22:41 - 22 декември, 2024

Зошто исчезнувањето на Марија се држи во строга тајност?

Дваесет и осумгодишната Марија Брзакова од струмичко село Босилово исчезна на 18-ти минатиот месец. Исто толку (18) денови минуваат во исчекување на нејзините најблиски и семејството дека таа ќе се врати дома. Младата Брзакова, на 18 јануари (сабота) наутро излегла од својот дом и не се вратила. Каде отишла, засега никој не знае, или пак знае, а на истражителите не им кажува.

Засега само се знае дека таа утрото кога излегла од својот дом, била облечена во тренерки во темна боја, на нозете имала патики или влечки, со себе не носела ташна, мобилен или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса. Исчезнувањето во полицијата го пријавил нејзиниот сопруг. Марија е по потекло од соседното село Турново. Таа е мајка на четиригодишна ќеркичка.

Најблиските велат дека никогаш не би го оставила детето само. По неа трага полицијата, ловџии, селани, роднини и пријатели, но никој нема информација што се случило со Марија тој 18 јануари.

„Слободен печат“ неодамна беше во Босилово, со цел да дознаеме нешто повеќе за Марија, да видиме дали некој нешто слушнал, видел, но заминавме со штури информации оттаму. Никој ништо не знае, никој ништо не сака да зборува. Семејството не сака да дава изјави, соселаните не ја познаваат, бидејќи живеела во Швајцарија, а од полицијата само информираат дека не откриваат детали во корист на истрагата.

Се обидовме да најдеме било какви информации за Брзакова на социјалните мрежи, но и таму попусто. Такво име не постои, фотографии со тоа име нема.

Македонската јавност е во исчекување на било каква информација во врска со Марија.

Марија ја нема на сајтот на МВР

Нејзината фотографија со основни податоци не е на веб страната во одделот „Исчезнати“ кој се наоѓа на сајтот на Министерството за внатрешни работи. Освен Брзакова, уште неколкумина исчезнати во последните денови не се на оваа листа. Официјaлно, според податоците кои полицијата ги има објавено на својата веб-страница 62 лица, мажи, жени и деца се исчезнати од земјава. Според фактите, некои се бараат уште од 2001 година и за нив МВР нема никаква трага, ниту сознание. Од полицијата велат дека, за да се објави фотографија со податоци на исчезнато лице, освен наредба од Одделот за потраги, потребна е и согласност од семејството на исчезнатото лице.

Според МВР, лани без трага и глас исчезнале, ни повеќе ни помалку, туку 32 лица.

– Во 2019 година се издадени 439 објави за пронаоѓање на исчезнати лица, а реализирани се 407 објави за пронаоѓање на исчезнати лица – велат од МВР за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ ги праша истражителите, зошто потрагата по Марија, се чува во голема тајност, зошто нејзини фотографии не се споделат со медиумите, зошто јавно не се апелира до граѓаните, ако некој има било каква информација да пријави? Тие ни посочија дека потрагите по исчезнати лица е една од потешките области кои ги работи полицијата и дека одлуката за тоа, дали во потрагата ќе се вклучи и јавноста, зависи од семејството.

Како тече истрагата по исчезнато лице?

Според истражителите, кога се истражува едно исчезнување, не се зема предвид само периодот кога личноста излегла или последен пат е видена некаде, туку се истражува се до последен детал.

– Се проверува каде бил, со кого и каде бил последните денови, какво здравје имал, дали имал закани, се проверува телефонскиот број, се земаат изјави од роднини и пријатели, се проверуваат последните локации каде бил/а виден/а. Се истражуваат локациите каде најчесто престојувала или одела личноста. Толку тешка и премногу сложена работа е истрагата по исчезнато лице. Пред сè, тоа е трка со времето. Сакате што поскоро да се најде пријавениот-пријавената здрава и жива. Верувајте, нема ништо потешко кога ќе морате да бидете во улогата на „човекот кој ја носи лошата вест“ – велат истражителите.

Тие посочуваат дека таков бил случајот од пред 11 години, кога исчезна малата Ангела Ѓорѓиоска од мариовското село Дуње. После неколку месечна потрага и според пронајдените делови од останките во близина на мариовското село Пештани, според ДНК анализата што ја направи Институтот за судска медицина, се потврди дека истите се од малата Ангела која изчезна на 23 јули 2009 година.

Во Кривичниот суд веќе им се суди на убијците на сега веќе покојниот 26-годишен скопјанец Пино Секондо, кој се водеше како исчезнат од 11 декември 2018 година. Неговото исчезнување беше пријавено од неговата мајка. Таа бараше помош од државните институции и полицијата во потрагата по нејзиниот син. Но, на 29 април лани истрагата доби несреќен крај. Граѓанин пријавил во полиција дека на местото викано Башинец во атарот на село Љуботен пронајден е човечки скелет покриен со камења. Истрагата утврди дека станува збор за останки од Пино Секондо. Се дозна дека тој бил убиен и неговото тело било оставено во дупка и покриено со ќебе. За неговото убиство обвинети се две лица, 27-годишниот Али Фуркан кој сè уштее  во бегство и притворената Анѓела Ѓорѓиевска од скопската населба Ѓорче Петров. Најблиските на Секондо, неговите останки ги погребаа во Италија каде што живеат.

Во списокот на МВР за исчезнати и непронајдени се и Саљи Салиу кој исчезнал на 23.10.1999 година, Бети Грнчаровска исчезната на 12.08.2007 година, Џелил Османи исчезнат на 3.07.2001 година, како и Трајанос Пападимитриу од Грција исчезнат на 15.12.2003 година, чија што последна трага е во Гостивар. И денес, после низа месеци и години од исчезнувањето, никој нема повратна информација дали за исчезнатите Митковски Стојан, Зеќир Имероски, Зеќир Имероски, Мирсада Хелдовиќ, Митат Ибраими, Дане Мемеди, Веле Дојчиновски, Фикри Исмаил и ред други…

 

Репортажа на „Слободен печат“: Болката на Брзакови за исчезнатата Марија тежи над Босилово

 

The post Зошто исчезнувањето на Марија се држи во строга тајност? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....