13.8 C
Скопје
18:39 - 30 март, 2025

РАЗГОВОР СО МИЈАТА: Тргнав да студирам медицина, но професијата го наоѓа човекот, а не тој неа!

Разговараме со Наташа Мијат Крстевска, музичарка и контролорка на летање.

Иако бев тргната во Америка да студирам медицина и завршив втора година, сплет на околности ме донесоа дома кога конкурсот за контролори на летање беше објавен. Фото- приватна архива

Начинот на кој таа ја чувствува музиката и умешноста да пренесе порака, ги допира срцата на сите присутни. Разговараме со Наташа Мијат Крстевска, поп пејачка, кантавтор и контолор на летање за љубовта кон професијата, музиката и уште нешто…

Како падна одлуката да работиш како контролор на летање?

– Сосема случајно. Велат дека понекогаш професијата го наоѓа човекот, а не тој неа. Така беше и во мојот случај. Иако бев тргната во Америка да студирам медицина и завршив втора година, сплет на околности (2001 година), како фамилијарни (прераната смрт на мојот татко), така и политички во нашата земја (меѓуетничкиот конфликт во Македонија), ме донесоа да бидам дома во лето кога конкурсот за контролори на летање беше објавен. Понатаму, процесот на селекција и школувањето е веќе историја. Кога ќе се укотват тркалата во шините, после сами одат нештата.

Дали после 20 години би ја донела истата одлука да го работиш токму тоа?

– Работата ми е супер, погодена на карактерот, дополнително ме има и модифицирано, што на подобро што на полошо, но генерално не се каам што се откажав од медицината за да ѝ се предадам на авијацијата. И оваа професија е постојано динамична, интересна, бара донесување на одлуки секојдневно, кои влијаат на многу човечки животи, што би рекле: одговорност на максимум.

Што е она што те предизвикува во твојата професија?

– Комуникацијата со пилотите. Додека сум на фреквенција, несвесно правам и психолошка евалуација на благосостојбата на пилотот, и гледам како да го приспособам тонот на гласот, векторите, дали повеќе или помалку да комуницирам за да пружам максимално квалитетна услуга. Дали е пилот кој прави испитен лет во војска, или е преморен комерцијален пилот, кој се отепал од летање цел ден и гледа само да слета и дома да си оди, тоа многу ми влијае како ќе се „подесам“ во работењето. Тоа е мојот личен предизвик кога сум на фреквенција.

Mожеби само ноќните смени би ги споменала како негативност, зашто земаат данок врз телото, фото – приватна архива

Кои се негативните страни на твојата професија?

– Mожеби само ноќните смени би ги споменала како негативност, зашто земаат данок врз телото, а можеби и животниот век. Затоа и секоја година имаме задолжителни темелни лекарски прегледи. Доста е комплексно и скапоцено да се „произведе“ контролор на летање, па се трудиме да траеме што подолго.

Колку од друга страна те исполнува музиката?

– Музиката ми е и благослов, лична дефиниција за душевна храна, и неопходност за мојот систем. Без разлика дали сум активна на естрадата или не, музиката е во мене 24/7 и постојано извираат нови песни. Едноставно поради емоционални, семејни или професионални обврски секогаш не ми преостанува време за пласман на музика.

Која ти е поголема љубов, музиката или работата како контолор на летање?

– Кога сум имала девет месеци, на Манов Мост во село Долно Дупени сум проодела кога сум ги чула тапаните од селската свадба. Тоа е тоа. Музиката ме движи и ме прави среќна. Најголем сон како дете ми беше да компонирам музика за цртаните на Дизни. Тогаш не ни знаев дека постои професија како контролор на летање.

фото – приватна архива

Каква е Наташа во секојдневниот живот?

– Ќе мора да ги прашаме блиските околу мене, но генерално „тоа е тоа“, јас сум таа од песните, бидејќи сама ги пишувам музиката и текстот, затоа некоја ако сака вистински да ме познава, ќе треба да чуе и нешто од мојот опус.

Што значи Мијата?

– Мијата зчачи ќерка на Мијат Мијатовиќ, еден прекрасен еминентен езотерик, кој направи големи дела за физиката и астрономијата во Македонија, а кого јас се гордеам да го наречам свој татко.

 

Слични објави

Почина Маринко Колнаго, основачот на „Нови фосили“

Еспресо

(Фото) Цеца на концертот пристигна со бесен автомобил, платила 120.000 евра за луксузното возило: Сите очи свперени во новиот имиџ на пејачката

Еспресо

(Фото) Душко Тошиќ отпатува со ќерките надвор од Србија: Ги однесе на омиленото место на Карлеуша

Еспресо

Маж од публиката го прекина концертот на Цеца Ражнатовиќ синоќа: Таа почна да го повикува обезбедувањето

Еспресо

Хороскоп за 30 март: Стрелците да бидат отворени во љубовта, Девиците да бидат искрени кон партнерот, а вие?

Еспресо

Весна Змијанац: Кога ќе заминам од овој свет, многу луѓе ќе ги мрзи да дојдат на мојот погреб

Еспресо
Се вчитува....