3.8 C
Скопје
21:50 - 20 декември, 2024

ШЕТАМЕ И ДЕГУСТИРАМЕ ВО КРАТОВО: На пастрмајка наместо пастрмајлија, на катмер наместо зелник, на боденик – а не на пита

Пастрмајката е најпрепознатливиот кратовски бренд, но не прескокнувајте ги мантиите, арм’кот, к’цаната сол, триаголната сарма од лозов лист, качамакот, катмерот, зелникот со потпечени кори, боденикот, вртената баница, топеницата, погачите, маџунот, лангитите, прженицата, домашно произведените млечни производи, суканите баклави, кратовската ракија и вино.  

Младен Мицевски (27), познат како еден од најдобрите промотори на Кратовскиот Регион, е нашиот туристички и гастрономски водич низ Кратово. Младен е наставник по стручни предмети од угостителско-туристичка струка во средно училиште во Кратово, главен фокус му е националната гастрономија и традиционалните македонски и локални специјалитети, а работи и како туристички водич.

Доколку престојуваме на еднодневна посета на Кратово, што ни препорачуваш да видиме во овој град?

– Кратово е град – музеј под отворено небо. Бројното природно и културно наследство на толку мал простор ретко некаде може да се сретне, а тоа е токму она што Кратово го нуди. Би рекол, за да се доживее Кратово, сепак, би требале неколку дена. Но, доколку зборуваме за еден ден, она што не треба да се пропушти е централното градско јадро во кое е сконцентрирано најмногу културно богатство. Од културното наследство би требало да се посетат: Музејот на град Кратово и средновековните кули; средновековните камени мостови, Ајдучката чаршија, сокаците, староградската архитектура, различните културни влијанија кои можат да се забележат во некогашните турски, христијански, еврејски и католички делови на градот, подземните ходници, црквите „Св. Јован Крстител“ и „Св. Никола Чудотворец“, Радиниот мост, старите борови и друго. Посетата на етно куќа „Шанчева“ исто така не би требало да се прескокне, зашто таму може да се искусат културната и гастрономската димензија на Кратово. Камените кукли во с. Куклица, воедно би требало да бидат дел од еднодневна посета на Кратово. Сепак, еден ден е малку за Кратово.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Колку за Кратово може да се каже дека е популарна дестинација меѓу странците кои ја посетуваат Македонија, ги дочекавте ли годинава? Што ним најмногу им се допаѓа во овој град?

 – Да, странските туристи се присутни. Пред пандемијата можеби во далеку повисок број, но оваа сезона повторно навраќаат. Она од што се воодушевени странските туристи е токму богатата историја на градот и неговото значење во текот на историјата. Ги фасцинираат и сите културно-историски објекти кои ги посетуваме, но не остануваат рамнодушни ниту на природното богатство со кое располага Кратово. Честопати релјефните форми и остатоците од изгаснатиот вулкан во чиј кратер лежи Кратово се причина повеќе приказната за Кратово да биде примамлива за туристите. Вулканските бомби, Цоцев Камен, високите карпести ридови околу градот, водопадите по теченијата на реките кои го формирале својот пат низ карпите се само дел од природните богатства со кои Кратово ги освојува туристите. Но, дефинитивно, оној исказ дека „љубовта доаѓа преку стомакот“ е забележителен кај секој турист во Кратово. Кратовската гастрономија изобилува со многубројни специјалитети и храна која се произведува локално. Нема турист, а да не ужива во зеленчукот, овошјето, млечите производи произведени во Кратово, како и специјалитетите што се готват. Оваа година има странски туристи, од неодамна повторно почнаа и редовните групи од Полска кои доаѓаа и пред пандемијата. Индивидуално и од западноевропските земји доаѓаат туристи.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Кои кафеани, односно гостилници, ги препорачувате за посета во градот и околината?

– Кратовските ресторани во својата понуда имаат и кратовски специјалитети кои туристите сакаат да ги пробаат. Постојат повеќе угостителски објекти кои подготвуваат превкусна храна како што се гостилница „Кај Спиро“, ресторан „Александрија“, со можност да се влезе во подземните ходници, хотелот „Кратис“ и градската кафеана „Гурман“, ресторан „Лидер 2019“, ресторан „Кратовска куќа – кај Кузе“, ресторан „Куклица етно“ веднаш до локалитетот Камени кукли“, пица бар „Кану“ и други.

Освен препознатливата кратовска пастрмајлија, кои специјалитети се карактеристични за регионот и што треба да дегустираме? И, по што е специфична пастрмајлијата за оваа област?  

 – Прво мора да напоменам дека во Кратово немаме пастрмајлии, туку пастрмајки. Разликата од пастрмајлиите се гледа во подготовката на тестото и употребата на пушеното месо. Многу туристи тврдат дека пастрмајката е највкусниот специјалитет од сите слични видови (пастрмајлии). Да, навистина пастрмајката е најпрепознатливиот кратовски бренд, но дополнително би можеле да ги промовираме и мантиите, арм’кот, к’цана сол, триаголна сарма од лозов лист, качамак, катмер (зелник), зелник со потпечени кори, боденик, вртена баница, топеница, погачи, маџун (слатко од тиква), лангити, прженица, домашно произведени млечни производи, сукани баклави, кратовска ракија, кратовско вино и други.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Дали се денес бројни производителите на вино и ракија и што е специфично во однос на автентичниот пијалак од регионот?

– Сè уште постојат домаќинства кои во домашни услови си произведуваат вино и ракија. Едни од најдобрите тероари за одгледување на винова лоза се токму вулканските места, па оттука Кратово има одлични услови за одгледување на лоза и подготовка на вино. Лозовите насади за разлика од минатото се намалени, но сè уште постојат. Винарскиот подрум на компанијата „Земсил РИК Силекс“ е производител на вино и ракија, а сите други производители си произведуваат за себе во домашни услови.

Што е со услугите за сместување, приватно сместување, како се движат цените? 

– Постојат повеќе објекти кои нудат сместување во Кратово. Хотелот „Кратис“ располага со најголем капацитет и тоа околу 60 легла. Сместување може да се најде и во Етно куќа „Шанчева куќа“, „Куклица етно“, „Бриџ апартментс“, „Апартмани Кратово“ и „Вила Феровиа“. Вкупниот сместувачки капацитет во Кратово се движи до 100 легла. Цените се различни и се движат некаде од 10 евра, па сè до 30 евра.

Кои занаети се најзастапени во Кратовско и без каков сувенир не треба да си заминеме?

– Во минатото занаетчиството било многу развиено, така што во Ајдучката чаршија имало голем број занаетчии (самарџии, чевлари, ковачи, пекари, шнајдери, јажари, златари итн.). Денес, за жал, занаетите се запоставени и тоа што може да се најде се чевлар, ковачи, самарџија, шнајдери, пекари. Најголемиот сувенир се секако спомените од Кратово. Но, сепак, некој рачно изработен сувенир на кој е претставен некој сегмент од Кратово е наједноставното нешто што може да се земе со себе. Понатаму, к’цаната сол, некое шише вино или ракија би биле поинтересен, иако можеби пократкотраен сувенир од Кратово.

Неодамна во Кратово гостуваше филсмскиот фестивал „Македокс“, каква беше посетеноста, недостигаат ли културни настани?

– Посетеноста беше задоволителна. Се пуштија неколку филмови и всушност тоа беше прво филмско искуство после панедемијата. Да, недостасуваат културни  настани, особено последниве две години. Но, во секој случај, веќе би требало да се навраќаме кон организација на настани и тоа големи. Не можеме да ги „преболиме“ и „Златните денови“ – голем музички спектакл кој навистина беше златен за сите кратовци/ки. За жал, неколку години се нема одржано.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Што, според тебе, освен соодветна промоција, недостига за развој на туризмот, кратовскиот, но и руралниот?

– Имаме многу работа со цел да го развиеме туризмот. Кратово секако е категоризирано како рурална средина, така што руралниот туризам е оној кој треба да го развиваме. Пред сè треба да се направи јавно тело или пак одделение за туризам во рамки на ЕЛС кое би почнало со спроведување на Стратегијата за развој на туризмот во Кратово. Првично, сите засегнати страни треба да го оформиме вистинскиот туристички производ кој би се понудил за поголем број туристи. Нормално, промоцијата недостастува и тоа пред сè промоцијата во рамки на дигиталниот маркетинг.

Ј.К.Д.

Слични објави

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо
Се вчитува....