Со доаѓањето на потоплите денови, многумина почнуваат да планираат одмори и излети. Меѓу дестинациите што често се избираат е и Италија, а последниве денови на интернет се споменува Сестри Леванте, град на италијанската ривиера меѓу Џенова и областа Чинкве Тере. Градот е познат и како „град на двете мориња“ и е многу популарен на социјалните мрежи.
Сестри Леванте на лигурскиот брег може да биде привлечен за оние што бараат помирна атмосфера и помалку гужви. „Сестри Леванте не е толку познат и ни се допаѓа што е така“, изјави Николо Мори, претседател на здружението на локални претприемачи Sestri Levante In, пренесува Forbes. „Не би сакале да станеме Чинкве Тере, бидејќи тоа би ја уништило автентичноста на градот.“

Град со две мориња
Посебноста на Сестри Леванте е поврзана со неговата положба. Историското јадро се наоѓа на тесен појас копно кој некогаш бил островче, а подоцна се споил со копното. Таа превлака денес раздвојува два залива со различни карактеристики.
Од едната страна е Baia delle Favole односно Заливот на бајките. Според локалните извори, името во 1950-тите го дал ТВ-водителот Енцо Тортoра, во чест на Ханс Кристијан Андерсен, кој престојувал во Сестри Леванте во 19 век. Од другата страна е Baia del Silenzio односно Заливот на тишината, име што првпат се поврзува со поетот Џовани Дескалцо во 1919 година.

Baia del Silenzio се вбројува меѓу најпознатите во градот. Во изборот Travelers’ Choice Beaches за 2018 година на TripAdvisor го освои шестото место меѓу италијанските плажи.
Слаткарницата Rossignotti се повикува на традиција од 1840 година, додека за Caffè Centrale се споменува работа уште од 1920-тите.
Сестри Леванте има и повеќе плажи во рамките на општината со ознака Сино знаме. За 2025 година меѓу нив се наведени Baia delle Favole Nord, Baia Portobello, Spiaggia Renà и Riva Trigoso. Во градот се наоѓа и црквата San Nicolò dell’Isola, најстарата во градот изградена во романски стил во 1151 година, како и Santa Maria di Nazareth, која во 17 век ја презела улогата на поранешната парохиска црква.

Меѓу позначајните објекти се издвојуваат Palazzo Durazzo-Pallavicini, каде што се наоѓа градската управа, како и Palazzo Fascie, во кој е сместен MuSel – археолошки и градски музеј. Музејот прикажува материјали од праисторијата и каменото време до поновата историја на градот. Galleria Rizzi функционира како куќа-музеј и галериски простор.
Сестри Леванте и блиската Рива Тригозо се особено поврзани со јадењето bagnun – густа чорба од инчуни, кромид, домати и маслиново масло. Ова јадење е поврзано со локалната рибарска традиција, а му е посветена и годишна манифестација што се одржува од 1960 година.

Цени
Сестри Леванте не е меѓу најевтините места на лигурскиот брег, но не е ни особено скап. Според Numbeo, оброк во поевтин ресторан чини околу 22,50 евра, вечера за две лица во ресторан од средна категорија околу 70 евра, капучино околу 1,20 евра, а мала шише вода околу 1,50 евра.
Во продавниците, литар млеко чини околу 1,34 евра, леб од 500 грама околу 2,88 евра, а шише вино од средна класа околу 5 евра. Важно е да се знае и дека во 2026 година туристичката такса се наплатува од 1 март до 31 октомври.

Фото/Инстаграм
