3.8 C
Скопје
19:00 - 18 декември, 2024

АНА ЈОВКОВСКА: Не „кукумјавкам“, туку го барам ѕвончето со кое ќе свирнам за ПРОМЕНА!

Наша соговорничка во „Женски печат“ е Ана Јовковска, новинарка, колумнистка, авторка, ТВ-водителка, специјалист за односи со јавност и промоција, тренер за комуникациски вештини и личен и професионален развој, активистка и хуманистка. Приватно, ужива да вози велосипед, не само рекреативно, туку за неа велосипедот е еколошко превозно средство. Им помага на луѓето и животните како начин да го оправда своето постоење. Рајот го замислува како библиотека полна со книги.

„Сакам, значи постојам“ е вашата трета книга, и едвај чекаме да ја прочитаме! Што ни носите, овојпат, со неа?

– Целата јас на мегдан. Триста страници натопени во мастилото на љубовта (се смее, н.з). Оваа книга ми е како откината од срцето. Деновиве излегува од печат и цела треперам од возбуда дали ќе биде љубов на прв поглед со публиката. Мислам дека напишав стилски разиграно книжевно дело кое не им робува на формите. Целосно е различна од моите две претходни книги: „Пулсот и времето“ и „Ехо на слободата“. Сакав да е храбра, да не е вкалапена, а издавачката куќа „Три“ одлично ми ја „пофати“ идејата. „Сакам, значи постојам“ е еден вид интимно-културолошки дневник со искрени исповеди за животот, љубовта, болката, слободата, родителството, емпатијата, дискриминацијата, егото, интегритетот… И што друго ви носам овој пат? Хм… Силен „загриз“ во болните теми на времето во кое живееме, од неверството и хедонизмот, сиромаштијата и дискриминацијата, технологијата и општествената одговорност, човековите права и феминизмот, стресот и мелницата на денешното живеење, консумеризмот, проституцијата на уметноста… Не знам дали успеав да ги „фатам“ состојбите на невралгичните премрежја на нашево време и на нашите души, но знам дека со секој ред „Сакам, значи постојам“ зборува за потребата овој комплициран свет да се спаси со љубов и добрина.

Читајќи ја рецензијата на професорката Ана Мартиноска, книгата е поделена во три поглавја: Љубовта е дете на слободата, Очи што будат солидарност и Револуцијата има име, се вика Љубов! Со оглед на тоа што, за жал, сè уште не сум ја прочитала книгата, би ве прашала вака „од прва“, од првото поглавје – Како да се остане и слободен и вљубен денес? Успевате ли вие во тоа и на кој начин?

– Слободен си само кога избираш да живееш по свое! Вљубен си кога љубиш безусловно! Мене тоа ми е многу важно и затоа се движам по тркалото на животот без да правам компромис со своите вредности и принципи. Порано ми беше важно да им се допаднам на што поголем број луѓе, денес ми е важно да си се допаѓам самата на себе. Навечер да заспијам спокојна и љубовна. Не чекам другите да го сработат она што самата можам. Не „кукумјавкам“, туку го барам ѕвончето со кое ќе свирнам за ПРОМЕНА! Промената почнува од себе!

Колку според вас, и зошто, е комплициран светот во кој живееме? И кој, според вас, во нашата држава, го комплицира светот?

– Не ме плаши комплицираноста на општеството. Ме плаши корупцијата, алчноста и простотилакот. Ме плашат и предвреме остарените млади луѓе кои не се борат да го направат светот поубаво место. Ме плаши лошотијата со која криминалците ни ја голтаат вербата дека после транзициската чекалница во која заглавивме со години, ќе дојдат поправедни институции, подобри градинки и училишта, помалку урбана мафија, повеќе зеленило и велосипедски патеки, поквалитетно образование, почист воздух…

Александар Прокопиев, писател, прашува – Од каде ти е таа неуништлива креативност и постојана потреба да направиш нешто што е убаво и што има твој женски печат?

– Прво, да му се заблагодарам на професорот Прокопиев за убавите зборови, иако ме подзамисли со прашањево… Сè што правам тргнува од верувањето дека кога нешто сакам, тогаш и можам. САКАМ во себе имплицитно содржи цел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешен импулс на проактивност за подобрата ЈАС, подобар живот, подобар свет. Затоа и мојата нова книга ја насловив „САКАМ, ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ“, по инспирација од онаа позната мисла на основачот на современата филозофија и татко на аналитичката геометријa, Рене Декарт, – “Cogito ergo sum“!/„Мислам, значи постојам“! Арно ама, во овој наш свет има премногу татковци, а премалку мајки. Ете, на пример, Рене како татко на модераната филозофија, Сократ како татко на “I know that I know nothing/„Знам дека ништо не знам“, Аристотел како татко на “Zoon pоlitiкon“/„Човекот е политичко суштество“ итн… И токму затоа, јас решив да бидам „мајка“ на „Сакам, значи постојам“. Поженски печат од ова здравје!

Невена Поповска, новинарка, прашува – Во вашата емисија „Пулс“ ги внесовте важните културолошки, филозофски и политички теми. Во културата особено недостига овој тип на емисија. Гледате излез?

– Не сум човек што заглавува во мракот на сомнителните тунели, па се трудам да видам излез. А, дали после дваесет години поминати во телевизија и после пет години апстиненција од екраните се гледам себеси на крајот од тој тунел, тоа е веќе друго прашање. Свесна сум дека очајно недостига емисија како „Пулс“, но како поминува времето сè повеќе ми умира надежта дека медиумите конечно ќе станат светилници за едукација и квалитет, па затоа својата „мисија“ ја пренасочувам кон други медиуми – книжевност, колумни, сценарија, едукативни тренинзи и обуки, форуми, дебати… Излезот го гледам во независен и силен јавен сервис, кој ќе биде бастион на слободата.

Ели Танасковска, новинарка, констатира и прашува – За мене сте едно од најубавите нешта што се случило во новинарството и јавниот живот воопшто. Едуцирана, отворена кон соговорникот, суптилна, со длабока состојба на духот. Многу ми недостигаат вашите емисии за кои сум се „лепела“. Дали размислувате за нов телевизиски проeкт?

– Ми ги зацрвенивте образите (се смее, н.з). Некако многу пофалби ми дојдоа преку ова интересно интервју, а секоја пофалба бара да се оправда. Верувам дека преку новата книга ќе им надоместам на сите на кои им недостига мојата енергија што 20 години зрачеше преку ТВ екраните. Конкретниот одговор можеби ќе ги разочара оние што повеќе сакаат да ме слушаат и да ме гледаат отколку да ме читаат – во овој момент не размислувам за нов ТВ проект. Тоа не значи дека во иднина нема да се случи. Сепак, сакам да зборувам за сега и тука. А сега и тука се: „Сакам, значи постојам“, што деновиве излегува од печат, големата промоција во Скопје што ќе следува, промотивната турнеја низ другите градови, искрените дружби со читателите во книжарниците на „Три“, списанието „Портрет“ за кое пишувам последниве четири години, професионалните ПР ангажмани, модерирањата на конференции и дебати, НЛП тренинзите, како и обуките по комуникациски вештини и личен и професионален развој што ги држам на луѓе кои сакаат да растат во кариерата и во животот. На врвот на сето ова е моето семејство, секогаш на прво место!

Тони Димков, новинар, прашува: Во средина каде се заборавени или изгубени општоцивилизациските, хуманите и културолошките вредности, какви совети му давате на своето дете? За каков свет и вредности треба да се бори?

– Ова прашање ќе ви го одговарам со неколку едноставни стихови од книгата:
Ако успееш да останеш правичен во свет полн неправди
Ако успееш да останеш добар кога другите се итри и подмолни
Ако успееш да веруваш кога сите лажат,
да сакаш кога полесна опција е да се мрази,
да продолжиш да се бориш кога полесно е да се предадеш,
да бидеш чесен кога лукавоста те провоцира,
да бидеш едноставен во овој комплициран свет,
да бидеш свој кога е полесно да се биде во стадо –
тогаш ќе успееш да гледаш со радост,
да прекоруваш со добрина
и да го стопиш злото со еден поглед на вистината.

Свесна сум дека очајно недостига емисија како „Пулс“, но како поминува времето сè повеќе ми умира надежта дека медиумите конечно ќе станат светилници за едукација и квалитет, па затоа својата „мисија“ ја пренасочувам кон други медиуми – книжевност, колумни, сценарија, едукативни тренинзи и обуки, форуми, дебати… Излезот го гледам во независен и силен јавен сервис кој ќе биде бастион на слободата.

Слични објави

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо
Се вчитува....