Шахот ѝ е професија. Таа е играч, тренер, судија и фер плеј офицер. Од девојче, наместо со кукли играла со шаховски фигури, а денес ужива во сè што е поврзано со шахот. Цели кон крајната титула од шаховската пирамида – велемајстор.
Започна да се натпреварува и активно да настапува на турнири во 2004 година, а од 2008. игра за женската репрезентација на Македонија. Во 2019 ги прошири своите видици во шаховскиот свет, почнувајќи како шаховски судија. Во ноември, 2019 година, стана член на Комисијата за фе-плеј при Светската шаховска федерација (FIDE) и сошл медиа менаџер на Меѓународната асоцијација на шаховски професионалци. Потоа, во јануари 2020., Бојана стана член на Управниот одбор на Меѓународната асоцијација на шаховски професионалци, а од декември 2021 е и нивен генерален секретар. Работи како фер плеј офицер на светски шаховски настани.
– Навлегов во приказната за шахот во целост, а еден вид на отскочна даска ми беа многубројните онлајн шаховски турнири кои го земаа својот замав во 2020. Почнав да работам почесто во улога на фер плеј офицер почнувајќи од Светскиот куп во Сочи, Русија, јули 2021, потоа на Европскиот куп во Струга, на FIDE Гранд Свис во Рига…Навистина уживам во целата работа поврзана со шахот – вели Бојана.
Наместо со кукли, играла со шаховските фигури, а предизвик ѝ била играта на забранетата шаховска табла донесена од Полска.
– Пројавив интерес од многу рана возраст, фигурите ми беа многу интересни и често си играв со нив. Од 4 годишна возраст започнав да играм со дедо ми и тој успеа да ми ја „засади“ љубовта кон шахот. Потоа постепено напредував и играв со татко ми и со останатите членови на фамилијата. Неколку години потоа, започнав да одам на часови во шаховски клуб и паралелно тренирав кошарка, бидејќи татко ми е поранешен кошаркар и сакаше да ме „прави“ крилен центар во кошарка поради тоа што сум левак. Ја сакам кошарката многу, меѓутоа поприоритетен ми беше шахот. И сметам дека не згрешив со изборот. Сега ја делам љубовта кон кошарката со татко ми преку заедничко гледање натпревари, особено кога игра „Црвена ѕвезда“.
Желбата да биде поуспешна од многу мажи во овој спорт не само што ја прави најуспешната жена – шахист во земјава, туку и шахот веќе ѝ е професионална определба.
– Започнав да тренирам на 9 годишна возраст во ШК „Перспектива“ и брзо напредував. Потоа почнав да се натпреварувам на државни и меѓународни првенства со големи успеси – седумкратен државен првак во женска категорија (12, 14, 16, 18 години) и второ место на државно првенство до 18 години во машка категорија. Меѓународен првак на Опен Мурек, Австрија, во 2007 година, до 14 години во машка категорија, настапи на разни индивидуални и тимски првенства – објаснува шахистката.
Шахот е психолошка борба. Самодисциплина, управување со емоции, ладнокрвност, сето тоа се одлики кои имаат значаен дел во самата борба, ни вели Бојана, но дали шахот може да се научи?
– Да. Шахот се учи, но потребно е вложување на многу ресурси – време, енергија, финансии, психолошки борби. Талентот има мал удел, меѓутоа работата и учењето, тренирањето, е она што зема позначаен дел. Шахот е океан од знаења, теорија, анализи, искуства и истрајност. Сметам дека талентот помага од временски аспект, побрзо да се постигнат одредени резултати и капацитет на акумулирање знаење и преточување на тоа знаење во пракса. Но потребна е макотрпна работа за тој талент да дојде до израз. Секако, доколку вложуваме во нешто, тоа вложување го наоѓа патот до резултатите, иако временски не секогаш се поклопува. Вложувањето и тренирањето немаат секогаш инстантен резултат. Некогаш резултатите доаѓаат веднаш, некогаш им треба малку повеќе време – ни открива Бојана.
Бејатовиќ смета дека во шахот не само што недостасуваат жени, туку и мажи. Не се согласува ни со оние кои го карактеризираат шахот како машки спорт.
– Генерално не ги сакам поделбите на машки/женски, поради тоа што жените се покажале и докажале како достојни противници, особено во шахот. Јудит Полгар, Ху Јифан, Конеру Хампи и многу други жени се борат со голем успех против велемајстори од 2600-2700. Јудит е единствената жена која успеала да стигне од 2735 FIDE рејтинг, нешто што е незамисливо за многу мажи (првите 38 мажи во свет имаат рејтинг над 2700). Во 1989 Гари Каспаров изјави „има вистински шах и има женски шах“, а светскиот првак Боби Фишер во едно интервју изјави дека жените не би требало да се мешаат во интелектуални работи. Во Македонија, за жал, се соочуваме не само со недостиг од жени, туку и од мажи кои се бават со шахот. Мал е бројот на шахисти во Македонија. Сметам дека тоа е поради недостиг од мотивација и соочување со реалниот живот. Не секој се определува да е професионалец во спортот, а секако и другите аспекти од животот си го земаат својот дел – вели Бојана.
Идол ѝ е шахистот Михаил Таљ, а целта ѝ е достигнување на крајната титула од шаховската пирамида – велемајстор.
-На неколку Олимпијади имам освоено титула женски мајсторски кандидат (WCM). Верувам дека сон на секој шахист е да стане велемајстор, бидејќи ако не се стремиме кон тоа тогаш патот не ни е баш одреден. Порано играв често и настапував на многу турнири. Сега бројот на настапи ми се намали, првенствено поради други обврски во шаховскиот свет, но не се откажувам од компетитивниот дел. Оваа година имаме Шаховска олимпијада, а се надевам следната година ќе имам побројни меѓународни турнири. Сепак, претходно потребни се доста тренинзи и теоретска подготовка за добар настап – завршува соговорничката.
Шахот помага во креирање на критички ум, влијае на начинот на размислување, на „програмирање“ на умот кон изнаоѓање на креативни решенија, планирање и евалуација на ситуација, предвидување на можни исходи, економизација со време и ресурси, менаџирање со ризик… Со еден збор – сестрано размислување и дејствување. Шахот навистина би ви помогнал не само во подобрување на своите перформанси, туку и во запознавање на светот и спортот.