4.8 C
Скопје
22:09 - 11 март, 2026

Фросина од „Фросина“ ни го зготви највкусниот гулаш, еве го и рецептот

Го дегустиравме во гостилница „Фросина“, а ни го зготви шефот на кујната Фросина Ивановска, која заедно со сопругот Тони, се сопственици на гостилницата.

.

Не напразно „Фросина“ е гостилница, а не ресторан – зашто тука секогаш ќе бидете добро нагостени и да не речеме, прејадени. Вгнездена е на улицата „Платник“, на мирна локација, се служи строго домаќинска кујна, а пријатното музиче дозволува човек на раат да се изнамуабети додека ужива во храната. Амбиентот е „како да не си во Скопје“, туку во некоја тосканска „траторија“. А, го знаете она за Италијанците? Кога јадењето е во прашање, прашањето е „дове си манџа бене?“ (каде се јаде добро).

Е, баш тука се јаде добро. Во „Фросина“. Затоа чести гости се странците, ама и уметниците, спортистите и ете, ние, најобичните. Такви се и сопствениците на „Фросина“, најобични мили луѓе кои не се „занесуваат“ и покрај тоа што имаат добра причина за тоа – храната која ја служат.

Менито е прилично дебело, но наместо да се мислите што да пробате, прашајте што се јаде денес. Така и ние направивме:

-Што се јаде денес?

-Полнети пиперки, мусака, сарми од лозов лист, полнети тиквички, од чорби, телешка, шкембе, јагнешка, пилешка, полнет модар патлиџан, џигер во марамица, гибаница.

И ако одговорот повторно ви изгледа предолг, слободно „перонализирајте“ го прашањето.

-Што да јадам денес?

Така и ние направивме. И добивме гулаш со шпагети. Толку го бендисавме што ја прашавме шефицата за рецептот. А таа пак, несебично го сподели со нас. Ние, со вас.

Фросина, шефица на кујна

ГУЛАШ СО ШПАГЕТИ

Потребни намирници (за 4 лица)

300 гр. шпагети,

1 кг. кромид,

1/2 кг. свински шол,

ловоров лист,

црвен пипер,

црн пипер,

сол по желба.

Подготовка

Го лупиме и ситно го сечкаме кромидот. На малку зејтин во тава, кромидот го пржиме на „тивко“. Кога ќе порумени, го додаваме претходно исечканото месо на коцки. Додаваме филџан вода и оставаме да се „крчка“ и понатаму на ниска температура, околу 1 час.

10 минути пред гулашот да е готов, ги додаваме зачините.

Во меѓувреме, ги подготвуваме шпагетите на вообичаен начин.

Ги сервираме шпагетите во чинија. Врз нив го ставаме гулашот, па по желба декорираме.

Добар апетит!

Слични објави

Традиционални македонски рецепти: Посно макало од ореви

Еспресо

Три рецепти за освежувачки колач со лимон – одберете си го омилениот

Еспресо

Садење медитерански билки: Што им е потребно на лавандата, жалфијата, рузмаринот и ловорот?

Еспресо

Донесете пролетни вкусови на трпезата со печурки полнети со спанаќ и сирење

Еспресо

(Фото) Едно поинакво доживување! Не пропуштајте го рафтингот во Анталија, адреналинско искуство за паметење!

Еспресо

Ново издание на туристички водич за Македонија каде раскажувањето е со љубов

еспресо
Се вчитува....