9.8 C
Скопје
08:44 - 19 март, 2024

Прво лице анфас – Соња Михајлова, актерка: Се чуваме будни со мојот точак; Животот е едноставен, но ние го комплицираме

Соња Михајлова целиот работен век го поминала на штиците на Народниот театар Битола. Зад неа е богата театарска кариера, со над 150 улоги на матичната сцена и театарскте сцени во Скопје, Прилеп, сцените низ Европа, Америка, Австралија. Ја паметиме и по нејзините улоги во ТВ сериите „Бушава азбука“, „Девојките на Марко“ и уште многу други ТВ и филмски остварувања. Зад неа се и повеќе меѓународни театарски проекти, главно во копродукции со европски тетри. Наградите на Соња не се добројуваат, на Театарскиот Фестивал „Војдан Чернодрински“ ги освоила наградите за Млад Актер и за Најдобро актерско остварување; наградата „Ристо Шишков“ за најдобро актерско остварување на ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица за улогата на Петра Фон Кант; наградата Златна маска на Интернационалниот Фестивал „Охридско Лето“ за најдобра женска улога, за улогата на Голде во „Свирачот на покривот“, како и последната, за најдобра женска актерка на Интернационалнот Фестивал на античка драма ,,Стоби”, за машката улога на Јулие Цезар. Листата на улоги и награди е долга, но која е Соња приватно, самата со себе?

Велосипедот ми е најдобриот дел од мене и со мене, вртиме и одиме напред заедно, да не се запре во животот, се чуваме будни со мојот точак.

Три придавки кои најверно те опишуваат.

-Не знам дали најверно ме опишуават, но моето чувство за себе низ годините наназад е дека тоа би биле посветена, лојална и благодарна кон се’ што било и е мој избор, дури и во избори што со некоја дистанца се покажале како грешка. Акцентот би бил на благодарна за се’ добро и лошо низ животот, се’ било животна лекција.

Твојот главен недостаток/маана.

– Вага сум во хороскоп и некако мислам дека тоа од раѓање ме предодредило за постојано вагање на сè што ми се случува и што се случува околу мене, пресензиивноста на сè и за сè знае многу да умори, да потроши; така, иако вагањето, праведноста, ги сметам за добра особина, таа сензитивност во околностите во кои живееме си ја сметам за маана, едноставно понекогаш би сакала да не забележувам сè…

Кои квалитети ги цениш најмногу кај мажите, кај жените и/или луѓето воопшто?

– Не правам разлика маж/жена, човекот треба да е човек, како што вели Рацин – да бидеш човек, да имаш топла крв, да мислиш со глава, да работиш со рака… ете тоа ценам кај човек, од тоа тргнува сè.

Што најмногу цениш кај пријателите?

-Кај пријателите – искрен поглед очи во очи, поглед на доверба зад изговорените зборови,
и за добро и за лошо.

Извинувањето никогаш не е лесно. Имаш ли свој начин да се извиниш?

– Секогаш се трудам да бидам претпазлива во комуникацијата, да не се доведам себе си да треба некому да се извинувам, но доколку и се случи, немам проблем да се извинам и тоа го правам лице во лице, со збор – ете тоа е мојот начин, така извинувањето ми има смисла, сè друго ми е „киша око Крагујевца“.

Ако не си оваа која си, кој/а би сакала да бидеш?

– ОК сум со себе, јас сум она што сум и не посакувам да сум оваа или онаа, иако понекогаш посакувам да сум некој што има моќ да смени некои нешта во светов што се руши вртоглаво, но тоа е имагинарен лик и не знам да го именувам.

Твојата идеја за среќата.

– Среќата е пред се верба во тоа дека си среќен, во мигот, моментот, во она што го имаш сега и овде, во себе, во мирот со себе…

Македонија е преубава земја, но бескрајно патам што во оваа прекрасна земја обдарена со се’, не се создаде достоен живот за луѓето, како што ѝ прилега на вака убава Македонија.

Што може да те направи несреќна?

– Ох… Долга е листата, барем од овој наш агол на живеење, деструкција во се’, за жал, ама баш на се’ во нашиов живот тука: природа, живот, образование, култура, историја, деструкција на се’ и сешто што е вредно да се чува… а најмногу од сè ме прави несреќна квази политиката во име на вредностите.

Каде (во која земја или на какво место) би сакала да живееш?

– Имав можност да поминам еден голем дел од светот, пред сè со професионалните театарски ангажмани, и навистина има преубави места за живот, кои што мамат со убавина, со подобро, поквалитетно живеење. Но, никогаш не сум посакала да отидам таму некаде кај што не ми е дома – домата е една, туѓината е туѓина… Македонија е преубава земја, но бескрајно патам што во оваа прекрасна земја обдарена со сè, не се создаде достоен живот за луѓето, како што ѝ прилега на вака убава Македонија.

Која музика може да те „понесе“?

– Музиката ми е најубав дар што може човек да си подари, да те понесе, да те лечи. Каква ми е болката, така знае да ме понесе различна музика, од рокенрол до опера, блуз, џез, етно, изворна музика, медитативна…

Твојот омилен филм или филмски жанр.

– Можеби е пофесионална деформација, но ми лежат драма, историски филмови… да, сакам добра комедија, иако таквите се ретки. Од филмовите, „Ловец на елени“ ми е сто пати гледан, и пак би го гледала, па „Шиндлерова листа“, па „Изборот на Софија“, „Мирисот на жената“…

Твојот омилен писател, поет или книга.

– Од автори во различни периоди сум имала различно омилени, што лично, што професионалноно; во принцип секоја книга била учење, осозновање на животот. И после толку прочитани книги, Шекспир ми е еден од  омилените и сеуште енигма, и Достоевски, Чехов… и Горан Стефановски, Петре М. Андреевски, Коста Рацин… и да, има една едноставно насловена книга, „Се што треба да знам научив во градинка“ од Роберт Фулгум, одамна прочитана, на која одново ѝ се навраќав, и која ми го потврдува она: животот е едноставен, но ние сакаме да го комплицираме…

Улогата која не си ја играла, а би сакала е…

– Никогаш не сум посакувала одредени улоги, сум се препуштила на она „што е мое ќе дојде“, и доаѓало за среќа, во секоја улога сум се инвестирала најмногу што сум можела во дадена зрелост, без штедење, дали е главна или споредна, се’ било предизвик за сопствените можности, трка и истражување на себе.

Вистинската уметност треба да…

– Вистинската уметност е соочување со себе, подлабоко и подлабоко…

На кој начин на тебе влијаат наградите?

– Наградите се убав  момент во кариерата, убав момент на радост, момент на среќа за професонален ангажман, за актерски влог. Да, сум им се радувала, но мене ми се подеднакво важни и наградените и оние ненаградени улоги кои се дел од мене на сцената.

Битола ја сакам секогаш, дури и кога ме нервира… ме нервира зашто ја сакам подобра

По што чувствуваш носталгија?

– Носталгична сум по времето на мојата младост, не заради поминатата младост, туку по животот во Југославија, кој за нас тогаш младите сепак беше многу повеќе од она што го имаат младите кај нас денес… носталгична сум, да, и ми се плаче понекогаш… „Све смо могли ми, да је дужи био дан“… ех.

Детството е…

– Детството е мојата тајна градина, исполнета со мириси, цвеќе, музика, градина што е секогаш со мене, во мене, и ме чува да не остарам, да не се предадам…

Кога би можела да разговараш со кој и да е човек кој кога и да е живеел, кој би бил тоа?

– Па, ги има повеќемина со кои би поразговарала: со Никола Тесла обавезно, и со Кенеди, и со Валентина Терјешкова, а деновиве и со Гоце Делчев обавезно.

Битола ја сакам кога…

– Битола ја сакам секогаш, дури и кога ме нервира… ме нервира зашто ја сакам подобра, а најмногу ја сакам кога се враќам од некаде, во Битола ми е домата.

Кафето е најдобро…

– Секогаш, секаде, во секое време за дружба, дијалог со добар, убав човек, или за дијалог со себе… ајде  сега кафенцето…

 

Слични објави

На седмо небо: Три хороскопски знаци ќе ја најдат судбинската љубов многу наскоро

еспресо

(Фото) Ким Кардашијан покажа ретка фотографија пред пластичните операции: Нема да ја препознаете!

еспресо

„Немам дечко веќе 40 дена“: Дара Бубамара отворено за мажите и врските

Еспресо

(Видео) Лозано има нова песна, слушнете ја „Бариера“

еспресо

Невкусен мајтап на Ким Кардашијан на сметка на „исчезнатата“ принцеза: „Одам да ја најдам Кејт“

еспресо

(Видео) Теа Таировиќ провоцира: Пејачката заводливо танцува во тесни хеланки

jasmina.kantardzieva
Се вчитува....