2.8 C
Скопје
02:48 - 25 декември, 2024

Најчесто поставувани прашања за доењето, ни одговара Јасна Апостолски-Николов: Во светот во просек доењето трае од две до четиригодишна возраст на децата

Во чест на светската недела на доењето, која се одбележуваше во првата недела од август, разговараме со Јасна Апостолски-Николов, дипл. мед. сестра, IBCLC (International Board Certified Lactation Consultants), сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници.

Немаме обезбедени места за доење низ парковите, ниту во институциите, ниту во сите трговски центри, но мајките сепак се снаоѓаат и си дојат во јавност. Фото – приватна архива

Со Апостолоски-Николов се навраќаме на прашањата што најчесто си ги поставуваат младите мајки, особено оние што се соочуваат со доење првороденче.

Дали треба да се дои на барање на детето или според распоред?

– Најчесто прашање. Сè додека трае процесот на развој на лактацијата во просек 6-8 недели по породувањето, бебето се дои на барање. Се следат раните знаци на глад и се реагира на секое негово барање. Затоа е пожелно во родилиштата да се практикува „roming in“ или престојување во иста соба на родилката и бебето, бидејќи така мајката ќе може да го следи бебето и да реагира на неговите потреби. Овој протокол е всушност и еден од десетте чекори за успешно доење според СЗО. Всушност, доењето на барање е буквално безредие кај поголемиот број мајки кај кои ни треба подолг период за развој на лактацијата, но честото празнење на градата значи и дека градата добива почеста стимулација. Важи правилото „не го гледајте часовникот – следете го бебето“. Градата работи на принцип побарувачка-понуда, колку ќе ѝ побараме, толку ќе направи; колку почесто се празни, добива сигнал за почесто создавање на млекото.

Како да се процени дали мајката има доволно млеко и напредува ли бебето доволно?

– Тоа е најчестата грижа кај мајките и нивната потреба од консултација со лактациски консултант. Ова бара поединечен пристап на работа и неколку консултации преку кои ќе треба да се набљудуваат доенечките сесии и ние, консултантите, да утврдиме најпрво одредени работи, дали бебето правилно се поставува на градата, каков е развојот на лактацијата, како цица бебето и сл. Ако сите тие работи се во ред, тогаш се следат бројот на мокри пелени и бојата на изметот во пелените. Најпосле се следи прирастот на вагата. Во првите денови, во периодот на развој на лактацијата се обрнува внимание на состојбата на градите и развојот на лактацијата, виталноста на бебето и најпосле прирастот. Бидејќи во првите две недели може да има минимален прираст, но затоа наредните две недели ќе има многу повеќе од очекуваното и на крајот на месецот, месечниот прираст ќе ги задоволи критериумите според перцентилните криви на раст.

Важи правилото „не го гледајте часовникот – следете го бебето“. Градата работи на принцип побарувачка-понуда, колку ќе ѝ побараме, толку ќе направи; колку почесто се празни, добива сигнал за почесто создавање на млекото. Фото – приватна архива

Како да се препознаат раните знаци на глад кај новороденчето?

– Најдобро е да се дои бебето кога е смирено, затоа и се советуваат мајките да ги следат раните знаци на глад („early cues“), кои ги покажуваат новороденчињата какви што се: ако спие, почнува да мрда и полека да се буди; рачето го доближува до устата и почнува да ја отвора устата; ја врти главата настрана и прави движења како да ја бара градата. Ако не реагираме на раните знаци на глад, следуваат средните знаци („mid cues“) кога почнува да се тегне, да мрда повеќе и почнува да ја става раката во уста. Ако и на тие знаци не реагираме, тогаш се соочуваме со доцните знаци на глад („late cues“) кога бебето почнува да плаче. Притоа треба најпрво да го смириме, а потоа да му ја понудиме градата.

Што да се преземе при болки или пукнатини на брадавиците?

– Задолжителна консултација со консултант за лактација. При овој проблем треба да се детектира најпрво причината зошто настануваат раните на брадавиците или зошто се појавува болката, а соодветно на причината се прави и третманот. Понекогаш е доволна само корекција на положбата на бебето на градата, а понекогаш бара и подолготраен третман. Но, најважно е да се открие причината бидејќи мајката може да користи некоја крема за заздравување на градите, да пие медикаменти против болки, но доколку не се елиминира причината, градите и болката ќе прогресираат.

Има ли доењето посебни карактеристики во текот на летото?

– Посебни карактеристики нема освен да се дои на барање на бебето/детето. Во лето поради високите температури тие бараат почесто да цицаат бидејќи жедта и потребата за вода ја надополнуваат преку мајчиното млеко. Има бебиња што не сакаат вода, а се на возраст кога веќе јадат и комплементарна исхрана, па по оброкот повторно цицаат. Јас, на мајките што сакаат да ги одбиваат бебињата во текот на летото, им давам совет да го одложат тој процес до завршување на летото и високите температури. Во лето и често се соочуваме со стомачни вируси, па мајчиното млеко и доењето остануваат единствен избор на храна што ја преферираат бебињата кога се болни.

Треба ли доенчето да се буди поради доење?

– Зависи од возраста и од состојбата. Педијатрите даваат совет за често будење на оние бебиња што имаат физиолошка жолтица. Но и кај тие бебиња доколку лактацијата е соодветно развиена за таа возраст и бебето одлично цица – ова можеме да го препознаеме доколку набљудуваме една доенечка сесија – во тој случај и нема потреба да се будат, но сепак напоменуваме подоите преку ден да се на растојание од два часа.

Дали ако доењето трае само две-три минути е доволно детето да се нахрани?

– Зависи од возраста на бебето. Едно новороденче во првиот месец не може да се најаде за толку краток временски период. На почетокот подоите траат подолго бидејќи бебињата цицаат често, а кратко, т.е. ги спојуваат подоите. Но, некаде на возраст од три месеци подоите се релативно кратки, 5-10 минути, и тоа е доволен временски период за да подојот ги задоволи неговите потреби доколку лактацијата кај мајката е веќе убаво развиена. Сепак, не е универзално правило. Секој доенечки пар е индивидуален и не можеме со сигурност да кажеме дека едно бебе на двомесечна возраст може да се најаде за пет минути за време на еден подој.

На мајките што сакаат да ги одбиваат бебињата во текот на летото, им давам совет да го одложат тој процес до завршување на летото и високите температури.

Какви се денешните трендови во светот во однос на возраста на детето и доењето?

– Главно, порано доењето траело подолго. Сега секаде низ светот има разни статистички податоци за престанок на доењето, кои зависат од многу фактори, а она што најмногу се одразува е времетраењето на породилното отсуство и враќањето на мајката на работа. Во оние земји што имаат пократко породилно отсуство 4-6 месеци, се работи на тоа да се овозможи секој работодавач да создаде соодветни услови во работните простории за измолзување и складирање на мајчиното млеко, со цел мајката да ја одржи лактацијата и да дои подолго. Во светот во просек доењето трае од две до четиригодишна возраст на децата.

Колку денешните граѓанки на Македонија, според Вас, ги надминале табуата околу срамот на доење на јавен простор?

– Искрено ме радува фактот дека се надминати и процентуално поголем број мајки немаат срам да дојат во јавност. Во денешно време има и соодветни прекривки, но тие ги користат првите неколкупати. Кога ќе почнат да одат на прошетки и кога ќе видат колку мајки дојат во јавност без прекривки и без да се кријат, тогаш се охрабруваат и новите мајки и си дојат во јавност. Ние немаме обезбедени места за доење низ парковите, ниту во институциите, ниту во сите трговски центри, но тие сепак се снаоѓаат и си дојат во јавност. Во последно време сè повеќе ме радува фактот дека сѐ повеќе мајки сакаат да дојат и доколку имаат проблем, бараат помош и поддршка од консултант за доење. Со самото тоа и доењето во јавност за нив е нормален и спонтан процес на хранење на нивното бебе.

Слични објави

Харис Џиновиќ ја отвори душата: „На полноќ ќе испратам порака до мојата драга девојка која…“

Еспресо

(Фото) Ѕирнете во станот на Лидија Вукичевиќ во кој вложи 200.000 евра: Книги, камин среде собата, новогодишни украси…

Еспресо

(Фото) Од сончевиот Мајами во снежна Србија: Српската старлета со метла го чистеше луксузниот автомобил

Еспресо

Вељко Ражнатовиќ врие од бес, итно му треба помош: „Пријави ја будалата“

Еспресо

(Фото) „Среќен Божиќ на онколошките пациенти“: Ведрана Рудан честиташе, а покажа и кој ѝ прави друштво

Еспресо

(Фото) Брена му седна во скутот на Боба, тој ја држи со раце и не ја пушта: „Бакни ме“

Еспресо
Се вчитува....