0.8 C
Скопје
11:19 - 23 декември, 2024

Во отсуство на самодисциплина, дисциплината се наметнува

Факт е дека коронавирусот ги напаѓа сите, а за постарите лица и лицата со слаб имунитет и кои се дијагностицирани со други состојби може да биде и кобен. Факт е дека луѓе умираат секој ден и факт е дека коронавирусот ја забрза нивната смрт. Најдобра и најефективна борба против ширењето на вирусот до сега се покажа да биде седењето дома, карантинот, таканареченото социјално дистанцирање. Тоа се препорачува од страна на државите за да спречат нагло растење на бројката на заразени кои треба медицински да се третираат и со тоа да се спречи тотален колапс на здравството и државата и тоа веќе на сите им е јасно. Ниедна држава, ниту оние најсилни економии како САД на пример, ниту оние со најдобро здравство како Франција не се спремни да одговорат на овој предизвик брзо и ефикасно и немаат капацитет, ни институционален, ни човечки, да се справат со голем број на заразени лица. Затоа се воведоа вонредни состојби, полициски час и таканатаму. Мерките превземени од државата стануваат се поригорозни и тука се јавуваат главните полемики.

Од синтагмата „забрана за движење“ бегаат сите затоа што тоа значи директно одземање на правата на човекот. Многу аналитичари, професори јавно се спротивставуваат на мерките донесени од државата сметајќи дека тоа постепено води кон целосна контрола на населението, а тоа е многу опасно. Во ред, сите се сложуваме, но треба ли да се земат во предвид околностите под кои се носат овие ригорозни мерки пред да се изнесат некои ставови? Ги носи ли државата рестриктивните мерки зошто сака или зошто мора, за доброто на нејзините граѓани? За мене одговорот е многу едноставен, реакцијата на државата е последица на однесувањето на луѓето. Државните институции на почетокот на кризата почнаа со препораки до населението, кога видоа дека граѓаните не се држат до препораките и вирусот почна нагло да се шири, тогаш се повлекоа другите неминовни чекори, вонредна состојба, задожителни карантини, полициски часови и таканатаму. Треба да се направи разлика помеѓу дисциплина и самодисциплина.

Самодисциплината или себедисциплината е форма на дисциплина но не се води од стравот од казна. Заканата од надворешна казна не е мотивирачки фактор за почитување на некои мерки или препораки. Самдисциплинираниот поединец е свесен за опасностите и ризиците кои може да настанат од непочитување на препораките и затоа ги почитува. Дури и да нема донесени рестриктивни мерки/закони од страна на државните инситуции тие поединци нема да ги прекршат мерките. Значи тие не го менуваат однесувањето во зависност од тоа дали надворешната казна (казна од државата) постои или не, тие ги почитуваат прифатените мерки внатрешно.

Дисциплината од друга страна е потребна за да се почитуваат законите донесени од институциите. За жал, за повеќето луѓе дисциплината е стимулирана од стравот од казна, мотивацијата да се почитуваат законите, мерките, препораките, произлегува од заканата од казна од страна на државните институции. Владеењето на стравот е есенцијален во овој случај. Доколку на тие што не се самодисциплинирани, или се единствено мотивирани на почитување на мерките/законите од надворешна дисциплина (државата), односно од постоење на казна и доколку таа (казната) се повлече, тие најверојатно нема да се придржуваат на препораките, што во многу наврати и се докажа.

Ете затоа постојат мерките, во отсуство на самодисциплина државата е таа која ќе не дисциплинира. А повеќето од луѓето во светот, не само ние, немаат елементарно образование, домашна култура, немаат чувство за одговорност, ни лична, ни општествена. Проблемот во оваа ситуација во која се наоѓаме е дека нивната неодговорност не само што го ризикува нивниот живот, туку и здравјето и животот на другите. Постоеја на почетокот препораки за домашен карантин, за редукција на движењата, за самоизолација доколку патувате од странство и ред други препораки кои на жалост не беа почитувани што резултираше со ширење на вирусот и со мерките кои сега ги имаме, а се очекува да бидат уште поригорозни.

Сосема друга работа е што нас генерално ни смета секоја одлука на владата/државата, ние по дефолт плукаме на истата, се жалиме од истата, односно подобро речено се жалиме на се и сешто. Дали била држават нормална што не се интересира за нашите граѓани кои се наоѓаат надвор од државата, одкако државата организираше хуманитарни летови и повеќето ги врати во државата, прашањето е зошто ги врати, требале да седат таму, зашто тие ја шират болеста. Само за споредба, Германија отворено прима пациенти од Франција и Италија, а ние ни своите луѓе не ги сакаме. Тие нашите луѓе пак донесени од странство, при добро познати правила, значи задолжителен државен карантин, сами од државата побараа да се вратат, за да сега се жалат на карантинот или на условите во карантинот. Нашите луѓе очигледно сакаат да бидат сместени во хотел од 5 звезди, со базен, надворешен и внатрешен, сакаат кавијар и шампањ, и ако државата тоа не го овозможи, тогаш државата е никаква, неспособна и не е вредна за живеење. Прашањето што произлегува е, па зошто тогаш овие луѓе бараат да се вратат?

Други се жалат немаат кога кучињата да ги шетаат, папагалите да ги летаат и крокодилите да ги пливаат. Трети се жалат немале балкони или немале дворови, ќе полуделе дома. Сите се паничат немала државата доволно медицински персонал, немала доволно респиратори, колку треба респиратори да има државата бе луѓе, 2 милиони, колку? Како што гледаме ниедна држава не е спремна со медицински персонал и опрема за да се опслужат поголем број пациенти одеднаш, затоа се мерките бе идиоти или ковидиоти (термин што ги опишува тие што не ги почитуваат препораките). Сега пак јас се прашувам дека воопшто не ми е јасно, од каде овие прашања денес, вчера ли овие луѓе дојдоа во државава, 30 години каде беа, за време на градење споменици и фасади каде беа? Моја препорака е сега да одите пред спомениците на Ацо Велики и Скендербег, тие ќе ви дадат и тестови, и маски, и респиратори. Драги сограѓани, па не ни дадоа пушки да се бориме, не ни дадоа копачи и лопати канали да копаме, не тераат да седиме дома, за наше и сечие добро. Гледате ли дека луѓе умираат секој ден околу нас, пред нас, толку ли е тешко да се почитуваат овие правила. Што на пример да беше војна состојба, да бомбардираа, да паѓаа ракети, бомби, надвор да имаше снајпери, што тогаш, ќе седевте ли тогаш дома, ќе се жалевте ли тогаш и на кого? Сетете се, не така одамна беше опсадата на Сараево, скоро 4 години траеше, пресечени им беа на сарајлии доводите за храна, струја, вода, лекови, надвор бомби и снајпери, сетете се и споредете. Сите услови ги имате и повторно не може да се стрпите неколку недели или месеци за да се стави крај на ова, а само се жалите.

За крај да резимирам во врска со забраните за движење, полициските часови, воедно сите рестриктвни мерки на државата што се носат за контрола на населението. Многу е битно да направиме една разлика, битна разлика, не треба да се плашиме толку од мерките кои се носат во вонредна состојба, ќе се укине вонредната, ќе се укинат и мерките, треба да се плашиме од тоа кој ги носи и што се може да направи во вакви услови, односно какви ќе бидат последиците. Не е исто дали мерките ги носи Орбан или Меркел, Груевски/Мицкоски или Спасовски/Заев, а од тој аспект мислам дека ние имаме среќа и треба да бидеме мирни.

The post Во отсуство на самодисциплина, дисциплината се наметнува appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....