16.8 C
Скопје
19:54 - 15 октомври, 2024

РАЗГОВОР СО МАРИС, модна и лајфстајл блогерка: Во мода е оригиналноста, спонтаноста, искреноста и љубезноста

Убавата Марис ја следат над 50.000 Инстаграм следбеници и таа е една од најпознатите македонски модни и лајфстајл блогерки, но таа е и архитект. Со Марис разговараме за нејзината преселба во Шведска, венчавката со долгогодишната љубов и уште нешто…

Првиот впечаток ми беше колку спокоен живот имаат луѓето во Шведска. Фото – приватна архива

Македонско девојче во Шведска. Како се случи заминувањето?

– Моето заминување не беше спонтано. Оние кои ме знаат лично знаат колку јас сонував да се преселам, не знам, некако уште од мала си имав замислено да градам кариера во странство. Постојано барав факултети за да ги продолжам моите мастер студии некаде надвор, но имаше потешкотии кога почнаа ковид мерките, повеќето факултети почнаа да држат предавања онлајн затоа малку се отежна целата ситуација. На крај, мојот сопруг доби понуда да продолжи со работа во Шведска, и така дојдовме.

Твоите први впечатоци за Шведска?

– Првиот впечаток ми беше колку спокоен живот имаат луѓето овде. Сè што е поврзано со администрација е толку средено, сите имаат време за спортување и сите до еден се грижат за своето тело, убави плати достојни на професиите, никој не брза никаде, никој не зборува гласно, сите знаат англиски – од најстаро до најмладо, луѓето се чесни. На пример, влегуваш во такси и ако те видат дека си странец дека ништо не разбираш, нема да ти наплати повеќе, туку толку колку што е.

Тука сум два месеци, а се чувствувам одморено како да сум имала годишен одмор на Бали (се смее, н.з).

Што е она што ти недостига од Македонија?

– Кратко време сум овде за да одговорам на ова прашање. Досега, нешто што најмногу ми недостига се фамилијата, моите две мачиња и пријателите, тоа на прво место би го ставила. Ми недостига спонтаноста. Ми недостига „еј за пола саат ќе одеме на кафе, доаѓаш?“ Тука повеќе се функционира со закажувања, термини, дури и кога станува збор за обично кафе со пријател или колега.

Останувате засекогаш во Шведска, се отселувате ли од Македонија?

Зборот „засекогаш“ е многу голем за да го употребам толку рано (се смее, н.з). Сега за сега сме тука и доколку ни се допадне планираме да останеме.

Неодамна се омажи. Каква е вашата љубовна приказна? Беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Со Пане сме во врска 8 години. Иако ситуацијата со Шведска малку ги забрза работите, порано или подоцна знаевме дека ќе ја крунисаме нашата љубов.

Поминаа тие времиња кога се гледаше кој има „идеален живот“, сега е на мода оригиналноста, спонтаноста, искреноста, љубезноста. Тоа го препознаваат луѓето. Фото – приватна архива

Една си од најпознатите македонски модни и лајфстајл блогерки. Што беше клучно за успех?

– Па вака, имам два совети. Прво: колку и да звучи клише или здодевно тајната е да бидеш свој и оригинален. Доста време се занимавам со ова, најголемите резултати почнав да ги гледам кога вистински почнав да бидам своја. Знаете, бидејќи гледаме секојдневно толку луѓе, дали на социјални мрежи или во реален живот, лесно е да се загубиме себеси или да не бидеме свои зашто мислиме дека така повеќе ќе не сакаат останатите – „ако сме совршени“. Нe! Поминаа тие времиња кога се гледаше кој има „идеален живот“, сега е на мода оригиналноста, спонтаноста, искреноста, љубезноста. Тоа го препознаваат луѓето.

И второ, мора секогаш да се надоградуваш во тоа што го правиш, што и да е! Живееме во брзо време каде светот постојано се менува, излегуваат нови трендови, нови влијателни личности, ако не умееш да се прилагодиш и не учиш нови работи за да ги примениш, нормално е дека конкуренцијата ќе те совлада. Ова важи за било која работа и да ја работиш.

Дали отсекогаш сонуваше да си тоа што си денес?

– Кога бев мала и ме прашуваа што сакам да бидам кога ќе пораснам, ќе одговорев „ветеринар“.  Дете како дете, што знам, тогаш само знаев дека ги сакам животните, а тоа што е поврзано со животни е ветеринарство. Детска логика. Во средно училиште сакав да сум уметник, сликар, фотограф. Потоа наполнив 18 години, дојде време да се запишам на факултет, сакав да бидам архитект! Сега, на 26 години, и се занимавам со блогерство и маркетинг. А утре можеби ќе имам некоја нова пасија, не знам, ќе видиме. „Жив човек“ нормално е да има желби, и нормално е истите да се менуваат. Сè околу нас се менува, ни влијае, нè инспирира, добиваме нови погледи кон нештата и нормално е нашите пасии и желби да се менуваат. Колку е тоа убаво, зарем не?

Се сеќавам убаво, дипломирав, и полна со ентузијазам почнав со пракса, и дојде време за вработување и платата беше 14.300 денари, а требаше да работиш и во сабота. Фото – приватна архива

Твојата љубов кон архитектурата?

– Кај нас во Македонија немам многу големо искуство како архитект. Причината, неколку пати ја имам суптилно споделено на мојот профил, е поради прениската плата, искрено. Како и секој млад човек, така и јас, сакаш да имаш доволно средства за да се издржуваш сам. Се сеќавам убаво, дипломирав, и полна со ентузијазам почнав со пракса, и дојде време за вработување и платата беше 14.300 денари, а требаше да работиш и во сабота. Толку се разочарав, цел свет ми се сруши…Но во такви теми ретко навлегувам зашто многу често луѓето знаат зборовите кои ќе ги кажеш да ги извадат од контекст и за кратко да се најдеш во ситуација да се браниш што всушност си сакал да кажеш, а на сите ни е јасна вистината.

Како и да е, овде во Шведска, кога ќе видам како луѓето реагираат кога ќе им кажеш дека си завршил архитектура, ми дава ист ентузијазам како на почетокот кога се запишав на факултет. Така да, планирам да се посветам повеќе на тоа поле овде.

За што сонува Марис?

Моментално Марис сонува за мир во светот. Искрено, ова што се случува ќе не афектира сите нас и ќе влијае на квалитетот на животот на сите. Се надевам дека наскоро ќе заврши.

Како се гледаш себеси за 5 години?

– Убав и мирен живот, работа на мојата професија како архитект и како блогер, секојдневие без срес, опкружена со фамилијата, пријателите, со 3-4 мачки, и многу љубов.

Од кого ја наследи убавината?

– Не знам (се смее,н.з). Претпоставувам дека е од родителите.

ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА

Слични објави

Милица Тодоровиќ си ја отвори душата: „Бев многу депресивна, ова е моја нова ера“

Еспресо

„Бебенце, здраво!“: Стефанија Несторовска е повторно бремена!

Еспресо

Откриено е колку вреди богатството на Саша Поповиќ: Има јахта, автомобили, луксузни вили, милиони!

Еспресо

Јована Јеремиќ ѝ се обрати на јавноста на англиски јазик пред да замине за САД: Сонував сон кога бев мала на село

Еспресо

(Видео) „Тоа ми го покажа ДНК тестот“: Марија Шерифовиќ откри од која тешка болест може да се разболи

Еспресо

Се огласија од „Гранд“ за здравствената состојба на Саша Поповиќ: Oткрија детали за неговото враќање во „Ѕвездите на Гранд“

Еспресо
Се вчитува....