3.8 C
Скопје
09:39 - 21 декември, 2024

Зошто ФЗО традиционално доцни со исплата на капитација за матичните лекари?

Фондот за здравствено осигурување дури денеска им исплати капитација на матичните лекари за месец мај. Приватните матични лекари се крајно разочарани зашто не им е исплатен трудот навремено. Од предизборното ветување од 2016 година, дека капитациониот бод ќе порасне на 90 денари нема ниту трага ниту глас, а пракса е станато да се доцни повеќе од 60 дена за да им се исплатат парите на матичните лекари што ги заработиле по пациент.

-Капитацијата се исплаќа со тримесечно доцнење, традиционално. Порано, пред електронското здравство, оправданието им беше дека им треба време за да се пресмета кој матичен лекар колку пациенти имал, ние сами правевме фактура и ја носевме. Сега тие ни ја изработуваат нашата фактура и ја плаќаат со ваков период на чекање. Никаде на друго место, вели доктор Ненад Лазаров, приватен матичен лекар.

И други лекари се жалат на истата практика на поигрување со нивниот труд. Матичен лекар од внатрешноста кој има своја ординација и инсистира на анонимност, тврди дека проблемот е во тоа што Фондот за здравствено осигурување има монопол.

-Ние имаме договори со ФЗО кои тие самите ги кројат и ние безусловно мораме да ги потпишеме бидејќи немаме друго чаре. Кога би имале повеќе фондови тогаш тие нас ќе не молат да потпишуваме договори а ова е резултат на монополската позиција на ФЗО. Во договорите точно пишува дека исплатата за тековниот месец се врши најдоцна за 60 дена. Ама, не по наша желба. И тие доцнат со исплатата на сите. Значи, кредитираат 60 дена и уште доцнат 7 дена. Ова е недозволиво, вели лекарот.

Директорот на ФЗО Ирфан Лимани за ,,Слободен печат” пак тврди, дека понекогаш има технички проблеми при исплатата, но дека редовно матичните лекари ја добиваат капитацијата во првата недела по истекот на 60 дена од рокот што го имаат во договорот и дека денеска им била исплатена.

-Не им доцни капитацијата, туку така им стои во договорот. Сите се исплатени денеска. Не секогаш, но понекогаш се случува да имаме технички потешкотии, рече Лимани.

Капитација е исплата од Фондот за матичниот лекар по глава на пациент. Пациентите се бодираат во зависност од нивната старосна група. Еден бод е 63 денари.

-Фактички нам ни се пресметуваат бодови и тие ни исплаќаат во вкупен број бодови. На минатите избори ветија дека бодот ќе биде 90 денари за да опстанат многу амбуланти кои се пред затворање, ама ништо од тоа. Од каде селските амбуланти да соберат задоволителна бројка на бодови за да работат рентабилно? Не можат да ги измислат пациентите така, толкава бројка на пациенти има во таа општина или село. Затоа и селските амбуланти се затвораат, а пациентите се оставаат на немилост. Порано во секое село имаше амбуланта, ама сега само во поголемите има. Многу амбуланти затворија, вели нашиот извор, кој е приватен матичен лекар и има своја амбуланта.

Матичните лекари со кои зборувавме, велат дека кога во јавноста ќе се расчуе дека некоја ординација добила 2.000 евра од капитација, дека се создава погрешна слика според која сите тие пари се плата за лекарот. Но, тоа воопшто не е така. Капитацијата е буџетот на целата приватна ординација, сестринската плата, придонеси, кирија, струја, компјутерски систем, данок, сметководител, стерилизатори, дезинфекциски средства, медицински инструменти и уште еден куп други трошоци, по што од 2.000 евра на матичниот доктор му остануваат 36.000 до 42.000 денари плата зависно од месечните трошоци. A кризата со коронавирусот придонесе трошоците значително да им се зголемат, зашто сами си набавуваат заштитна опрема за целиот персонал.

Пациентите до 7 години се бодираат со 3 бода, оние од 7 до 18 години со 1.2 бода, од 18 до 34 години со по еден бод, од 34 до 65 години со 1.6 бода и оние над 65 години со 3.7 поени. Независно од тоа дали лекарот ќе прегледа еден ист пациент еднаш во месецот или десет пати, ја добива истата сума.

-Ова е монополска позиција. Зошто нема млади матични лекари? Затоа што сите сакаат веднаш да одат на специјализација и да влезат во државното здравство. Иако таму не велам дека платите се сјајни, барем се на сигурно. Освен тоа, кога Фондот за здравство прави месечни пресметки, ни ги бришат бодовите од некој пациент на кого работодавачот не му платил осигурување. Фирмата касни, или земјоделец не уплатил уште и на нас ни кратат од тие пари, се жали нашиот извор.

The post Зошто ФЗО традиционално доцни со исплата на капитација за матичните лекари? appeared first on Слободен печат.


Зошто ФЗО традиционално доцни со исплата на капитација за матичните лекари? was first posted on август 7, 2020 at 12:26 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....