, скратувајќи ја ротацијата за околу 4 милисекунди секоја година. Ова откритие ги изненадило бидејќи вртењето на астероидите обично не се менува.
Разбирањето на она што се случува со Фаетон може да даде подобар увид во класата на астероиди кои се сметаат за „потенцијално опасни“. Овој астероид моментално не претставува никаква опасност за Земјата, но со својот пречник од 5,8 километри, доколку случајно би удрил во нашата планета, би можел да предизвика значителна штета.
Покрај тоа, ни се приближува доволно блиску што значителна промена во неговата орбита од 524 дена може да предизвика одредена загриженост, пишува Science Alert.
3200 Фаетон е всушност многу необичен астероид. Во текот на неговата орбита, како комета, се приближува до Сонцето и зад себе остава правлива опашка. Но, за разлика од кометите, се чини дека на неговата опашка нема мраз, поради што експертите и го дадоа прекарот „камена комета“.
Дополнително, тој е еден од само двата астероиди кои произведуваат метеорски дожд. Обично за тој небесен спектакл се одговорни кометите. Астероидот има впечатливо сина боја, додека повеќето астероиди се црвеникави или сиви.
Светлината на Фаетон се менува додека ротира околу својата оска, што значи дека по некое време научниците успеале да го одредат неговиот приближен период на ротација од околу 3,6 часа. Меѓутоа, за на него да се спушти летало, неопходни се попрецизни податоци.
Маршал започна со работа на подетално одредување на неговата големина, форма и ротација, при што открил нешто многу необично.
„Предвидувањата од моделот на обликот не одговараа на податоците. Сфатив дека периодот на ротација на Фаетон пред набљудувањето во 2021 година постепено се менуваше, можеби поради неговата активност кога беше во близина на перихел во декември 2020 година“, објасни Маршал.
По подетална анализа на целокупниот сет на податоци, кој го опфаќа периодот од 1989 до 2021 година, тој откри дека оваа промена може да се објасни со постепено, постојано забрзување и губење на периодот на ротација од 4 милисекунди годишно. Гледајќи на годишно ниво, ова не е голема промена, но како што минуваат децениите, станува се поизразена.
Експертите не знаат точно зошто се случува ова. Можно е да се работи за губење на маса, при што доаѓа до забрзување на ротацијата. Тоа може да биде и ефектот “Yarkovsky-O’Keefe-Radzievskii-Paddack” (YORP), кога топлината на ѕвездата влијае на брзината на вртење на мало тело, како што е астероидот.
View this post on Instagram