5.8 C
Скопје
16:18 - 22 декември, 2024

РАЗГОВОР СО ИВАН ЕМИНОВИЌ, диригент и пијанист: На крајот публиката е таа која ви го дава аплаузот што најмногу значи

Пред двете изведби на сцената на МОБ на претставата „Лучија од Ламермур“, на 12 и 18 март, а чии подготовки се во тек, разговараме со диригентот Иван Еминовиќ.

Како диригент мора да имате познавање од сите аспекти, не само од музичката уметност, туку од сите уметности, бидејќи многу ќе ви бидат од корист. фото Емил Петров

Роден е во Скопје, музика почнал да изучува на 6-годишна возраст, прво на одделот по пијано во нижото музичко училиште, па продолжил со средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишал на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде што во 2010 година дипломирал со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено добивајќи ја наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 г. Иван Еминовиќ магистрирал со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал повеќе концерти во Македонија и странство, добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет, како и многубројни концерти.

Следно што подготвува за сцената на МОБ е претставата „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети со две изведби на 12 и 18 март.

Првите чекори во музиката ги направивте на само шестгодишна возраст. Како се нурнавте во музичките ноти? Потекнувате ли од музичко семејство? Што сонувавте во тој период на детсвото?

– Да, со музика почнав да се бавам на 6-годишна возраст кога се запишав во нижото музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, на одделот пијано кај проф. Аида Ислам. Бидејќи потекнувам од музичка фамилија, тие го приметиле талентот и ме запишале во музичко училиште. Навистина најмногу од сè ме влечеше музиката и многу ми е мило што моите родители одлучиле да го направат тој чекор.

Кои беа Вашите најголеми учители, а кои најголеми животни, музички лекции што сте ги добиле досега?

– Нижото и средното музичко училиште го завршив во класата на проф. Драгољуб Апостолов на одделот по пијано, каде што се здобив со многу награди и признанија од Македонија и странство. На Факултетот на музичка уметност се запишав на одделот за диригирање кај мојот драг професот, кој за жал не е веќе меѓу нас, Маестро Саша Николовски – Ѓумар, кој ме запозна со првите основи на диригирањето и ми ја пренесе љубовта кон тоа, која од ден на ден се зголемува. Што се однесува до животните лекции, сметам дека тие се учат пропратно со текот на животот, секогаш со поддршка од семејството и пријателите.

фото Емил Петров

Кои сè познавања треба да ги има еден успешен диригент?

– Пред сè добро образование и посветување максимално на работата и материјата. Како диригент мора да имате познавање од сите аспекти, не само од музичката уметност, туку од сите уметности, бидејќи многу ќе ви бидат од корист.

Пред Вашата диригентска палка се два концерта, односно две изведби, на 12 и на 18 март, кои дела ги подготвувате и што значи добра подготовка на  диригент?

– Изминатиот период имавме неколку гала концерти и претстави, но следно што подготвувам за сцената на МОБ е претставата „Лучија од Ламермур“ од Г. Доницети со 2 изведби на 12 и 18 март. Во главните улоги на претставата на 12 март ќе играат Наде Талевска, Благој Нацоски, Ристе Велков и останатите солисти при МОБ, како и оркестарот и хорот при МОБ. На 18 март, во главните улоги ќе бидат Ана Дурловски, Благој Нацоски, Марјан Јовановски и повторно солисти, оркестарот и хорот при МОБ. Веќе сме почнати со подготовки за претставата и ја поканувам публиката да дојде и да ужива.

Дали некогаш, барем на почетоците, ве „проголтала“ тремата пред настап? Сепак, бројна публика – зад Вас, и пред Вас – цел орекстар, што значи  психолошката подготвеност?

– Нормално е да се има трема, онаа позитивна како што ја нарекуваат. Паметам на првата претстава што ја имав на големата сцена на МОБ, „Травијата“, таа трема беше поприсутна отколку сега, но сè испадна во најдобар ред. Не само како диригент, туку кога настапувам и како пијанист ја имам таа мала трема пред настапите, но таа само ви дава поттик за успешен концерт.

фото Емил Петров

Пред кој оркестар/филхармонија во светски рамки е за Вас најголем предизвик да настапите?

– Нормално дека е голема желба и предизвик за сите уметници да настапат со најреномираните оркестри во светот. Би сакал во иднина да соработувам со сите филхармониски и оперски куќи, бидејќи сите имаат посебна магија која треба преку вас да се пренесе на публиката, а на крајот публиката е таа која ви го дава аплаузот што значи најмногу.

Кој е Иван Еминовиќ кога не е на сцената?  

– Во приватен живот сум си тој истиот (се смее, н.з). Женет и татко на прекрасна ќерка, која уште малку ќе полни три години. Сакам да се дружам, да прошетам со семејството и пријателите, едноставно сакам да уживам во животот, бидејќи тој ни е еден и единствен и нема реприза.

фото – Маја Аргакијева
фото – Маја Аргакијева

 

Слични објави

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо
Се вчитува....