-3.2 C
Скопје
06:26 - 19 ноември, 2024

Жестоки реакции на граѓани, политичари и архитекти: Универзалната сала е симбол кој треба да се негува, не да се руши!

Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, пред три години најави дека ќе се реновира Универзалната сала во Скопје, односно дека на тоа место ќе никне нов модернистички културен центар, а откако Асоцијацијата на архитекти на Македонија неодамна предложи новата Универзална сала да се дислоцира, Град Скопје ја почна постапката за реализација на оваа идеја.

Веќе е објавен и конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк „Универзална“. Колку ќе чини реализацијата на проектот не се открива во огласот, затоа што сега се избира идејното решение. За тие кои ќе го понудат се предвидени награди, односно 180.000 денари за првонаграденото решение, 120.000 за второто и 60.000 денари за третонаграденото решение. Идеите треба да се достават до 28 август годинава.

Лани во јули Владата му додели средства на Град Скопје за Универзалната сала. Сепак, во меѓувреме стана јасно дека салата нема да се реновира, туку е можно да се дислоцира.

Токму одлуката за дислокација на салата предизвика бурни реакции во јавноста. Револтирани граѓани, истакнати личности, организации, но и политички партии, се против рушењето на салата, која е „еден од симболите на градот коишто потсетуваат дека Скопје е град на солидарноста“.

Универзалната сала во Скопје е резултат на хуманоста на 37 држави, кои по катастрофалниот земјотрес што ја погоди македонската престолнина во 1963 година увидоа потреба од создавање на место каде македонскиот народ ќе ја промовира националната култура и уметност, но и културата и уметноста на другите нации.

Изградена од страна на бугарска компанија, Универзалната сала го претставува идентитетот на градот и е од огромно значење за сите граѓани, за што сведочат и бројните статуси на социјалните мрежи веднаш по најавата за нејзино рушење.

„Ќе ја гушкаме ли Универзална со цел да се направи модерен објект со иста или повеќе намени?“, „Најдобро ќе беше да има референдум за Универзална сала. Ако не, граѓаните да се фатат за раце околу неа, како за ГТЦ“, „Од оваа перспектива предлогот на Коце за изгледот на Универзална сала во форма на јајце е одличен“, гласат само некои од коментарите на социјалната мрежа Твитер.

Жанета Трајковска, директорката на Институтот за комуникациски студии потсетува на тоа дека пред само девет месеци портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, ветил дека до крајот на 2019 година ќе се донесе идејно решение за реконструкција на салата.

„Еве што беше ставот на Градот САМО пред 9 месеци за Универзална сала. Клучни зборови: “култна културна институција во Градот”, “среќни сме што Владата ја стави Универзална во капиталните инвестиции и ќе помогне финансиски на Градот”, “до крајот на 2019 идејното решение ќе биде претставено пред граѓаните и ќе почне да се реновира”. Што се смени од октомври 2019 до сега?! НемаТ пари или пак, можеби овде паркче, ама Треска има да се изгради до крај?! Не знам, ама ние чекавме план за реновирање, а не за рушење, оти ВИЕ така рековте. Или не сте биле сериозни во ставовите, ни Градот, а богами ни Владата во делот на капиталното инвестирање“, стои во нејзиниот статус на Фејсбук, навраќајќи се на изјавата на Салиху.

Здружението на архитекти „City scope“, кое придонесува кон развој и унапредување на архитектурата на градот во сите нејзини гранки, потсети дека Универзалната сала е симбол кој  треба да се негува и одржува, а не да се руши.

„Во знак на 57 годишнината од земјотресот, градоначалникот на Скопје ќе ја руши Униврзална сала! Денес, еден ден по одбележувањето на 57 години од земјотресот во 63-та, градоначаникот на Скопје, Петре Шилегов излегува со конкурс за „парк со летна сцена на местото на Универзална сала. Универзална сала е дел од симболите на градот, коишто потсетуваат дека Скопје е град на солидарноста. Издигнат од пепел, со сета меѓународна и југословенска помош, Скопје го преживеа еден од најтешките периоди во историјата, земјотресот во 63-та година. Тогаш сите заедници од целиот свет биле обединети со една цел, помош за обнова и повторна изградба на Скопје. Хуманоста и солидарноста со која се изградил овој град се гледа и преку примерот на Универзална сала. Финансиски поддржана од 25 држави, проект и изградба од бугарска фирма, Универзална сала е историјата и идентитетот на градот.ДА, на градот му треба поголема и посовремена концертна сала, но не и уништување на симболот на градот. За сала со поголем капацитет потребна е друга поголема и попристапна локација. ДА, на градот му требаат и нови паркови и зеленило, но не на местото на овој објект. Универзална сала не треба да биде компензација за зеленилото на фабриката Треска со спорниот ДУП. ДА, на градот му треба сеопфатно урбано планирање и градски архитект, а не расцепкани, избрзани и неквалитетни решенија кои го дополнуваат хаосот и самоволието во сите општини. Конкурс не секогаш е решение и е далеку од сеопфатно решение на ниво на град. А и досега се покажал како чисто популистичка и манипулативна процедура за злоупотреба на јавното добро“, стои во дел од реакцијата на „City Scope“.

Од ВМРО-ДПМНЕ исто така го истакнааа значењето и важноста на Универзалната сала за сите скопјани, па така советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје во својата реакција пишува дека „на неколку дена по годишнината од скопскиот земјотрес, Шилегов приредил нов“.

„На само неколку дена по годишнината од скопскиот земјотрес, Шилегов приреди нов земјотрес. Шилегов и СДСМ, кои три години ги лажат скопјани дека ќе го враќале духот на вистинското Скопје, вчера одлучија да се срушат Универзална сала, а за тоа ниту ги прашаа граѓаните, ниту стручната јавност, туку сами на своја рака ставија крај на една сала од која произлегле голем број на таленти. Симболот на Скопје, салата во која се организирани голем број на приредби, концерти и настани со кои пораснаа десетици генерации оди во историјата со одлука на Петре Шилегов и СДСМ, тоа е спротивно на сите нивни ветувања во предизборните програми дека ќе ја реновираат салата и дека ќе ја подобрат нејзината функционалност. Петре Шилегов станува џелатот на Скопје, не само што не гради ништо ново, туку го руши и она кое некој друг го направил и го оставил на генерациите по него“, стои во нивната реакција.

И лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се огласи со свој статус, во кој скопската Универзална сала ја спореди со римскиот Пантеон.

„Изградена со солидарна помош на 37 земји! Потсеќа на римскиот Пантеон. Симбол на главниот град…И иде еден пијаница и ќе ја рушел?! Оти само за рушење знаат. Ништо немаат изградено. Чунки, толку им се способностите. Мизерија од луѓе и од карактери“, напиша Апасиев.

Покрај сите овие реакции, засега не е познато каде би се наоѓал новиот објект на Универзалната сала и кога би се случила неговата изградба, со тоа што допрва се најавени дебати на кои ќе се дискутира за локацијата на концертната сала.

The post Жестоки реакции на граѓани, политичари и архитекти: Универзалната сала е симбол кој треба да се негува, не да се руши! appeared first on Слободен печат.


Жестоки реакции на граѓани, политичари и архитекти: Универзалната сала е симбол кој треба да се негува, не да се руши! was first posted on јули 28, 2020 at 1:34 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....