0.8 C
Скопје
22:05 - 18 декември, 2024

ХЕРОИНА НА НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ: Охриѓанката Весна Миленкоска готви и подарува – топол оброк на оние кои немаат

Весна Миленкоска

Да позборуваме за хероите на нашето секојдневие. Луѓето кои се ветер в грб, надеж дека добрината уште постои и е околу нас. За дарувањето и среќата која се крие во малите нешта.

Која е охриѓанката Весна Миленкоска?

-Обожавам храна, голем гурман сум, можам часови и часови да поминам во кујна подготвувајќи разни специјалитети. Она што посебно ме опушта во кујна е месењето. Од ноември минатата година работам со кисело тесто. Од претходно подготвен стартер, само вода и брашно, правам лепчиња, без квасец и адитиви, по пат на природна ферментација од 24 часа. На почетокот го правев само за дома, па за моите блиски, а откако по објавите на мојот инстаграм-профил имаше побарувања за моите лебови, почнав да правам и за други. Како сопруга и мајка на две деца, семејството ми е на прво место и ја користам секоја можност со тазе подготвен оброк да се собериме заедно на трпеза. Слободното време го поминувам во мојата мала домашна библиотека која постојано расте. Кафе и книга е мојата добитна комбинација.

Весна Миленкоска
Весна Миленкоска / Фото: Приватна архива

Вашата желба и талент за готвење ве носи чекор подалеку од вашата сопствена кујна и трпеза. Колку време ја правите оваа добрина, како започна приказната со „Зготви и подари“?

-Поради состојбата во која се најдовме минатата година, слободното време и желбата за готвење, ми се роди идеја да израдувам семејство со тоа што би зготвила и би им подарила топол оброк. Да не ми биде преголема обврска, се одлучив тоа да биде само еден ден во месецот, а кој ден би го одбрала беше лесно, во моментот читав книга во која главниот лик имаше изложби на неговите дела, во неговото маало, секој последен четврток во месецот. Тогаш се одлучив за нов инстаграм-профил каде јавно ќе ги споделувам моите специјалитети и со надополнување на идејата за зготви и подари бев сигурна дека нема да бидам копија на ниту еден друг. Така и бидна, foodjoy_ves и #зготвииподари од 12-ти Ноември минатата година посети дванаесет семејства, донирани дванаесет комплетни оброци.

Како ги наоѓате луѓето, семејствата кои имаат потреба од топол оброк и како реагираат на вашето дарување?

-Контактите со семејствата најчесто ги добивам од луѓе, мои сограѓани, кои подолго време организираат хуманитарни акции. Имаше и неколку семејства кои лично ми се обратија за помош. Со секое јавување на ново семејство имам трема, дали ќе прифатат, што ќе ми речат, да не ги навредам… А, тие се толку скромни, благодарни, возбудени и среќни дека некој помислил на нив. Со солзи во очите ме пречекуваат, со милион благослови ме испраќаат.

Повеќе од јасно е дека ова го правите од лична волја да помогнете. Која е наинспиративната приказна на која сте наишле?

-Тешко е да се одвои само една. Секое семејство си има своја приказна, а гладот е посилен од гордоста. Едно семејство беа единствените по тоа што ме поканија да останам да ручам со нив. Кога се договаравме што да им зготвам беа толку скромни и не пребираа. Сепак, во разговорот успеав да извлечам кои се нивните омилени јадења, човекот ми призна дека сака ќофтиња и никој дотогаш му нема зготвено по желба. Имаа брашно кое не беа во состојба да го подготват поради здравствени причини и ми го дадоа велејќи ми: „Замеси и однеси леб и на друго место“. Едно девојче ми скокна во прегратка прашувајќи ме: „За мене што има?“. Еден татко кога се слушнавме го прашав дали смеам да одесам и облека, ми рече: „Како за брат твој, сестро, како за брат!“. Кога се враќам дома, чувствата ми се измешани, среќна сум бидејќи барем за кратко ги оттргнувам од нивната сурова реалност, тажна сум од она што го гледам, а немоќна истото да го променам. Една бабичка ме праша: „Ти девојче од кој ресторан си, кој те пушти?“. Никој не ме пушти, никој не ме прати, јас сум некој што знае што значи да се нема!

Колку гладен народ има во нашата земја?

-Колку што има сит, толку има и гладен народ. Можеби не сме свесни колку ги има поради тоа што тие се тивки и повлечени но тука се и тоа во голем број.

Дали имате некаква помош од институциите за ова што го правите? Доколку не, дали можат граѓаните да се влучат со дарување на намирници и каде можат да ве најдат?

-Искрено, институциите не ни знаат дека постојам, не сум се обратила никаде. Свесна сум дека со оваа моја иницијатива нема да се искорени гладот во мојот град, но знаејќи дека барем малку придонесувам во надминувањето на овој проблем ми е големо задоволство. Кога во ова би се вклучиле граѓани од повеќе градови, па и институции, #зготвииподари би станала национална иницијатива. Тогаш можам да кажам дека сме успеале. Среќата се множи кога се дели!  #зготвииподари започна со комплетно приготвен оброк (салата, главно јадење, топол домашен леб и десерт). Од месец во месец, поддршката која ја добивам е се поголема. Во моментот кога ќе се договорам со семејството, објавувам што им е потребно. Така се вклучуваат добри луѓе, најпрво беа моите другари, пријатели, а потоа и луѓе кои лично не ме познаваат. Донираат храна, облека или парични средства. Оброкот и понатаму останува моја обврска. Сè друго што добивам им го доставувам на семејството кое секогаш останува анонимно.

Сите заинтересирани кои сакаат да се приклучат на #зготвииподари може да ме контактираат преку мојот инстаграм-профил foodjoy_ves .

Слични објави

(Фото) Вељко Ражнатовиќ објави досега невидена семејна фотографија: Синот Жељко позира со стегнати мускули

Еспресо

(Фото) Иван Јованов воодушеви со празнична фотосесија со својата ќерка Ниа

Еспресо

Бресквица конечно откри како го добила прекарот: За сѐ била виновна една личност

Еспресо

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо
Се вчитува....