7.8 C
Скопје
13:06 - 22 декември, 2024

РАЗГОВОР СО КИРИЛ НАСКОВ: Децата напредуваат во сноубординг, патуваат на убави места, се дружат и така сите сме победници!

Кирил Насков од клубот „Полар“ е еден од најзаслужните за промоција на сноубордингот во Македонија. Но тој веднаш нè надополнува дека во популаризацијата на сноубордингот учестувале и учествуваат голем број на луѓе обдинети околу идејата за дејствување и развивање на овој спорт. Инаку, овој спорт во Македонија го имаше својот пик од 2005 до 2010 година, а сега работите се избалансирани помеѓу бордањето и скијањето.

Се трудиме да постигнеме баланс помеѓу безбедноста, која е секогаш на прво место, стекнувањето нови вештини и уживањето, фото – приватна архива

Која е предноста на сноубордингот во однос на скијањето, а кои се недостатоците кога би се направила споредба?

– Во нашиот клуб негуваме скијање и сноубордниг, а има и доста членови кои се добри и во двете дисциплини. Сноубордингот во однос на аплското скијање нуди многу поголема слобода во движењето во просторот. За добрите сноубордери важна е креативноста и секојдневно се појавуваат нови трикови од кои сум импресиониран и изненаден во смисла дека и тоа може да се направи со борд. Појавата на сноубордингот го раздвижи и унапреди скијањето во однос на појавата на карвинг скии и фристајл скијање – дисциплина која сакаме да ја развиваме во Македонија. Мојата визија за снежните спортови е дека покрај тренингот (или тренингот на капии) треба да се обрати внимание на развој на повеќе вештини и да се скија во различни услови. На пример, скијање во длабок снег, слободното скијање, скијање или бордање во уреден сноу парк и.т.н. Се трудиме да постигнеме баланс помеѓу безбедноста, која е секогаш на прво место, стекнувањето нови вештини и уживањето.

Од која возраст се препорачува за деца и кои се неговите најголеми придобивки како спорт?

– Имаме примери на деца кои почнале да бордаат од двегодишна возраст, но со најмалите процесот на учење е базиран на креативноста на родителот или на инструкторот. Со деца под седумгодишна возраст невозможно е да се применат класичните приоди на демонстрација и на усовршување на ски и сноуборд техники т.е.ликови. За да се створи љубов кон снежните спортови, треба да внимаваме да им е пријатно и забавно на децата, а не да ги тераме да скијаат по секоја цена кога им е ладно или кога им се спие, бидејќи ние тоа време сме го испланирале за скијање, па сме купиле ски карта, па сме патувале… Ќе скијаме или бордаме колку што им е ним пријатно, па макар тоа било и само 5 минути, а потоа ќе правиме Снешко, ќе се лизгаме со даската седнати на неа како со санка или ќе играме други игри.

Во моментов најмладиот член има само 5 години. Учењето со него е исклучително тешко и одговорно, но од друга страна максимално инспиративно и благородно. Неговите реакции се фантастични, а „апстрактните“ цртежи кои ги насликал во градинка само еден ден после бордање го отсликуваат неговото воодушевување и нè потсетуваат колку треба да сме внимателни и среќни во исто време.

Колку време е потребно за да се чувствува детето сигурно и самостојно на даска?

– Иако е многу тешко да се даде точна проценка за колку време ќе научите, ние велиме дека, доколку сте средно физичи подготвен и имате инструктор со кој ќе работите еден на еден во убави временски услови, би требало за три дена да можете да ги спуштате сите патеки на Маврово. Во спротивно, би требало да се посомневаме во инструкторските способности. Секако учењето е процес кој никогаш не застанува, а неговата динамика зависи од многу фактори.

Ќе скијаме или бордаме колку што им е ним пријатно, па макар тоа било и само 5 минути, а потоа ќе правиме Снешко, ќе се лизгаме со даската седнати на неа како со санка или ќе играме други игри, фото – приватна архива

Каква сè опрема е неопходна за почеток, освен даската, и со оглед на тоа што зимските спортови се прилично скапи, може ли опремата да се набави „на старо“? Накусо, како родителите би можеле да си ги олеснат трошоците?

– Бидејќи за нас безбедноста е на прво место, инсистираме на кацига и штитник за грбот. За почеток можете да изнајмите опрема, но таа да е со минимум безбедносни карактеристики, а не како некоја стара кола на која не ѝ функционираат кочниците. Во Маврово може да се изнајми квалитетна опрема, а членовите на нашиот клуб имаат можност да добијат совет за избор на соодветна опрема и попуст за купување или за изнајмување.

Колку македонските скијачки центри нудат услови за сноубординг, какви се условите, што ни недостига?

– Има многу работи кои може да се подобрат во однос на скијачките центри, но секако има други работи кои, според мене, се поважни да ги коригираме на државно ниво пред да се занимаваме со ски центрите. Листата е долга и има огромен простор за работа, но за мене приоритет е квалитетот на воздухот кој го дишеме. А во однос на потребите за нашиот спорт секако уредени паркови кои ќе функционираат цела сезона.

Има ли меѓу младите наши сноубордери потенцијални светски шампиони? Што недостига за да се направат шампиони?

– Во периодот од 2006 до 2009 година две македонски девојки беа во најдобрите 10 на светската ранг листа на ФИС, а во 2009 за неколку месеци и на првото место. Во тој период дициплината слоуп стајл беше нова во ФИС и на почетокот успевавме да држиме ритам, а подоцна работите се променија. Во моментов имаме супер настапи и освојуваме медали во регионот, имаме одлична екипа и феноменална атмосфера во тимот. Без разлика на тоа како ќе се пласираме, се фокусираме на изведбата, децата напредуваат, патуваат на убави места, се дружат и така сите сме победници.

Кои се моменталните предизвици на клубот Полар?

– Активностите на клубот се одвиваат во текот на целата година. Имаме кондициони тренинзи во сала во Коменски, ски и сноуборд школа на Маврово, подготовки на глечер во периодот кога тука нема снег, летни кампови за скијање на вода…

Во натпреварувачка смисла ни остануваат уште неколку натпревари во регионот и македонското државно првенство.

За мене најважно е што вложуваме многу енергија во едуцирање и опособување на натпреварувачи во сите категории, како и во инструкторски и тренерски кадри. Во досегашното 26 годишно постоење на „Полар“ поминале околу 4500 деца и млади кои биле дел од нашите активности. Се надевам дека ќе имаме сили да продолжиме со ова темпо на дејствување и во годините пред нас.

фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива

 

Слични објави

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....