-4.2 C
Скопје
00:06 - 23 декември, 2024

Скопје евергрин: „Скопје се живее на улица“; Разговор со Ана Зафирова, новинарка

Ако треба детството да го опишам по вкус, тогаш тоа е капричозата на Фуфо, плескавицата во Автокоманда, киселото млеко од дуќанот на КПД Идризово, сладоледот во Санчо и бозата кај Апче, која и денес е врзивното ткиво.

Во Скопје проблемите се стари, ама луѓето се нови. Темите се стари, ама има нови приказни за нив. А има и новитети во старите приказни и насобрани проблеми на купче. Сега градов, иако е мој, како веќе да не ми е по мерка.фото – приватна архива

 

На Ана Зафирова не ѝ треба многу претставување. Се сеќавам на неа од нејзините ТВ почетоци: оган-девојче кое без трема, со отворен поглед кон камерата и соговорниците ги водеше разговорите во Утринската програма на МТВ. Потоа ја гледавме, слушавме и читавме и во многу други медиуми, за сега да ги следиме нејзините видео приказни на Дојче Веле (DW).

„ТВ кариерата ја започнав како средношколка од гимназијата „Јосип Броз“ на 16 години, во тогашната утринска програма на МТВ“, го започнува Ана својот Скопски евергрин и додава: „Таму останав 4 години, до едно утро кога, Горан Величковски ми ја даде првата понуда за трансфер во Канал 5. Со тоа и мојата одлука дека новинарството и полето на комуникациите ќе бидат моја професија станаа дефинитивни. Инаку, работев за време студиите и дипломирав Македонска книжевност на Филолошкиот факултет Блаже Конески. Тоа беше супер искуство. Фала му на Бога, успеав да избегам од обидите да бидам човек од „информативна“. Мене ме интересира животот на невидливите луѓе кои го прават богат нашиот град. Така настана и „Врти-сучи, тоа ти е Скопје“ – како хроника на еден град во едно време, во која со креаторите на животот во градот пред објектив го „сециравме“ Скопје. Во суштина, темите сами си се изнедруваа и ги правев и сеуште ги правам блиски, човечки, топли. Во меѓувреме работев новинарство на различни платформи: во радио „Уно“ и радио „Клуб ФМ“, потоа во „Жена“, а најзвучната функција ми беше главен и одговорен уредник на магазинот „Теа Модерна“. Ама ништо од тоа не е важно, затоа што јас сакам да се бавам со новинарство за луѓе, како и тоа да звучи. Затоа сум благодарна што секогаш по патот сум наидувала и на луѓе – знаци, кои ми покажувале каде и како треба натаму. Тие ми ја канализираат љубопитноста, ми даваат правец, будејќи ми ја истовремено и совеста“.

Кои ти се најраните сеќавања на Скопје?

– Јас и сега сакам да зборувам за градот и за сеќавањата во сегашно време, затоа што така ги чувам живи и моите предци и спомените. Раното детство ми е на споменикот и клупите во Жена парк, со баба ми и дедо ми, турите со точак од Аеродром до Градски парк и назад ми се со татко ми и сестра ми, саботите за шопинг ми се по ГТЦ и „Мавровка“ со мајка ми. Основното училиште го минав во „Аеродром“, „спалната соба“ на Скопје, која тогаш беше изградена, населена со млади семејства. Замислете врвулица од деца кои играа сѐ и сешто на пространите плочници и тревници: жмурка, грабни стапче, игри без граници, плочка, правевме избор на мис во зграда, игравме „Династија“… Фуфо редовно нѐ частеше пица од неговата прва пицерија „Дал Фуфо“ (јас живеев во таа зграда), а секогаш ни даваше и вода кога, задишани од трчање, ќе се наредевме пред излогот за да земеме здив. Ги паметам семејните неделни ручеци во „Кермес“ или „Дестан“. Ако треба детството да го опишам по вкус, тогаш тоа е капричозата на „Фуфо“, плескавицата во Автокоманда, киселото млеко од дуќанот на КПД „Идризово“, сладоледот во „Санчо“ и бозата кај „Апче“, која и денес е врзивното ткиво.

Растев безгрижно, пред зграда, заиграна во маалски игри. Со „крупни“ детски грижи за другарите и училишните обврски. Имам топли спомени од таа животна фаза, кои ме греат и денес. А моите родители имаа еднакви предизвици како и јас денес, егзистенција, професионален развој и воспитување и подигнување на ќерките. Потоа се преселивме во Капиштец, кога требаше да се запишам во средно училиште и тоа беше крупен пресврт во тинејџерските години, на кој брзо се прилагодив.

И денес живеам во Капиштец. Скопје има многу улици и булевари, но „Народен фронт“ е мојата „аорта“. Улица на апсурди, со најмногу шахти по нејзината должина, каде во објектите од времен карактер се најскапите кафулиња и ресторани во Скопје, а каде гостите во угостителските објекти избегнуваат да плаќаат паркинг и каде нашиот мир редовно е изместен од бучното музичкото мени на некои „битни скопски фаци“. Некогаш шансата за иднина во Скопје одеше преку улиците со коцки, денес тоа е „Народен фронт“.

Што најмногу ти пречи во Скопје?

– Знаеш, во Скопје проблемите се стари, ама луѓето се нови. Темите се стари, ама има нови приказни за нив. А има и новитети во старите приказни и насобрани проблеми на купче. Сега градов, иако е мој, како веќе да не ми е по мерка. Непотребно расте, се шири, а не знам кој ќе живее во сите оние згради набоцкани на секое празно зелено место, кога државата ни се празни. Го чувствувам како се гуши, од некултура, од валканост, од лични интереси и лоши одлуки, од некадарни луѓе кои го водат сигурно во пропаст (има исклучоци, ама тие некогаш беа стандардот, а сега се скапоцено камче). Како да се решат проблемите? За почеток ќе ги поканам одговорните да се симнат од социјалните мрежи, нека прошетаат по градот, по општината.

Во Скопје треба да се живее на улица, а таму е „топлотен остров“ од проблеми. Градот не смее да го води ПР службата. Не можам да сфатам како може секој следен градоначалник на Скопје да е полош од претходниот. Отидоа курбан дрвјата на „Климент Охридски“, „Орце Николов“, „Васко Карангелевски“, „Рузвелтова“; отиде курбан Чаршијата, а некогаш хајка се водеше за куќата на Иснифарис Џемаили која отстапуваше од визурата на Чаршијата. А ерата на бетонизација допрва доаѓа… Не сум ич оптимист, иако тоа ми е карактерна црта. Единствено што сè уште се надевам дека обединети можеби ќе спасиме делови од Скопје. И се надевам на феникс табиетот што го носи, го чекам да нѐ изненади.

Кога си надвор од градот подолго време, што најмногу ти недостасува?

– Погледот од булеварите „Партизанска“ кон Шара и од „8 – ми Септември“ кон Скопска Црна Гора напролет, додека тие сè уште се со снег. Потоа, мирисот на липите, непосредноста и блискоста со луѓето во Скопје и моите „две раце луѓе“.

Што од Скопје би сакала твоите деца најмногу да паметат?

– Сигурно ќе ги паметат непроспаните ноќи од музиката на кафулето „Интермецо“, тоа им е веќе врежано. А јас се трудам да имаат спомени од Водно и Сарај, од Матка. Во Чаршија на трилече и тулумба, ќебапчиња и батаче кај „Тото“ и со точак низ цел град.

Кое е твоето омилено место за кафепиење (освен дома)?
– Имам различни ќошиња, ама за кафе ритуал ми е „Синдикат“ во Дебар Маало.


Јас сум дете на МКЦ уште од „Лица без маски“

„МКЦ е моето место, кое за среќа успешно ги преживува сите „земјотреси“, зашто во него има квалитетна „арматура“ која се вложува(ла) со децении за да може тоа место да остане расадник на граѓани. МКЦ трае од моите средношколски денови и се протегнува до ден денес. Го издвојувам прв, како столб на моето социјално зреење. А инаку, како ученичка од „Јосип Броз“, пред или по школо ме имаше на Булевар ЈНА во „Булевар“, „Тротоар“, „Мејкап“, но најмногу во „Паола“. Дискотеките во парк беа жариште на добра забава, иако си имам свои фаворити, зимските дискотеки „Колосеум“ и „Б2“, затоа што таму ги славев родендените на „Врти-сучи, тоа ти е Скопје“.“

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....