7.8 C
Скопје
12:37 - 22 декември, 2024

Рождественскиот пост почна, разговараме со отец Даниел: Постот ни е потребен за да бидеме словесни суштества

За православните христијански верници започна Рождественскиот пост, кој ќе трае 40 дена, односно до Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос. Црковното правило, предвидува Рождественскиот пост да се пости строго во понеделниците, средите и петоците, на масло во вторниците и четвртоците, а во викендите дозволува да се јаде риба. Но, што претставува постот, зошто на православниот христијанин му се потребен пост и како правилно да постиме, дознаваме од нашиот соговорник отец Даниел Јовановски, шеф на Кабинетот на архиепископот г. г. Стефан и свештенослужител во манастирот „Св. великомаченик Георгиј“ во Криви Дол.

Отец Даниел Јовановски: Постот треба да биде и време во кое ќе „постиме“ од зависноста од секаквите паметни уреди, како и од купување и воопшто од посакување на недобројните непотребни предмети за кои потрошувачкото капиталистичко општество ни вели дека ни се од насушна потреба ‒ а не ни се.

Отец Даниел, пред да зборуваме за божиќниот пост, кажете ни зошто на православниот христијанин му е потребен пост?

– Постот ни е потребен за да бидеме словесни суштества. Во извесна смисла, сиот живот на христијанинот е непрестаен пост, оти повикани сме постојано да се воздржуваме од нарушување на Божјиот образ во нас, односно од сите дела на нечовечност, особено од гордоста, тој извор на сите зла, и од нејзините бројни плодови како: славољубието, страстољубието, среброљубието… Впрочем, и Самиот Христос постел и поучувал за ползата од постот, укажувајќи ни дека симбиозата од пост, молитва и добри дела ни е нужен услов за врвење по патот на уподобувањето на Бога.

Се вели дека луѓето што претпоставуваат дека значењето на постот се состои во нејадење одредени производи, длабоко грешат, дека телесниот пост без духовен нема да ја очисти душата. Што претставува духовниот пост?

– Да, несомнено грешиме ако мислиме дека постот се состои само во откажување од одредена храна. А таа грешка денес не е реткост. Сме се сосредоточиле на „гастрономијата“, постот станал синоним за диета, за детоксикација на телото. Еве, тој започна, и сега и по супермаркетите и по пекарите повторно ќе никнат написите ПОСНО, по рестораните ќе се наголемат посните специјалитети, па насекаде ќе имаме посни: сирења, кашкавали, млека, мајонези, торти, соини „шницли“, а во догледна иднина сигурно и посни кременадли, посни ребра… А сето тоа се производи што ниту се поевтини, ниту се помалку вкусни од нивните „мрсни“ верзии. И каде е тука постот? Во ред, законската форма на постот веројатно така е запазена, но прашање е дали е запазена и неговата смисла.

Оти целта на постот, како и воопшто целта на христијанскиот живот, е растејќи во љубовта Христова да ги придобиваме плодовите на Духот, а тоа, како што вели светиот апостол Павле, се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост… Диететските правила, пак, се само средства ‒ да, насушни, но сепак, само средства за постигнување на целта.

Честопати е тешко за човек што никогаш не постел, да почне да пости. Од каде и како треба да почне?

– Да почнеме така што, осознавајќи ја нашата паднатост, ќе се откажеме од најмрсното, имено: мрсните помисли и дела, и ќе се обидуваме да ја доживееме радоста на новиот живот што ни го донесе Христос со Своето искупително дело.
Што се однесува, пак, до телесниот дел од постот, ми се чини дека не постои генерички одговор, зашто не човекот е создаден за постот, туку постот е создаден за човекот, оттаму пристапот е секогаш личносен. Мислам дека секој треба најнапред да направи три сериозни советувања: со својата совест, со својот исповедник (или, ако сè уште го нема, тогаш со својот парохиски свештеник) и, се разбира, со својот матичен лекар. Оти компромис нема во главната страна на постот ‒ духовната, но има во неговата споредна страна ‒ телесната. Па, така, на еден начин треба телесно да почне да пости личност што е во своја полна сила и здравје, на друг болезлива личност, на трет начин тинејџер во развој, на четврти бремена жена, на петти возрасна личност итн.

Постојат ли конкретни прописи за тоа како се пости Божикниот пост?

– Црковното правило предвидува Рождественскиот пост да се пости строго во понеделниците, средите и петоците, на масло во вторниците и четвртоците, а во викендите дозволува да се јаде риба. Тоа е, максималната граница на телесниот аспект на постот. Минималната граница, пак, е напросто воздржување од производи од животинско потекло, без наложување на нејадење масло и риба. Сепак, повторувам дека секој треба да ја најде својата мера преку советување со свештеникот и со лекарот.
Но знаете, посните правила се напишани во манастири пред повеќе од еден милениум, па природно е дека акцентот на откажувањето го ставаат на храната, оти тоа се луѓе што за Христа веќе од сè друго и се откажале. Но, живееме во сосема поинакво време и услови, па треба да сме свесни дека постот е неспојлив и со многу активности што ни се чинат сосема нормални, а всушност ни се на голема душевна и духовна штета и не се сметаат за мрсни само зашто не можеле да бидат запишани како такви кога се обликувале постите. Така, уверен сум дека постот треба да биде и време во кое ќе „постиме“ од зависноста од секаквите паметни уреди, како и од купување и воопшто од посакување на недобројните непотребни предмети за кои потрошувачкото капиталистичко општество ни вели дека ни се од насушна потреба ‒ а не ни се. И ако „постиме“ од нив до Божик, ќе увидиме дека без нив имаме далеку поголем духовен спокој и мир, и така далеку порадосно ќе го дочекаме раѓањето на Богочовекот Христос.

Како, во текот на постот, да се разбере дека постот не е залуден?

– Дрвото по плодот свој се познава. Следствено ќе разбереме гледајќи ги плодовите што постот ги дава во нас. Па, увидиме ли дека ни дава душевна радост и спокој, дека ни ја наголемува љубовта кон ближните, дека нè прави уште погладни и пожедни по словото Божјо, дека едвај дочекуваме да појдеме в црква за евхаристиски да заедничариме, тогаш тоа е плодотворен пост. И обратно, согледаме ли дека нè чини мрачни и неспокојни, дека нè прави горделиви и ни причинува да ги осудуваме ближните, дека колку повеќе молитви читаме, толку помеханички тоа го правиме, тогаш сме го утнале постот. Бидејќи, таман и да ги сочуваме најстрогите прописи во поглед на храната, таман и да спроведуваме ригорозно молитвено правило и најширокоградо да ги помагаме сите што се во оскудица, ако во нас не растат љубовта, верата и надежта во Троичниот Бог, тогаш не сме на правиот пат.
Затоа во богоблагословениот четириесетдневен посен период пред нас да врвиме кротко, одбегнувајќи ги лажните задоволства на плотта и продлабочувајќи ја радоста на животот во Духот. Така и само така ќе се удостоиме да ја согледаме красотата на Богојавлението и на Божик со радост да извикаме: Христос се роди!

 

Слични објави

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....