8.8 C
Скопје
11:40 - 18 декември, 2024

Интервју со Сашка Колеска, танчарка за латиноамерикански танц: Својот карактер го изразувам преку борбеното пасо добле

Има 17 години, државна шампионка во соло конкуренција, а од неодамна и меѓународен првак. Прекрасна млада дама, која живее со танцот.

Дали сакате да танцувате? Кога ќе помислите на танц, секогаш првата асоцијација е танцување со партнер. Обидете се да танцувате сами, соло. Ако мислите дека не знаете да танцувате, направете го тоа додека никој не ве гледа, во кујната, пред огледалото во спалната соба или додека чекате лифт. Заразно е, особено доколку во заднина оди вашата омилена песна.

Нашата денешна соговорничка е 17-годишната Сашка Колеска, државна и меѓународна шампионка во латино – американски танци и членка на Танцовиот спортски клуб „Ритам Плус“, а од неодамна и меѓународен првак. Ужива во нежноста и чувствителноста на румбата, борбеното и доминантно пасо добле и енергичноста на ча-ча-ча.

Сашка, зошто одбравте токму танц?

– Танц затоа што за мене тоа е единствениот начин на кој можам да ја изразам својата уникатност, посебност и тоа што го чувствувам без да употребам зборови.

Колку години танцот е Ваша љубов и како започна Вашата кариера?

– Мојата танцова кариера започна сосема спонтано, прво како член на зумба фитнес група, сè додека не ги открив латиноамериканските танци што многу повеќе одговараат на мојата личност и тоа што сакам да го правам. На свои 17 години слободно можам да кажам дека половина живот се занимавам со танц и дека целото мое детство е испреплетено со безброј тренинзи и танцови натпревари. Танцот е моја љубов откога знам за себе, а професионално се занимавам со танц од девет години.

Вие сте државна шампионка во соло конкуренција, а од неодамна и меѓународен првак. Раскажете ни за Вашите досегашни победи.

– Големата упорност како и напорното вежбање секако дека ме доведоа до успеси во мојата танцова кариера. Особено ќе ги истакнам државните, балканските и меѓународните натпревари на кои сум особено горда и засекогаш ќе ги паметам. Балканското првенство во Кавала каде што го освоив првото место е мојот прв поголем успех што ме мотивираше уште повеќе да вежбам и да вложувам во танцувањето. Од неодамнешните натпревари што ја обележуваат оваа танцова сезона, ќе го истакнам Меѓународниот натпревар што се одржа во мај во Чачак, Србија, на кој ја добив титулата меѓународен соло првак во категоријата постари младинци. Покрај успесите, сакам да ги споменам и многубројните порази, без кои не би била тоа што сум денес. Тие ме научија дека никогаш не треба да се откажувам од својот сон и својата цел.

Кои танцови стилови се дел од Вашето „портфолио“?

– Засега конкретно се занимавам со латиноамериканските танци во кои се вбројуваат самба, ча-ча-ча, румба, пасо добле и џаив. Оваа танцова сезона освен на соло танцувањето, ќе се посветам и на танцувањето во пар, каде што ќе имам можност да ги изучам и стандардните танци – англиски и виенски валцер како и танго.

Кои се Вашите омилени танци? Одберете три и обидете се да ни ги доловите со зборови.

– Секој танц има посебно значење за мене. Румба е еден од моите омилени танци каде што ја изразувам нежноста и чувствителноста. Доминацијата и својот карактер ги изразувам преку борбеното пасо добле, додека, пак, разиграноста и енергијата ја изразувам со ча-ча-ча.

Во споредба со танцувањето со партнер, која е магијата кога танцувате соло?

– Соло танцувањето целосно ја отсликува мојата личност затоа што на тој начин имам слобода и независност, моите грешки се незабележливи поради умешноста во танцувањето. Но, танцувањето во пар овозможува конекција и соединување на танцовите стилови на две личности, што за мене претставува предизвик и огромна цел што сакам да ја достигнам.

Кога би танцувале со партнер, со кого би сакале, кого би избрале?

– Во моментов имам нов партнер, со кого ќе започнеме да се натпреваруваме во септември. Но, со целосна почит кон него, доколку би можела да избирам со кој партнер би танцувала, тоа дефинитивно би бил светскиот првак Матеј Крајцер, кој ќе одржи танцов семинар наскоро во Скопје.

На која песна би можeле неограничено да танцувате без никогаш да Ви здодее?

– Во одредени периоди, во зависност од тоа што го чувствувам, имам повеќе различни омилени песни. Конкретно една не би можела да одвојам, затоа што секоја песна што го има ритамот на латиноамериканските танци претставува инспирација за мене и ме привлекува да танцувам.

Покрај редовните тренинзи дали практикувате и друг тип физичка активност со која ја одржувате кондициската подготвеност?

– Тренинзите се, всушност, и најважен дел од моето секојдневие, тие се одржуваат секој ден и бараат како и физичка така и психичка посветеност. Во слободно време, за време на летниот период кога имаме пауза од танцовите тренинзи, практикувам да вежбам во домашни услови, изведувајќи вежби за кондиција и затегнување на мускулатурата.

Покрај танцот, која е Ваша друга страст и кои се Вашите планови во иднина?

– Со танц сакам да се занимавам цел живот, без разлика што би одбрала да работам понатаму. Мојата најголема желба е да се остварам во улогата на адвокат или, пак, јавен обвинител, а паралелно да танцувам, да одржувам танцови тренинзи и да бидам спортски танцов судија.

Слични објави

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо

(Фото) Емина Јаховиќ ги покажа стомачните: Згодната пејачка е во најдобрата форма досега!

Еспресо

Хороскоп за 18 декември: Раковите ќе уживаат со семејството, Водолиите ги очекува успех

apostolova

(Фото) Јубилеен 60. роденден: Маријана и Росана прославија на различни континенти!

Еспресо

(Фото) Погледнете како изгледа синот на Зорица Брунцлик: Првото дете го родила на само 18 години, а пред Кемиша ги бакнувала овие познати музичари!

Еспресо
Се вчитува....