Поранешните коалициски партнери, лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, вчера си испратија меѓусебно пораки околу барањето на ДУИ за премиер Албанец. Заев му порача на првиот Ахмети дека премиер не се станува со 15 пратеници, а потоа и првиот интегративец му одговори дека премер не се станува ниту со 46 пратеници. По острите пораки што двајцата лидери си ги разменија, денеска во двете партии владее молк.
Од Алијансата за Албанците велат дека изјавата на Ахмети е резултат на стравот и неизвесноста дека е можно за првпат по 2002 година ДУИ да стане опозиција. Врие во ДУИ, а нервозата во нивните редови е подигната на највисоко ниво, велат од Алијанса за Слободен печат.
– Осумнаесет години, уште од првиот ден, по завршувањето на парламентарни избори се знаеше дека ДУИ ќе биде дел од власта, а сега се во неизвесност бидејќи имаат конкуренција. Ваквата несигурност ги тера на разно разни изјави, оценуваат во Алијансата.
Вчера претседателот на СДСМ Зоран Заев, по конститутивната седница на Собранието, на новинарско прашање дали ќе ја прати ДУИ во опозиција како што најавуваше во изборната кампања, рече дека треба да се остави времето да покаже, но дека Коалицијата предводена од СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијансата и Алтернатива.
– Се зависи од отстранување на национализмите, но зависи и од цело едно поглавје за прочистување на судството, проверка на имотот. Треба сериозно да размислуваме за министри и за претседател на владата кои што ќе се зафатат да одработат за државата. Никојпат, како СДСМ не сме имале проблем за определбата на било кој кандидат, за било која функција во државата, но секако треба да се има и бројки за премиер. Со 15 пратеници премиер не се добива – рече Заев.
На ваквата изјава на Заев претседателот на ДУИ Али Ахмети, возврати дека премиер не може да се стани ниту со 46 пратеници
– Ниту со 46 пратеници не се станува премиер. Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата. Ние внимателно ги анализираме ситуациите, нема да брзаме. Секој чекор што ќе го преземеме ќе го направиме во интерес и во корист на државата, мирот и стабилноста и унапредувањето на поголемите процеси, како што се Охридскиот договор, вклучувајќи го и премиерот, рече Ахмети.
Во меѓувреме, од трите партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ најавуваат дека од денеска ги почнуваат преговорите за состав на новата влада.
Од партијата на Заев велат дека преговорите за новиот четиригодишен полн мандат за стабилно мнозинство во парламентот и за Влада која ќе се движи по европскиот пат ќе ги водат со претседателите на партиите, со работни групи, членови на раководствата на партиите. Најавуваат дека таквата влада ќе се грижи подеднакво за сите граѓани ослободени од предрасуди и национализми, за раст на платите и ќе вложува во младите.
– Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме. Новата Влада предводена од СДСМ ќе донесе и сериозна реформа на јавната администрација, промена која ќе донесе ефикасни, поголем број и побрзи услуги за граѓаните, но и намалување на обемот на администрацијата за 20%, со помал број министри и рационализација на јавните служби, соопштија од СДСМ .
Од Алијансата за Албанците, за Слободен печат велат дека веќе имале неформални разговори со СДСМ, но дека конкретно ништо не е договорено.
– Неформални комуникации сме имале, но ништо конкретно не сме договориле. Овие денови очекувам да имаме и конкретни средби со конкретни предлози. Заинтересирани сме да бидеме дел од владата, но без ДУИ. Конечно добро е и за граѓаните и за партијата на Ахмети да бидат во опозиција. И меѓународните пријатели мислат дека е време ДУИ да стане опозиција, вели генералниот секретар на Алијансата, Арбен Таравари.
Од Алијансата додаваат дека со освоените 12 пратенички мандати се сериозна конкуренција и дека нивните математики велат дека бројката на уште двајца пратеници за Влада не е недостижна. 46 пратеници од Коалицијата „Можеме“ плус Алијансата и Алтернатива и ДПА, се еднакво на 59 пратеника. Во ваков случај, на Заев би му биле потребни уште најмалку 2 пратеника за д аобезбеди мнозинство од 61 пратеник за состав на владата.
Во јавноста веќе почна наголемо да се шпекулира дека Заев овие два пратеника би можел да ги бара во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на оваа партија, Христијан Мицкоски изјави дека од разговорите кои ги водел со луѓето на кои им верува, а се дел од новиот парламентарен состав, не верува дека некој од нив ќе ја поддржи програмата на СДСМ.
– Да оставиме времето да покаже кој ќе го формира новото парламентарно мнозинство. Инаку ДА, на оние пратеници на кои им пристапиле мистериозни личности кои се повикуваат на името на раководството на СДСМ пријдоа и кажаа и со згрозување ги одбија и јас со згрозување одбивам да коментирам ваков тип на пазар – изјави вчера Мицкоски по конститутивната седница.
The post Врие во ДУИ: Стравот од одење во опозиција е голем appeared first on Слободен печат.
Врие во ДУИ: Стравот од одење во опозиција е голем was first posted on август 5, 2020 at 1:11 pm.