Струмица му оддаде трајна почит на младиот тапанар Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоко, кој го загуби животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На 5 септември, во Градскиот парк кај Домот на АРМ, беше откриено спомен-обележје во негова чест и во сеќавање на 64-те жртви од трагедијата.
Особено емотивен беше моментот кога братот на Џоко, кој и самиот свиреше во негова чест, учествуваше во откривањето на спомен-обележјето. Пред присутните беше изведена музичка програма посветена на младиот тапанар, а неговиот лик беше прикажан на големото платно зад сцената.

На денот на настанот Џоко требаше да го прослави својот 26. роденден. Неговиот брат му посвети емотивна порака, во која зборуваше за празнината што ја оставил зад себе, но и за спомените што ќе продолжат да живеат.
„Денес требаше да наполниш 26 години, брате мој… Наместо да ти честитам роденден и да те гледам како се смееш, денес те барам во спомените и во секоја песна што ќе ја слушнам.
Ти не беше само мој брат… ти беше мојата гордост, мојата сила и човекот кој со своите тапани знаеше да внесе живот и радост каде и да се појавеше.
Денес твоите 26 години ќе ги славевме заедно, но животот ни ја остави само тишината и спомените. Секогаш ќе ми недостигаш. Секогаш ќе те носам во срцето. И додека чука моето срце, ќе живее и споменот на тебе.
Среќен 26-ти роденден, брате мој. Таму каде што си, нека одекнуваат тапаните како што некогаш одекнуваа во твоите раце.
Те сака твојот брат. До повторно видување…“, напиша братот на Џоко.
Тој сподели и снимки од вечерта, а покрај една од нив напиша: „Вечно ќе живееш, брате мој, гордост моја. Те сакам. Среќен небесен роденден“.

Одбележувањето започна со „Марш на сеќавањето“, кој тргна од булеварот „Гоце Делчев“ кон Градскиот парк. Потоа следуваше музичка програма и свечено отворање на спомен-обележјето. Во програмата учествуваа Летната школа за гитара „Џоко Ѓоргиев“, Благица Калева, Иван Кукиќ, Ивана Василева и Јовче Пандев, а беше изведена и програмата „За Бато Џоче“.

Џоко беше тапанар на групата „ДНК“ и беше дел од концертот во „Пулс“ кобната ноќ на 16 март 2025 година. Младиот струмичанец меѓу своите сограѓани беше познат и како „Џоко Тапанаро“. По неговата смрт, бројни пријатели, колеги и музичари се простија од него со емотивни пораки, сеќавајќи се на неговата ведрина, хуманост и голема љубов кон музиката.
Спомен-обележјето во Струмица сега останува како траен белег за Џоко, но и како место на сеќавање на сите 64 млади животи згаснати во трагедијата во Кочани.
