2.8 C
Скопје
14:47 - 20 декември, 2024

Интервју со Зоран Тортевски, вокал на „Мизар“: Поудобно ни е да негуваме туѓа култура, како во световната, така и во црковната музика, немаме потреба да го погледнеме светот со очите на уметникот

Децата се оние кои ќе ги расчистуваат бесмислените блуткави пластови на разни „култури“ и влијанија вели Зоран Тортевски, вокал на култниот бенд „Мизар“ и еден од ретките чувари на византиската традиција во црковното пеење.

Децата се идните чувари на културното наследство. Негувањето на црковното културно наследство значи ослободување на човечкиот дух од безизлезниот круг на овој свет, од баналните ниски сфери на духот. Фото – приватна архива

Со актуелните часови по византиско пеење со кои бесплатно ги образуваш децата кои се заинтересирани за вакво музичко искуство, ти си еден од ретките чувари на византиската традиција во црковното пеење. Што значи чувањето на ова културно наследство и зошто ни треба?

Часовите со децата се посебен благослов. Покрај часовите со машкиот и женскиот хор, од пред неколку години, по совет на, сега веќе покојниот, старешина на храмот, отец Горан, почнав да држам часови и со деца. Се работи за петнаесетина деца на возраст помеѓу 6 и 12 години од црковната заедница во „Св. Георгиј“, Криви Дол, каде што сум на певница веќе петнаесетина години. Секоја средба со нив е радост. Тие, како што вели Василиј Розанов на едно место за неговите ученици, „не се врзани; не се принудени да доаѓаат. И, еве ги, се собраа; сите тие во кои постои само љубов“. Мојата улога како нивен учител е – внимателно да се поставам помеѓу нив и црковната музичка уметност, да ја протолкувам, да ја прилагодам, и да ја принесам до нивните ширум отворени уши и души. Тие се идните чувари на културното наследство, тие се оние кои ќе ги расчистуваат бесмислените блуткави пластови на разни „култури“ и влијанија. Негувањето на црковното културно наследство значи ослободување на човечкиот дух од безизлезниот круг на овој свет, од баналните ниски сфери на духот. Младиот човек покаден со убавината на поетскиот и музичкиот јазик на Црквата Христова поинаку го гледа светот.

Кога и како се случи твојата прва средба со византиското пеење? Кој беше твој учител?

– Со византиското пеење за прв пат се сретнав токму во црквата „Св. Георгиј“, каде што Ристо Солунчев веќе го формираше хорот кој тогаш мислам дека сè уште немаше ни име. Подоцна дојде и името Хармосини. Значи, дојдов, се приклучив и до ден денешен не сум поместен од таму. Солунчев веќе го имаше потребното знаење и со него го почнав изучувањето на невматското писмо во духот на преданието. Секако, тука е и соработката со повеќе псалти од Македонија и Србија како Димитриј Кумбаровски, Гоце Секуловски, Јане Коџабашија, Игор Зиројевиќ, Никола Поп Михајлов и други кои ме воведоа, како што вели Н. П. Михајлов: „во тајните на единството на зборот и тонот; во испеана молитва која е образец на преобразениот говор“. Подоцна го снимивме и албумот со литургиски напеви.

Мојата улога како нивен учител е – внимателно да се поставам помеѓу нив и црковната музичка уметност, да ја протолкувам, да ја прилагодам, и да ја принесам до нивните ширум отворени уши и души. Фото приватна архива
фото-приватна архива

Постојат ли заложби за враќање на византиското пеење во Македонија?

– За жал, заложбите се спорадични, повремени, и секоја иницијатива брзо губи здив. Поудобно ни е да негуваме туѓа култура, како во световната, така и во црковната музика. Тој свој став го оправдуваме со бесмислени, необјективни и често смешни тези и аргументи, позади кои, по правило стои незнаење. Како да немаме волја и спремност да се загледаме во убавината. Немаме потреба да го погледнеме светот со очите на уметникот. Кога големиот Серџу Челибидаке го прашаа зошто не ги снима концертите во студио, речe: возвишената мистика не можете да ја набиете во нешто што личи на палачинка. А, ние сега ја набивме во мобилен телефон и оттаму ја консумираме. Можете да замислите која е разликата помеѓу слушање на црковното пеење во храмот на литургија и на мобилен. Поезијата е маргинализирана, не се чита, за Црковната пак, да не зборувам. Таа е целосно отсранета од секојдневието; Псалтирот е архаичен поим, не го користиме неговиот јазик, неговиот израз, не бараме инспирација во него. Повеќе нè привлекува баналното – шарени сензации од звуци, бои и вкусови.

По што е специфична музичката нотација, односно нотниот запис во византиската музика, зошто е поинаква?

– Музичката нотација, односно, невматското писмо е формирано паралелно со развојот на црковната музика. Тоа е нејзин нераскинлив дел идеално обликуван за нејзино изразување. Византиската музика има свој посебен систем на запишување, кој низ повеќе етапи на развој дошол до денешната, аналитичка форма. Постојат обиди истата да се запише со западното петолиние, но безуспешно, записот ја оптоварува партитурата, го заробува напевот. И обратно. Исто ќе завршиш доколку се обидеш да ги запишеш партитурите на, да речеме, Рахмањинов во невми. Се работи за различни системи.

„Мизар“ отсекогаш „дишел“ во духот на преданието од Исток, фото -приватна архива
фото -приватна архива

Практична примена на византиската музика има во последната постава на „Мизар“, како звучи современата верзија на византиско пеење во рок бенд?

– Соработката со групата „Мизар“ е уште од пред десетина години, кога со хорот „Хармосини“ во Мизаровото „Четврто откровение“ го реализиравме албумот „Детето и Белото Море“. „Мизар“ отсекогаш „дишел“ во духот на преданието од Исток, така што нашава сегашна соработка  со Горазд Чаповски во „Петтото откровение“ доаѓа како природно продолжение на патот на „Мизар“, кој веќе 40 години го пее Македонското битие. Со Горазд и со продуцентот Златко Симионски музички целосно се разбираме и надополнуваме, нивното искуство го прави своето. Тихомир Јанчовски, со својот препознатлив израз ги пишува текстовите, ги обмислува, метрички ги обликува. Како соло пејач се појавувам само јас, а како придружни вокали не збогатуваат Добрила Грашевска, Ана Костовска, моите „соборци од певницата“ Петар Ѓорѓиоски, Иван Петковски и Бранко Илиевски, како и повеќето членови од женскиот хор. Од претходната постава е и нашата потпора, басистот Пеце Китановски, а остатокот од новата постава го сочинуваат: Александар Ристовски на гитара, Ѓорѓи Божиков на тапани и Петар Лукиќ на клавијатури. Прекрасни луѓе и извонредни музичари.

Кога излегува новиот албум на „Мизар“ и што ќе слушаме?

– Досега снимивме седум песни и сите се веќе поставени на Јутјуб-каналот. Планираме уште три или четири, така што, веројатно, албумот може да го очекуваме да излезе летово.

 

Слични објави

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо

„Се чувствував како несакано дете“: Наташа Беквалац проговори за нејзиниот татко, сакал син, но добил три ќерки

Еспресо

(Видео) Прескап подарок: Ана Николиќ се смири со дечкото и доби скапоцени подароци!

Еспресо

Анџелина Џоли не му дозволува на Бред Пит да се ожени младата Инес

Еспресо

(Фото) Снаата на Цеца блесна на славата на Свети Никола: Богдана позираше со сестрите Наташа и Бојана во вилата на Дедиње 

Еспресо

Хороскоп за 20 декември: Лавовите ги очекува невидена страст во љубовта, Скорпиите да внимаваат на парите

Еспресо
Се вчитува....