14:27 - 19 април, 2024

(ФОТО) ВАЛЕНТИНА ДУКОВА НИ ГИ ОТКРИВА ТАЈНИТЕ НА ПРИРОДНОТ МЕД: Како што имаме матичен лекар, треба да имаме и свој матичен пчелар

Како да препознаеме квалитетен мед, дали е здрав кристализираниот мед, може ли да го јадеме со метална лажичка, а при тоа да не ги загуби своите својства, има ли медот рок на траење и како правилно треба да се чува, на овие прашања ни одговора Валентина Дукова, сопственичка на пчеларникот „Дукови“.

фото – приватна архива

Велешанката Валентина Дукова заедно со сопругот Тони, како главен пчелар, се први во семејната лоза кои започнала да се занимаваат со пчеларство, во 2004 година, по иницијатива на пријатели пчелари.

Купиле неколку сандаци со кои полека Тони го учел и усовршувал пчеларскиот занает, сè до 2014 година, кога смело ја напуштил работата за професионално да се занимава само со пчеларство, како основна дејност. Пчеларникот „Дукови“, кој се наоѓа во село Подлес, веднаш до Подлешкото Езеро, под планината Клепа, на 600 метри надморска височина, денес брои околу 200 пчелни семејства. Во семејниот бизнис помагаат и двата сина, Бубе и Коки.

– Не случајно го одбравме Подлес, еколошко место, чисто и идеално за пчеларење. Тој предел, околината околу пчеларникот, изобилува со многу лековити растенија, најмногу го има трнот драка познат како чалија, но и мајчина душичка, кантарион, ајдучка трева, бел и црн слез, камилица, коприва, маточина, поддабиче, бел ливадски чај, има многу багрем, бозел, липа и многу други лековити билки – објаснува Валентина за производството на чист, природен, ливадски мед, производ кој собрал бројни награди, како и задоволни потрошувачи од земјата и странство.

За оние што не се упатени, како се произведува квалитетен мед?

 – Производството на квалитетен, природен мед зависи од тоа каде е поставен пчеларникот, дали во неговата околина има некакво загадување и со какви растенија и билки, односно со каква паша изобилува околината на пчеларникот. Во околината на нашиот пчеларник нема никаква обработлива површина што се третира со разни пестициди и препарати, најмалку на седум километри оддалеченост се првите обработливи ниви.

На пазарот денес се нудат најразлични медови, како да препознаеме добар мед и квалитетно саќе?

– Кога се купува мед и други пчелни производи како што се матичен млеч, перга, мед во саќе, полен и мешавините кои ние ги имаме, како на пример, коприва со мед, перга со матичен млеч во мед, црно семе со мед, куркума со мед, мед со јаткасти производи, мешавина како лек за болки во зглобовите и други, купувачот пред сè мора да е информиран на која локација се наоѓа пчеларникот, зашто овие производи не се купуваат од секого. Како што сите имаме свој матичен лекар, треба да имаме и свој матичен пчелар, кој е проверен, сигурен, и редовно само од тој пчелар да се снабдуваме со мед и други пчелни производи.

фото – приватна архива

Медот за пчелите е воедно и храна и зимска залиха, како знаете колку мед да соберете, а да има „пола за вас, пола за пчелите“?

– Зависи од годината и временските услови во неа, различен е и приносот на мед од едно пчелно семејство, но секогаш пчеларот треба да знае дека на секое пчелно семејство треба да му остави од 12 до 15 кг мед, за да може да ја преживее зимата.

Дали кристализацијата на медот е карактеристична и за квалитетниот мед?

– Купувачите одбиваат да го купат кристализираниот мед бидејќи мислат дека е штетен, што не е точно. Кога медот ќе се кристализира, тоа покажува дека тој навистина е квалитетен. Кристализација почнува зиме, кога температурата ќе падне под 15 степени. Штом медот ќе стане кристализиран, значи дека е природен, а при тоа го задржува својот состав, својствата и квалитетот.

Се вели дека медот не треба да се јаде со метална лажичка, има ли вистина во тоа?

– Вистината е дека медот може да се јаде со дрвена, пластична или метална лажица. Металната лажица е направена од инертен материјал, кој при нормална употреба не стапува во никаква хемиска реакција со храната. Можеме да го јадеме медот како сакаме, нема да ги изгуби добрите состојки. Медот е многу добра намирница во периодите кога владее грипот и настинката. Како што народот вели – „најважно е да ни падне лажицата во медот“, а каква лажица – тоа е сосема неважно.

Може ли медот да се расипе и во кој случај? Има ли рок на траење?

– Медот е познат по својот долг рок на траење. Ова се должи на неговите посебни својства, тој содржи многу мал процент влага и доколку добро биде спакуван, без допир со влага, и доколку се чува на соодветно место и температура, нема да се расипе.

Како се чува медот?

– Медот се чува во пластични садови, во сува и чиста просторија и да нема допир со влага и воздух. Доколку така се чува ќе има неограничен рок за употреба.

Инаку, Валентина е членка на Фејсбук групата …ДВОРЧЕТО…, група која ви ја препорачуваме да си станете член и да се изнагледате преубави објави!

УЖИВАЈТЕ ВО ФОТОГАЛЕРИЈАТА:

ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА

 

 

Слични објави

(Фото) На една рака носи 18.000 евра: Александра не штедела на себе, сите гледале во овој скап детаљ

Еспресо

Ќе се вика „Вила Јована“: Дечкото на Јована Јеремиќ ѝ купи луксузна куќа со базен и овоштарник

Еспресо

Со Сергеј Трифуновиќ е приведен и неговиот „дилер“: Нови детали за апсењето

еспресо

Дарко Лазиќ по третпат станува татко: Катарина е бремена!

еспресо

(Фото) Синот на Драгана Мирковиќ јавно ја поддржа мајка си: „И во добро и во зло…“

jasmina.kantardzieva

Уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ: Купувал марихуана

еспресо
Се вчитува....