Откако словенечката НБА ѕвезда Лука Дончиќ потврди дека ја раскинал свршувачката, многумина се запрашаа која е всушност Анамарија Голтес – манекенката и инфлуенсерка со која кошаркарот има две ќерки.

Според пишувањата на странските медиуми, Голтес во Калифорнија поднела барање за алиментација и покривање на адвокатските трошоци, но не побарала судска одлука за старателство. Во документите се наведува и дека во мај 2025 година со нивната постара ќерка се преселиле во Словенија, каде што оттогаш живеат, а нивната втора ќерка е родена во декември истата година.
Дончиќ потоа и самиот се огласи и порача дека децата му се на прво место.
„Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и направив сè што можев тие да бидат со мене во САД во текот на сезоната, но тоа не беше можно. Поради тоа неодамна донесов тешка одлука да ја прекинам свршувачката. Сè што правам, го правам за среќата на моите ќерки и секогаш ќе се борам да бидам покрај нив и да им обезбедам најдобар живот што можам“, стои во изјавата за ESPN.

Дончиќ и Голтес се во врска од 2016 година, а се запознале уште како деца на островот Крк, каде што нивните семејства со години летувале во истиот камп. Кошаркарот еднаш откри дека се запознале кога имале само околу 11 години.
„Ја запознав во Хрватска, во истиот камп во кој и сега одам. Се запознавме кога имавме 11 години – нешто така“, изјави Дончиќ своевремено во емисијата Headliners with Rachel Nichols на Showtime.
Кошаркарот, кој во НБА лигата носи дрес со бројот 77, ја запроси Анамарија на 7.7. 2023 година. Датумот на свршувачката симболично бил поврзан со бројот на неговиот дрес, а фотографија од романтичната просидба тогаш ја објави на Инстаграм. Фотографиите во меѓувреме се избришани.

Инаку, Анамарија е 28-годишна словенечка манекенка и инфлуенсерка родена во Загорје, Словенија.
Студирала на Економскиот факултет во Љубљана, а дел од студиите ги завршила онлајн додека живеела во Далас со Лука. Се посветила на манекенството и работа на социјалните мрежи, а пред да се насочи кон тие проекти повеќе од десет години се занимавала со танц.
Голтес во текот на кариерата соработувала со повеќе модни брендови и агенции, меѓу кои Lisca, Immortal Model Management и Campbell Models. Била и едно од заштитните лица на колекција накит на словенечката компанија Zlatarna Celje.
Таа е многу активна на Инстаграм, каде што ја следат повеќе од 277 илјади луѓе, а таму редовно споделува модни комбинации, патувања и моменти од секојдневниот живот.
Позната е и како голем љубител на кучиња, па на социјалните мрежи често објавува фотографии и моменти со своите четириножни миленици.

