3.8 C
Скопје
15:34 - 20 декември, 2024

На еспресо со Дарија Андовска, композитор и декан на ФМУ: Сè што сум постигнала се должи на овие десет прсти и една глава

Дарија е вруток на енергија. Неуморна и стасува секаде и во професијата и во приватниот живот. Секогаш со широка насмевка и отворено срце. Успесите во кариерата не ја зашеметуваат, туку се обврска за наредните чекори. Почетокот на оваа академска година го означува и нејзиното „деби“ како декан на Факултетот за музичка уметност.

фото Маја Аргакиева

Родена е и порасната во Скопје, дипломирала композиција на ФМУ во класата проф. Гоце Коларовски, магистрирала современа и филмска музика на ZHdK во Цирих, во класите на Изабел Мундри и Доменико Ферари, а била и на докторски студии во класата на Каја Черновин, Харвард Институт. Автор на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти. Нејзините композиции се изведувани на концерти и фестивали во Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Кина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Грција, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Шпанија, Норвешка, Унгарија, Украина, Азербејџан, Австрија, Јапонија, Албанија, Русија, Турција, Мексико, Малта, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, Сан Марино, САД, во концертни сали како Roy & Edna Disney Hall во Лос Анџелес, Bayerische Staatsoper во Минхен, Megaron во Атина, Gare du Nord во Базел, Dampfzentrale во Берн, Beijing Concert Hall, Софиска филхармонија, Коларац во Белград, Schloss Solitude во Штутгарт, Wigmore Hall во Лондон од врвни светски и македонски изведувачи. Избрана е меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за проектот MusMA – Music Masters on Air 2013/14. Номинирана за наградата „Виртуоз“ 2014 за најдобар композтор во Македонија. Добитник е на наградите „Истакнат уметник на Град Цирих – Композитор“ за 2014/2015, „Виртуоз“ 2015 за најдобар композитор во Македонија, „Панче Пешев“ 2018 на Сојузот на композитори на Македонија за највисоко достигнување од областа на музичкото творештво. Била претставник на Македонија за СЕЕС 17+1, Кина и земјите од централна и источна Европа. Уметнички раководител на фестивалот Денови на македонската музика за 2013-2015 и 2019-2021 година. Редовен професор е по композиција и група теоретски предмети на ФМУ – Скопје и гостин професор на ФДУ – Скопје.

Дарија, за почеток да ти ја честитам новата академска година на новата функција декан на ФМУ. Дали повеќе се радуваш или стрепиш?

– Предизвик е во секој случај. Со оглед на глобалните и локални состојби и кризи во изминатите три години, кои не само што не завршуваат, туку и се продлабочуваат, изнимно е тешко преземањето на толку одговорна функција, преку која не само што треба да се совладуваат тековните проблеми, туку и да се опоравува факултетот од силните здобиени удари во неодамнешното минато. Гледам дека колегите со ентузијазам и радост го очекуваат новото раководство, па тоа ми дава и поттик и надеж, па и елан за влегување во костец со актуелните проблеми.

Дарија портрет на Горан Димов

Треба ли да се биде во некоја партија за да напредуваш во кариерата?

– За мене лично таквата премиса е навреда, иако сум свесна дека кај нас нештата функционираат доминантно на тој начин. Мојот пласман во светот многу повеќе зборува за тоа – во светот не ги интересира дали и кој е во која партија, туку ги интересира кој што нуди и со каков квалитет е тоа. Без лажна скромност ќе си кажам дека сите мои успеси и напредувања во кариерата не само што не се потпомогнати од некаква партија, туку напротив. Сето што сум го постигнала се должи на мој труд, вложување во себе, на овие десет прсти и една глава, како што ме воспитуваа моите родители, кои беа скромни интелектуалци. Се разбира, поради таквата констелација, сето барало и двојно, тројно повеќе работа и издржливост, но конечно – никој ништо не може да ми земе, оти никому ништо не должам.

Велиш дека ова ти е прво интервју во изминатава година. Ја нагаѓаш ли или ја знаеш причината?

– Можам само да претпоставувам. Моите размислувања и ставови често се пласирани во јавноста, па можеби и затоа делува дека сум постојано присутна, но интервју од областа на уметноста и музиката, што ми е професионална определба – ете, изостанало, и покрај бројните концерти и успеси годинава.

Во меѓувреме, твојата композиција „даМар“ доживеа премиера во Белград, а беше поканета и учествуваше со неа на неколку музички настани во Берлин, Црна Гора… Дали оваа композиција со суптилно вткаени фолклорни елементи ја сметаш за врв на твојата композиторска кариера?

– Не смеам така да помислам за ниту една композиција, оти тоа би значело и крај на моето развивање како композитор, а развојот и надградбата на сите уметници се доживотни – секое наредно дело треба да е подобро и да го надмине претходното. „даМар“ е еден сублимат на мојата досегашна работа, но и осврт на емоционалната состојба во која моментално се наоѓа Македонецот, ерупција и кршење истовремено, оти уметниците треба да се огледала на своето современие. Патем, „даМар“, напишана за Саша Мирковиќ и ансамблот Метаморфозис, на кои им е и посветена, освен низ Европа, беше изведувана и на 67. Интернационален Рострум на Композитори, што беше емитувано и на 34 светски радио-станици специјализирани за современа музика.

Што уште се „крчка“ во твојата музичка кујна?

– Па, само до декември имам нарачки за дуо гитари, соло пијано, балетски перформанс и театарска претстава (се смее, н.з). Има бајаги работа.

Предизвиците не ти се страни. Храбро се фаќаш во костец со нив. Дали се сметаш за борец?

– Сите сме борци. Мене животот ми поделил вакви карти, некому поинакви, а секоја планина е со своја тежина. Она што го знам со сигурност е дека не се откажувам се’ додека постои 0,02% шанса, достоинствено прифаќам пораз и одам понатаму, а и дека во мојот речник не постојат изговори, „не можам“ и „ме мрзи“. Ако се сака, за сè се наоѓа начин, а ако не се сака – се наоѓа изговор. „Не можам“ = „не сакам“.

Дарија на протестите, фото Сашо Димовски

Беше дел од протестите против „францускиот предлог“. Од нив излезе и онаа убава фотографија каде што го бакнуваш прозирниот штит на еден полицаец. Што е за тебе патриотизам и дали во Македонија го има доволно за да си ја одбраниме од разноразни непристојни предлози и уцени?

– Патриотизам за мене е, пред сè, почит кон предците, нивната безрезервна борба и нивните тешки жртви во името на иднината на нивните деца, т.е. нашата сегашност. Патриотизам е да се критикува она што не чини, да се пофали она што е добро, да се чува и негува мајчиниот јазик, културното и историско наследство, природата и врутокот таленти на оваа почва, да се инвестира во општо добро, без калкулации и лични, лукративни интереси. Патриотизам е борбата за правда и слобода, без разлика дали тоа е од лична полза (најчесто не е). Патриотизам е да се негуваат корените, со поглед вперен во иднината.

Што за тебе значи општествен активизам?

– Култура на живеење и комуникација, свесност за околината и ситуацијата; моите постапки да не ги демантираат моите зборови и ставови, туку да даваат добар пример. Да ми е чист образот и да го чувам образот на моите родители, како и на евентуалното идно потомство.

Летово не застана, беше на Маурициус, во февруари во Шри Ланка и на уште некои места. Патувањата ти се страст. Што учиш и дознаваш на нив?

– Да, навистина ми се патувањата страст и една од најважните инвестиции во себе – сакам да го истражувам светот колку што сакам да ја истражувам Македонија. Запознавам нови, различни култури, ја пробувам нивната храна, го искусувам нивниот начин на живот, се информирам за нивната историја, доживувам нови пејсажи, мириси, бои, звуци – сето тоа ми е непроценливо богатство, експанзија на душата. Татко ми еднаш одамна ми кажа дека патувањата и искуствата се сè што ќе ти останува – материјалните работи се минливи, потрошни, а ова останува со тебе до крајот на животот. Мојот концепт вели барем еднаш годишно да појдам во земја или на место каде никогаш не сум била и да пробам нешто ново.

Ги имаш милениците кучето Страшо и мачката Милица дома; ги сакаш животните и се трудиш да ги заштитиш бездомните четириножни талкачи по скопските улици. Каков е нашиот генерален однос кон животните?

– Односот кон животните е вистинскиот приказ на едно општество. Кај нас уличните животни се под постојана закана од малтретирање и физички напад од луѓе (да, има агресивни животни, но тоа е резултат на агресивноста на луѓето кон нив), се напуштаат миленици или се фрлаат кутриња и мачиња во кутии… безмилосно и без трошка емпатија. Какви сме кон животните, такви сме и кон луѓето.

Дарија со Мице

Од каде таа навидум неисцрпна енергија? Што најмногу те заморува и демотивира?

– Свесна сум за својата минливост и краткорочност уште од претшколска возраст. Свесна сум за убавините и тешкотиите кои ги серивра овој краток живот на планетава и се трудам да извлечам максимум од овие неколку децении живот кои ми се дадени. Замислете, колку коинциденции требале да се случат и што сè требало да се поклопи за, во историјата на вечноста, токму Вие и токму јас да се родиме на сината планета и да имаме можност да јадеме сладолед, на пример.
Ништо не може да ме демотивира, само треба да проценам кога е време да се повлечам, да бидам како вода.
Ме заморуваат лагите, кои лесно ги читам, како и сплетките. Немам време за тоа, треба да јадам сладолед (се смее, н.з)

Како тече еден вообичаен ден на Дарија, ако има такви?

– Навистина, нема таков ден, сите се различни. Она што би било НЗС се прошетките со Страшо, јога, медитација, пливање, утринско кафе и многу работа.

Слични објави

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо

„Се чувствував како несакано дете“: Наташа Беквалац проговори за нејзиниот татко, сакал син, но добил три ќерки

Еспресо

(Видео) Прескап подарок: Ана Николиќ се смири со дечкото и доби скапоцени подароци!

Еспресо

Анџелина Џоли не му дозволува на Бред Пит да се ожени младата Инес

Еспресо

(Фото) Снаата на Цеца блесна на славата на Свети Никола: Богдана позираше со сестрите Наташа и Бојана во вилата на Дедиње 

Еспресо
Се вчитува....