4.8 C
Скопје
04:40 - 26 април, 2024

Разговор со Василка Ѓурчиновски: Наградата ми е патоказ дека сум на вистинскиот пат

Пет наставници од Македонија го понесоа признанието најдобар наставник на неодамна одржаната Меѓународна асоцијација на најдобри едукатори од поранешните југословенски простори што се одржа во Требиње. За значењето на ваквата награда разговараме со професорката Василка Ѓурчиновски.

Неодамна Требиње, Босна и Херцеговина, беше домаќин на петтата конференција на  ANN_EX_YU – Меѓународна асоцијација на најдобри едукатори од поранешните југословенски простори. Учествуваа 17 наставници од Македонија. Некои од нив настапија на Саемот на образованието, а некои од тимот наставници што ја претставуваа  нашата држава, се претстави на заеднички штанд, под мотото „Македонија мотивира“. Под мотото, пак, „Образованието ги брише границите“,  пет  наставници од Македонија го понесоа признанието најдобар наставник: Климентина Петрушевска (градинка „Весели Цветови“, Скопје), Василка Ѓурчиновски (Општински Ученички Дом „Лазар Лазаревски“ Велес), Станче Штејровска (ООУ „Крсте Мисирков“, Куманово), Хилда Димитриевска (ООУ „Крсте Мисирков“, Куманово), Маја Георгиева Павловски (ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Скопје), а признанието најдобар директор го понесе Кети Стевананџиј (ООУ „Кире Гавриловски Јане“, Прилеп).  Ксенија  Маказлева Трајчева, амбасадор на  ANN_EX_YU од 2019 година, на оваа конференција доби признание Амбасадор за 5, како најдобар  амбасадор што доаѓа надвор од воспитно-образовниот процес за континуирана поддршка на наставниците, асоцијацијата и сите досегашни конференции, а Јелена Мандиќ, наставник во ООУ „Вук Краџиќ” во Куманово, доби признание за Амбасадор за 5, како наставник што редовно учествува и ги  промовира сите 5 конференции на ANN EX YU.

Инаку, ANN_EX_YU е Меѓународна асоцијација на најдобрите наставници, едукатори од поранешните југословенски простори, на чело со основачите, Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија, носители на признанието „Ворд тичер прајз“ (World Teacher Prize), што ги вбројува во 50-те најдобри наставници на светот и 12 соосновачи од државите од поранешните југословенски простори, кои ја собраа образовната елита од регионот на едно место. ANN_EX_YU е асоцијација на најдобрите наставници од просторите на поранешна Југославија, која е формирана за да овозможи брзо и ефикасно обединување, вмрежување и соработка на сите ентузијасти што се подготвени да ја продолжат мисијата за промена на сликата на образованието, да останат мотивација и модел за следење, да бидат лидери и истовремено инспирација за сите, кои за своја животна професија ја одбрале професијата воспитувач/наставник.

За нашата соговорничка Василка Ѓурчиновски, дипл. професор по математика и магистер по образование, вработена како воспитувач во Општинскиот ученички дом ,Лазар Лазаревски“ – Велес, ANN_EX_YU најпрво бел предизвик, а сега е едно семејство. „Чест и задоволство е да се биде дел од ова семејство на посветени наставници ентузијасти и реформатори, кои сакаат да придонесат кон подобро образование на нашите ученици, кои се идните градители на нашето општество. Токму тоа беше причината да станам дел од оваа Меѓународна асоцијација на најдобри наставници од поранешните југословенски простори, со цел заеднички да оставиме трајни вредности за сегашните и идни генерации. Сепак, тие се нашето богатство, нашето вчера, денес и утре“, вели Ѓурчиновски на почетокот на нашиот разговор.

Годинава на Петтата меѓународна конференција на ANN_EX_YU, се најдовте меѓу петте  наставници од Македонија што го добија признанието најдобар наставник. Според какви критериуми се наградуваше и на што Ве „обврзува“ оваа награда?

– Ја имав честа на оваа петта Меѓународна конференција да ја понесам титулата најдобар наставник од поранешна Југославија и оваа награда дефинитивно ми е многу драга и, истовремено, ме прави горда, бидејќи за да се добие наградата, наставникот треба да исполни строги критериуми по кои се бодираат постигнувањата од сите аспекти на работата на еден просветен работник: воспитно-образовната дејност, проектни активности, едукативни семинари, награди и признанија за свој професионален придонес во образованието на локално, национално и меѓународно ниво, објавени свои стручни трудови, научни трудови, предавач на конференција/трибина/семинар, авторство на учебници, тркалезна маса,објавени прилози во печатен медиум. Оваа награда, всушност, е мој патоказ што ми покажува дека сум на вистинскиот пат. Тоа ми дава мотив да продолжам посветено, со уште посилно темпо на работа на патот кон успехот. А моите адути за успех се знаење, напорна работа, организација, посветеност 24/7, адаптилност и пријателство.

Размената на наставнички искуства со колеги од други земји секогаш е добредојдено, делиме ли денес слични искуства со земјите од поранешна Југославија во однос на образованието?

– Со заемна соработка и размена на искуства создаваме квалитетно образование за сите деца. Размената на искуства со колегите од другите држави ми покажа дека сите имаме слични методи на работење и сите се соочуваме со исти предизвици. Ова е многу охрабрувачко искуство, кое ни отвора нови хоризонти за едукација и соработка. Едноставно, квалитетното, модерно и ефикасно образование е клучот за успешна иднина на секоја држава. Само со љубов и посветеност кон работата, образованието ќе има иднина. Колку повеќе се вложуваме, едуцираме, разменуваме идеи и си помагаме како едукатори, толку повеќе ќе имаме генерации на ученици со трајни, вистински знаења и вредности.

Државата треба да донесе сеопфатна стратегија за решавање на проблемот со одливот на одлични и талентирани ученици, да го следи развојот на тие деца, да обезбеди ментори за нивниот развој и да инвестира во нивното образование.

Дали разменетите идеи со колегите од другите земји, кои ги сметате за корисни, може да се применат едноставно и во нашиот образовен систем?

– Беспрекорната соработка со колегите од другите земји и надоградувањето на своите педагошки и образовни методи преку размена на идеи и искуства, дефинитивно води кон имплементирање на истите во  нашиот образовен систем. Во тој процес на учење, воспитувачите, наставниците и директорите разменуваат информации од различен вид, овозможувајќи пред сè подобар тек на информации во самата установа, но и поединечно. Тоа произлегува од фактот што давателите на јавни услуги се столбот на секој образовен систем, а нивниот континуиран професионален развој се смета за клучен предуслов за успешни реформи во образованието, овозможувајќи на тој начин континуиран развој и на целокупното општество.

Што, според Вас, треба да се преземе за барем да се намали одливот на одлични и талентирани ученици што своето понатамошно образование го гледаат надвор од државата?

– Сметам дека државата треба да донесе сеопфатна стратегија за решавање на овој проблем со одливот на одлични и талентирани ученици, да го следи развојот на тие деца, да обезбеди ментори за нивниот развој, да инвестира во нивното образование. А ние како воспитувачи и наставници треба да ги откриеме, да помагаме во нивниот развој, а секако и да научиме нешто од нив. Затоа што само со такви деца можеме да растеме и ние, истовремено и да се надградуваме како професионалци во својата работа, а пред сè како луѓе.

 

 

Слични објави

(Видео) Никола Роквиќ откри колку пари собрал за четири дена: Српскиот пејач тргна пешки на пат долг 1.060 км за Грција

jasmina.kantardzieva

„Беше кратко и слатко“: Јелена Карлеуша повторно на суд поради Цеца Ражнатовиќ

Еспресо

(Фото) Раста успешно опериран! Српскиот рапер покажа како се опоравува

Еспресо

(Фото) Ден пред погребот, објавен е мистериозен некролог за Бојана Јанковиќ: Без потпис

еспресо

(Фото) Ана Ивановиќ носи часовник од 500.000 евра! Убавата тенисерка прошета уникатен „Ролекс“

Еспресо

(Фото) Црна позадина, без зборови: Поранешниот сопруг на покојната водителка Бојана Јанковиќ занемен од тага и болка

Еспресо
Се вчитува....