Најмалку 70 милиони евра дале досега граѓаните од државниот буџет за платите на вработените според Рамковниот договор, кои со години седат дома, а земаат плата. Таа бројка се добива ако се земе предвид дека овие вработувања почнаа во 2008 година со 1.000 нововработени, а годишно за работењето на Министерството за политички систем, каде што се водат овие административци, од државниот буџет се издвојуваат по околу 10 милиони евра, од кои најмногу се трошат за плати. Да биде трагедијата уште поголема, две третини од овие вработени воопшто не живеат во Македонија, а добар дел од оние што се тука работат на црно и ја поттикнуваат сивата економија.
Според извештајот за 2019 година за вработените во јавниот сектор, во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците има вкупно 1.460 вработени, а вицепремиерот Артан Груби, кој раководи со ова министерство, завчера најави дека 1.300 од нив ќе бидат прераспределени во други институции и ќе почнат да доаѓаат на работа.
– Во соработка со министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, во најкус можен рок ќе обезбедиме распоредување на сите вработени според Охридскиот рамковен договор. Приоритет ќе ни биде систематизацијата на 1.300 вработени од Министерството за политички систем, на кои треба да им најдеме место во државните институции низ целата држава. Ќе ги признаеме факултетските дипломи на сите административци и ќе ги мотивираме да се надградат себеси и својата иднина да ја гледаат и да ја градат во нашата земја – рече Груби.
Конечно има политичка волја
Ова не е првпат Владата да најавува конечно решение за рамковните вработени што напразно и противзаконски ги трошат парите на граѓаните. Пред две години беа донесени измени на повеќе закони и требаше да бидат распределени повеќе од 900 рамковно вработени, но тоа не се случи.
Според професорот Борче Давитковски од Правниот факултет при УКИМ, конечно има вистинска и видлива политичка волја да се надмине овој горлив проблем.
– Тоа е за поздравување. Редно е да се стави ред во јавната администрација и вработените да се распределат според закон, па пополнувањето на администрацијата да продолжи по законски терк. Тие досега беа вработени надвор од законот. Сите влади најавуваа дека ќе го надминат овој проблем, но ниту една не успеа затоа што немаше политичка волја. Сега, според изјавите во јавноста, се гледа таква волја. Добар знак е што ова ветување доаѓа на почетокот на мандатот на Владата, а досега се ветуваше на крајот од мандатот, од сосема други причини. И обидот во 2018 година не успеа затоа што, иако се сменија низа закони, немаше волја. Главен проблем е што голем број од овие рамковно вработени воопшто не живеат во Македонија, а некои се надвор од земјата и подолго од 10 години. Од 1.500 рамковно вработени, околу 1.000 не се тука. Проблемот со нив е решлив, тие веднаш треба да добијат отказ – вели Давитковски за „Слободен печат“.
Во врска со најавеното признавање на нивното образование, Давитковски вели дека за тоа треба да се изјасни МОН.
Конечното распределување на рамковните вработени е предвидено и во владината програма за работа за периодот 2020-2024 година, а оваа активност беше една од клучните и при договарањето на старо-новата владина коалиција на СДСМ и ДУИ.
„Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа во државните институции сите вработени по Рамковниот договор, а институциите ќе ги одобрат нивните барања за признавање на образованието, според последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата“, се наведува во програмата на Владата.
Неуставни вработувања
Според експертите, во некои институции има превработеност, а во некои недостасуваат кадри, па се очекува тоа да се исправи со најавената хоризонтална систематизација на рамковните вработени, но само под услов кадрите да се стручни. Во спротивно, квалитетот ќе се влоши и ќе се нарушат принципите на економичност и на ефикасност на администрацијата.
Поранешниот министер за правда Џевдет Несуфи вели дека политичката димензија на овие вработувања има негативни ефекти и последици во општеството.
– Првата последица е неправдата, што оваа категорија на таканаречени вработени остварува лични примања без реална основа, што по нашите закони и нашиот Устав е инкриминирање. Никој не смее да прима лични примања, а да не придонесува. Тоа значи газење со две нозе и на законот и дури на Уставот, бидејќи вработувањето е основно право и треба да се придонесува да се остварат примањата. Значи, прво тоа е голема грешка на институциите и на одговорните во нив. Второ, ние исто така цениме дека ова е во контекст на спроведување на Охридскиот договор. Но, овој договор не бара вработување на ваков начин, бидејќи се нанесува неправда меѓу реално вработените и нереално вработените – изјави Несуфи за „Дојче веле“.
Првите рамковни вработувања беа спроведени во 2008 година, а сите такви вработувања се извршени со огласи од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Во март 2019 година овој секретаријат прерасна во Министерство за политички систем за односи меѓу заедниците, со годишен буџет од речиси 10 милиони евра и со најголем број вработени, по МВР и Министерството за одбрана, односно по полицијата и војската.
За овие вработувања Македонија повеќепати доби негативни критики во извештаите на Европската комисија за напредокот кон ЕУ, во кои беше истакнато дека „продолжува вработувањето според квантитативна база, без да се гледаат реалните потреби на институциите и дека процедурата за ангажирање административци од немнозинските заедници е под политичко влијание“.
Кој во клин, кој во плоча
Во 2018 година тогашниот министер за администрација Дамјан Манчевски најави дека се направени законски измени што ќе овозможат во првата фаза да бидат распределени 958 рамковно вработени, од тогаш вкупно 1.600 лица, и тоа најголем дел во болниците и во МВР, но и во УЈП, Царинска управа, јавните обвинителства, МНР, МОН, Катастар итн. Тогаш беа извршени измени во законите за административни службеници, за вработените во јавниот сектор, за Управата за јавни приходи, за даночна постапка и на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
– Создадовме услови овие вработени да можат да се распределат не само во административната служба, како што беше случајот досега, туку и во институциите од јавниот сектор, со што значително се зголемува бројот на институции каде што овие лица ќе почнат со работа – рече тогаш Манчевски.
Една година подоцна, тогашниот министер за политички систем Садула Дураку рече дека 938 вработени според Рамковниот договор и натаму ќе седат до
The post За „рамковните“ досега потрошени повеќе од 70 милиони евра! appeared first on Слободен печат.
За „рамковните“ досега потрошени повеќе од 70 милиони евра! was first posted on септември 15, 2020 at 7:30 am.