0.8 C
Скопје
22:17 - 18 декември, 2024

Како да имате уникатни велигденски јајца на празничната трпеза?

Во минатото, украсувањето на домот за Велигден не било вообичаена појава. До пред неколку децении, црвените јајца, свеќите и здравецот биле трите работи кои се ставале на велигденската трпеза и кои ја симболизирале желбата за здравје и среќа во домот, вербата во Бога и силата на религијата.

Традиционално, кај нас се вапсувале исклучиво црвени јајца. Како причина за тоа се неколкуте легенди и верувања, кои најчесто усмено се пренесуваат од генерација на генерација.

Имено, според некои верувања, црвените јајца се симбол на празникот бидејќи тие ја претставуваат крвта на Спасителот Исус Христос, а значењето на јајцето се поврзува со раѓањето на новиот живот. Според други верувања, пак, обичајот да се вапсуваат исклучиво црвени јајца се поврзува со Марија
Магдалена, која според Библијата, однела јајца обоени во црвена боја пред тогашниот римски цар Тибериј кога се дознало дека Христос воскреснал.

Сепак, со текот на годините, многу работи се промениле, па и бојата што се користи за боење на јајцата. Така, модерните домаќинки, покрај традицијата сакаат да бидат дел и од новите трендови, па токму поради тоа многу често се одлучуваат и за боење јајца во сите бои и нијанси.

Еве неколку предлози за да имате уникатни велигденски јајца.

Вапсување со лушпи од кромид

Доколку сакате велигденските јајца да ги вапсате на традиционален начин, тогаш тоа направете го со лушпи од кромид. За да го постигнете посакуваниот ефект, потребно е да имате обезбедено
поголемо количество лушпи од кромид кои треба да ги потопите во ладна вода и така да ги оставите да отстојат најмалку 12 часа. Потоа, во тенџерето со лушпи и вода, ставете ги јајцата и вклучете ја ринглата на помала температура за постепено да се загрева водата. Варете ги јајцата околу 20 минути. Откако ќе забележите дека сте ја добиле посакуваната боја, тргнете го тенџерето од оган и оставете да се изладат јајцата внатре во водата. Кога ќе ги извадите јајцата, оставете ги да се исушат, а потоа за да имаат сјај, со памук премачкајте ги со масло за јадење.

Доколку сакате црвените велигденски јајца да ги декорирате дополнително, пред да ги ставите во лушпите, можете да им ставите и некое ливче од кое било растение и да го прицврстите со некое ластиче или да ги врзете во хулахопка.

Кога ќе ги обоите јајцата, целата површина ќе биде црвена, освен на местото каде што сте ставиле ливче или можеби некој цвет. Обидете се!

Боровинки за темносини јајца

Доколку сакате да добиете темносини јајца користејќи природни плодови, сѐ што треба да направите е во блендер да ставите околу 500 грама боровинки и околу 200 милилитри вода. Вклучете го блендерот на најголема брзина и миксирајте додека не добиете хомогена смеса. Добиената течност, ставете ја во подлабоко тенџере и загревајте ја до степен на вриење. Кога течноста ќе ја постигне посакуваната температура, тргнете ја од оган и во неа ставете ги
јајцата. Јајцата треба да стојат најмалку 3 до 4 часа за да добијат убава и рамномерна боја.

Црвена зелка за светлосини јајца

Кога ќе подготвувате темносини јајца, сигурно ќе посакате во вашата велигденска кошничка да имате и светлосини јајца. За да ги направите, ќе ви треба една црвена зелка, која ќе ја исечкате и ќе ја сварите. Течноста што ќе ја добиете, оставете ја да се излади, а потоа процедете ја, ставете ја во подлабок сад во кој претходно сте ги ставиле и јајцата и ставете ги во фрижидер. За јајцата да се вапсаат со интензивно сина боја, треба да отстојат најмалку 24 часа во фрижидер.

Кафе за златно-кафени јајца

Уникатните кафено-златни јајца се во мода во изминативе неколку години за време на празнувањето на велигденските празници. Оваа боја можете да ја добиете доколку ги следите следните чекори: сварете две поголеми шолји на турско кафе и оставете да се изладат. Потоа, можете да си го испиете кафето или едноставно да ја фрлите течноста, а талогот да го префрлите во
друг поголем сад, каде што ќе имате можност да мешате. Во измешаниот талог додајте куркума околу 2 супени лажици и овие состојки измешајте ги со една супена лажица алкохолен оцет. Добиената смеса ставете ја во тегла, ставете во неа неколку јајца и затворете ја. Теглата оставете ја да стои во фрижидер неколку часови. На крај, извадете ги јајцата, исушете ги и со памук премачкајте
ги со масло за јадење. Во истата оваа тегла, повторно можете да ставите нови сварени јајца и постапката да ја повторите.

Вино за виолетови јајца

За да добиете убава виолетова боја на велигденските јајца, можете да користите црвено вино, а за да ги подготвите, потребни ќе ви бидат:

20 јајца
2 литри вино

Подготовка:
Измијте ги јајцата убаво и ставете ги да стојат во тенџере со ладно вино. Виното
што сте го ставиле во садот, треба да ги прекрие јајцата за да можат да добијат од
неговата боја. Исто така додека јајцата ги боите, не треба да ги вртите ниту да ги
поместувате.

Јајцата со виното ставете ги да се варат околу 30 минути, а потоа едноставно
тргнете ги од оган и оставете ги да се изладат.
На крај само извадете ги јајцата од течноста, исушете ги и ќе добиете виолетови
велигденски јајца.

Лушпи од кромид и бои за јајца
Доколку сте вапсале неколку јајца со лушпи од кромид, водата која ви останала можете да ја искористите за да ги споите модерното и традиционалното и на тој начин да добиете уникатни јајца.
Имено, извадете ги веќе искористените лушпи од кромидот, исушете ги, а потоа ситно исечкајте ги. Земете едно бело јајце, натопете го во вода, а потоа извалкајте го во лушпите од кромид, па ставете го во газа и прицврстете го цврсто со конец.

Јајцата ставете ги во сад со вода, додајте лажица оцет и саканата боја.

Сварените и обоени јајца извадете ги од садот, оставете малку да се оладат,
па одмотајте ги и отстранете ги преостанатите лушпи.

На местата каде што лушпите не се залепиле, ќе ја видите посакуваната боја
во комбинација со бојата од лушпите од кромид. Добиените шари ќе ве
изненадат.

Декорирање јајца со салфети

Оваа година направете уникатни велигденски јајца со помош на салфети и домашно подготвен шербет.

Потребни ви се:
– јајца
– салфети со интересни дизајни
– домашно подготвен шербет

Прво го правите шербетот, кој не треба да биде многу густ. Сварете една чаша
вода со 5 лажици шеќер и тоа е сосема доволно. Во меѓувреме ги варите
јајцата, кои мора да бидат врели во моментот кога ги ставате парчињата
салфети над нив.

Техниката е едноставна. Трислојната салфета ја делите на најтенки слоеви.
Онаа со принт ја сечете според дизајните. За да ви биде полесно лепењето,
сечете што помали парчиња. Потоа го ставате парчето салфета на врело јајце и
над него со лажица преливајте малку шербет. Салфетата веднаш ќе се залепи
за јајцето. Истото го правите сè додека не го обложите целото јајце со салфета.

„Пукнати“ јајца
Доколку сакате да се издвоите од другите, ве советуваме да се обидете да
направите и уникатни „пукнати“ велигденски јајца.
Состојки:
10 бели јајца
2 кесички зелена боја
лушпи од кромид
влажни марамчиња
50 милилитри алкохолен оцет

Подготовка:

Земете поголема количина лушпи од кромид и ставете ги во блендер да се иситнат. Јајцата  навлажнете ги со студена вода и веднаш ставете ги во иситнетите лушпи од кромид и секое јајце завиткајте го со влажно марамче и прицврстете со ластиче. Вака подготвените јајца наредете ги во тенџере. Во тенџерето ставете ги ќесичките со зелена боја и оцетот, варете ги јајцата на тивок оган, а откако водата ќе зоврие, варете уште 8 до 10 минути. Откако јајцата ќе се сварат, истурете ја топлата вода и веднаш налијте студена вода.

Отстранете ги марамчињата од јајцата во зависност од тоа што сте користеле, исчистете ги лушпите од кромид од секое јајце и оставете јајцата добро да се изладат, па потоа со намрсена газа премачкајте го секое јајце.

Слични објави

(Фото) Вељко Ражнатовиќ објави досега невидена семејна фотографија: Синот Жељко позира со стегнати мускули

Еспресо

(Фото) Иван Јованов воодушеви со празнична фотосесија со својата ќерка Ниа

Еспресо

Бресквица конечно откри како го добила прекарот: За сѐ била виновна една личност

Еспресо

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо
Се вчитува....