24.8 C
Скопје
15:47 - 29 март, 2024

Што се менува за иранските жени со укинувањето на полицијата за морал: Проблемот не е само хиџабот, туку обврските предвидени со закон

Иран ги суспендираше активностите на полицијата за морал – симболот на репресија на режимот, но што би се променило со нејзиното укинување.

Полицијата за морал, еден од симболите на репресијата на режимот на ајатоласите во Иран, падна. Иранската влада одлучи да ги прекине активностите на ова тело, како што најави јавниот обвинител на земјата, Мохамад Џафар Монтазери.

По речиси три непрекинати месеци протести, кои избувнаа по смртта на Маша Амини, младата 22-годишна девојка која беше уапсена од полицијата за морал зашто неправилно носела хиџаб, и која почина во притвор, Исламската Република Иран ги покажува првите знаци на попуштање. Јавниот обвинител Монтазери изјави дека „моралната полиција нема врска со правосудството, а може да ја укине оној кој ја создал“. Во меѓувреме, иранските пратеници, наводно, работат на ревидирање на законите за кодекс на облекување на жените кој треба да биде готов во рок од две недели. Оваа вест експертите ја толкуваат и како успех на демонстрациите и како ограничена одлука донесена предоцна, по повеќе од 400 смртни случаи.

Од камшкивање до 60 дена затвор

Основана во 2005 година, полицијата за морал (Гашт-е Ершад) е гранка на иранската агенција за спроведување на законот која има прецизна задача да го спроведува кодексот на облекување за жените, воведен по иранската исламска револуција во 1979 година. Револуцијата ја заврши ерата на династијата Пахлави, трансформирајќи ја монархијата во шиитска исламска република, чиј устав и закони се засноваат на строго толкување на шеријатот. Затоа полицијата за морал има задача да апси луѓе кои го прекршуваат кодексот на облекување, според кој жените мора да носат хиџаб (превез), како и долга и широка облека за да ја сокријат својата фигура. Откако ќе бидат уапсени, полицијата ги носи жените во „поправни установи“ или полициски станици каде што ги учат како да се облекуваат. Потоа, жените ги враќаат кај нивните роднини – исклучително мажи, откако ќе ветат строго почитување на правилата и – само во некои случаи – по плаќањето на казната која не е предвидена со закон. Жените кои не го почитуваат кодот и кои не ја покриваат косата во јавност, според законот воведен од иранскиот парламент во 1983 година, можат да бидат казнети со 74 удари со камшик, а според последниот амандман, може да бидат казнети и до 60 дена затвор.

Што се менува со укинувањето на полицијата за морал?

Укинувањето на полицијата за морал може да се смета за историски настан и многумина се надеваат дека ова е само првиот знак за можен демократски пробив, но сепак, не е. Укинувањето на Гашт-е Ершад не е доволно за да може да се зборува за победа и успех на протестите, кои избувнаа по смртта на Маша Амини.

Ако од една страна, самиот конзервативен претседател Ебрахим Раиси зборуваше за „флексибилен устав“, отворајќи можност за културна револуција, од друга страна самиот Раиси е зависен од гласовите на најнепопустливите конзервативци кои го донесоа на власт. Понатаму, иако активноста на полицијата за морал е суспендирана, тоа не ги поништува законите со кои одреден вид облека и хиџаб се задолжителни. Проблемот не е (само) хиџабот, туку обврската и ограничувањето на кои се подложени жените. Доволно е да се каже дека на 15 август 2022 година, претседателот Раиси потпиша декрет според кој на жените кои ги објавуваат своите фотографии на социјалните мрежи без хиџаб им се одземаат одредени социјални права (влез во канцеларии, банки и јавен превоз) за период помеѓу шест месеци и една година. Така, оваа одлука покажува само извесен замор и слабост на власта по три месеци протести на жените на плоштадите и стотици смртни случаи, но не значи целосен демократски пробив.

Впрочем, додека обвинителот Монтазери најавуваше олабавување на кодексот на облекување, срушена е куќата на алпинистката Еланаз Рекаби, која без превез се натпреваруваше на Азиското првенство на Меѓународната федерација за спортско качување во Сеул. Рекаби останува во домашен притвор.

 

Слични објави

Тронот на Монако може да го преземе сестрата на принцот Алберт: Неговиот татко се сомневаше во него! 

еспресо

(Видео) Андрија Милошевиќ на уникатен начин го прокоментира разводот на Драгана Мирковиќ: А што е со неа, дали е здрава?

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ гордо го покажа скапиот прстен што го доби од Драган и објасни како го добива она што го сака

К. А.

(Видео) Прекинат концертот на Александра Пријовиќ во Бања Лука, пејачката веднаш реагираше

Еспресо

Се нижат смешни коментари за разводите на Драгана Мирковиќ и на Харис Џиновиќ: „Зорица и Кемиш ни се последна надеж“

еспресо

Змијанац го коментира разводот на Харис Џиновиќ: „Не знам зошто сите полудеа, разводот е зло“

еспресо
Се вчитува....