0.8 C
Скопје
11:01 - 23 декември, 2024

(Колумна на Милан Банов) Мини цртички за макси нешта: Осуммина во одбрана на јазикот

Бројката осум е навистина мини, но проблемот е макси, без разлика што некој, можеби, ќе се обиде да го забошоти (или и го забошотил). Зашто станува збор за јазикот наш „насушен“, за она живо сведоштво дека нè има, сме, постоиме, сме постоеле, опстојуваме…

Значи, токму во времето кога како никогаш досега синтагмата „македонски јазик“ добила, би рекол, инфлаторна насока, речиси не ни се симнува од устите и пламено ја браниме за да ја одбраниме, до нас доаѓа катастрофичниот податок дека во првиот уписен рок на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот Македонски јазик се запишале осум (и со бројка: 8) студенти. Да не заборавам: уште осум на Македонска книжевност, па така со „респектабилната“ бројка шеснаесет ќе го надополниме списокот на веќе постојните македонисти.

А тие, актуелните, кои веќе суверено владеат со македонскиот јазик, се разбира, имаат објаснување зошто само до осуммина (ајде, нека бидат шеснаесет) допрело сознанието, би рекол великанот Блаже Конески, дека „јазикот е нашата единствена татковина сè додека го чуваме и негуваме“. Уважените професори велат дека причините за ова треба да се бараат во фактот што на другите државни универзитети се отвораат групи за македонски јазик, па студентите се распрснале; потоа во сознанието на идните академски граѓани дека со стекнатата диплома тешко се наоѓа вработување; конечно, и поради застареноста на постојните и потребата од нови наставни програми. Да, иако сето ова по малку личи на алиби, сепак, не можам да ги пренебрегнам наведените причини и да не се согласам со нив.

Меѓутоа, до нив би наредил уште по некоја, сеедно што се доста непријатни и, бездруго, некого можат да навредат. Со други зборови, не можам да се оттргнам од впечатокот дека интересот (слободно ставете наводници) за македонскиот јазик денес и тука е доста флуиден и се престорил во своевиден маркетинг, кој многумина го ползуваат за некој свој личен интерес, а во суштина, јазикот сме си го потцениле и баш не сме премногу загрижени за него. Да беше поинаку, ќе имаше „плева“ од лектори, ќе имаше закон за македонски јазик со усвоен предлог за задолжителен лектор во државните институции; лектори не приучени и и не одбрани „на тепка“; лектори кои ќе го штитеа јазикот и ќе го чуваа како свет табернакул со вредности. Вака, на овие осум македонисти идни лектори или професори по македонски јазик, сега им се спротивставуваат стотици идни студенти по англиски јазик; јазик кој of course ни е неопходен во комуникацијата, го владееме одлично и е примерен за нашата глобализирана свест. Не, не брзајте, немам ништо против јазикот на Гордиот Албион, но, сепак, барем јас, не би му ја дал фаворитската улога во однос на мојот јазик. И да, сеедно колку е денес ин и кул да се колве од англосаксонското јазично поле, сепак, некако поприродно и логично ми е да се зборува, пишува, мисли… на мајчиниот јазик, зашто, впрочем, во него ќе се препознаете, ќе го здогледате својот лик, идентитет; со него ќе сведочите за своето име, историја, култура, традиција; во него се насобрале приказни, митови, легенди, сеќавања, цел еден народ и држава.

Ми се чини, време е да се повикам на Крсте Петков Мисирков, кој небаре пророк нè заветуваше: „Да се откажит чоек од својо народен јазик, значит да се откажит он и од народниот дух… Значит, се велит, да се откажит он од сам себе и својте интереси; се велит, да престанит да гледат на себе со свои очи, да судит за себе и за друзите со свој ум и разум, а да чекат уважејне за се отстрана. Једен народ, кој шчо се изгубил, мјасат на једен чоек кој што изгубил патот и не знајит од кај идит и кај одит…“.

И да, пред да ја напишам оваа мини цртичка за макси темата/проблемот легнувам неспокоен и онака сè уште буден размислувам дали бил во право Јакоб Грим кога предупредувал дека јазикот е поживо сведоштво за народите отколку што се тоа неговите коски, могилите, оружјето, спомениците… Потоа заспивам и сосема чисто ги гледам и Мисирков и Конески како се превртуваат во гробот.

И сега се прашувам кој јазик ние всушност браниме?

Слични објави

Александра Пријовиќ го прекина последниот концерт: Свекрвата Зорица, во солзи, целосно скршена

Еспресо

(Фото) Ништо од венчавката вредна 600 милиони долари! Џеф Безос ја демантираше свадбата во Аспен, сè е лага! 

Еспресо

Хороскоп за 23 декември: Вагите ќе имаат љубовни проблеми, Скорпиите ќе бидат под тежок стрес

Еспресо

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо
Се вчитува....