Секој родител сака да го заштити своето дете од разочарувања, неуспеси и непријатни искуства. Но, што се случува кога таа желба за заштита преминува во постојана контрола? Психолозите предупредуваат дека претераното мешање во животот на децата може да влијае врз нивната самостојност, самодоверба и способност да се справуваат со предизвиците.
Овој начин на воспитување е познат како „хеликоптер-родителство“, а неговите карактеристики, причини и последици ги објаснуваат експертите за порталот „Parents“.
Што значи да се биде „хеликоптер-родител“?
Терминот се однесува на родители кои постојано ги надгледуваат своите деца и се вклучуваат во речиси секој аспект од нивниот живот. Тие внимателно ги следат училишните обврски, пријателствата и секојдневните активности, обидувајќи се да ги заштитат од неуспех или разочарување.
„Овие родители имаат тенденција да бидат претерано заштитнички настроени и премногу да се грижат за своите деца“, објаснува клиничката психологинка Мишел М. Рејнолдс.
Психологинката Ен Даневолд го опишува овој пристап како претерано родителство, при кое контролата, заштитата и стремежот кон совршенство ги надминуваат границите на одговорното воспитување.
Изразот „хеликоптер-родител“ првпат се појавил во книгата „Between Parent and Teenager“ од 1969 година, во која еден тинејџер ја опишал својата мајка како личност што постојано кружи над него, слично на хеликоптер.
Како изгледа ваквото однесување во секојдневието?
Кај најмалите деца, родителот може постојано да ја контролира играта и да не дозволува детето самостојно да истражува.
Кај учениците, ваквото однесување може да подразбира избор на пријатели, одлучување за воннаставните активности или претерана помош при изработката на домашните задачи.
Кај средношколците и студентите, родителите понекогаш преземаат обврски што младите веќе можат сами да ги извршуваат, како контактирање со професори поради оценки или организирање на нивниот распоред.
Зошто родителите стануваат претерано заштитнички настроени?
Причините најчесто произлегуваат од грижа и желба детето да има подобар живот.
Некои родители стравуваат дека нивното дете ќе доживее неуспех, нема да биде прифатено во одредена група или ќе пропушти важна можност.
Други чувствуваат анксиозност поради економската неизвесност и општествените промени, па се обидуваат да воспостават поголема контрола врз животот на детето.
Претераната заштита понекогаш е поврзана и со сопственото детство на родителите. Оние што се чувствувале запоставено или недоволно сакано можат да се обидат да го надоместат тоа преку постојано внимание кон своите деца.
Влијание може да има и однесувањето на другите родители. Кога гледаат дека околината постојано се вклучува во детските активности, некои родители чувствуваат притисок да го прават истото.
Какви последици може да има „хеликоптер-родителството“?
Иако намерите најчесто се добри, претераната контрола може да предизвика проблеми во развојот на детето.
Намалена самодоверба
Кога родителите постојано ги решаваат проблемите наместо своите деца, тие ненамерно можат да им испратат порака дека не веруваат во нивните способности.
Со текот на времето, детето може да почне да се сомнева во сопствените одлуки и да избегнува самостојно преземање одговорност.
Потешко справување со неуспехот
Разочарувањата се природен дел од растењето. Доколку родителите секогаш ги отстрануваат пречките, децата имаат помалку можности да научат како да се справуваат со непријатни ситуации.
Истражување објавено во списанието „Developmental Psychology“ во 2018 година покажало дека претераната родителска контрола може негативно да влијае врз способноста на децата да ги регулираат своите емоции и однесување.
Поголема анксиозност
Некои истражувања откриле поврзаност меѓу претераната родителска вклученост и повисоките нивоа на анксиозност и депресивни симптоми кај децата и студентите.
Тоа не значи дека секое дете со заштитнички настроени родители ќе развие вакви проблеми, но укажува на важноста на рамнотежата меѓу поддршката и самостојноста.
Недоволно развиени животни вештини
Кога родителите постојано ги извршуваат секојдневните обврски наместо децата, тие им ја ограничуваат можноста да стекнат практични вештини.
Врзувањето врвки, подготвувањето училишна ужина, средувањето на сопствените работи и преземањето одговорност за домашните задачи се активности преку кои децата учат да бидат самостојни.
Исто така, ако родителите секогаш зборуваат во нивно име, децата можат потешко да научат како сами да поставуваат прашања, да побараат помош или да ги застапуваат своите потреби.
Дали постојат и позитивни страни?
Претераната вклученост не значи дека родителите не прават ништо добро.
Децата на ваквите родители често добиваат значителна поддршка, имаат организирани обврски и знаат дека можат да се потпрат на своето семејство.
Родителите обично се добро информирани за нивниот училиштен успех и брзо реагираат кога ќе се појават проблеми со врсниците или здравјето.
Сепак, суштината е во тоа поддршката да не ја заменува самостојноста.
Како да избегнете претерана контрола?
Експертите советуваат родителите постепено да им дозволуваат на децата сами да се справуваат со предизвиците, во согласност со нивната возраст и способности.
Тоа подразбира да им се даде простор да погрешат, да почувствуваат разочарување и да научат како да го надминат неуспехот.
Наместо веднаш да го решат секој проблем, родителите можат да ги насочуваат децата кон самостојно пронаоѓање решение.
Според експертката за детска отпорност Дебора Гилбоа, токму ваквите искуства им помагаат на децата да изградат самодоверба и да сфатат дека можат да се справат со тешкотиите.
Целта не е родителите да бидат помалку присутни во животот на своите деца, туку да им овозможат постепено да стануваат посамостојни и поспособни да се справуваат со светот околу нив.
