-0.2 C
Скопје
23:35 - 26 ноември, 2024

ВМРО-ДПМНЕ сака да бојкотира СДСМ вели нема да го регистрира!

ВМРО-ДПМНЕ сѐ погласно најавува дека ќе ги бојкотира изборите ако СДСМ инсистира тие да се одржат на 21 јуни, а од СДСМ им возвраќаат дека за нив бојкотот е невозможен, затоа што во секој случај кандидатските листи на партијата ќе бидат на избирачкото ливче. Сè уште е неизвесно кога ќе се одржи уште една средба кај претседателот Стево Пендаровски во обид партиските лидери на парламентарните партии да постигнат консензус околу изборниот датум. Тие имаат простор да постигнат договор до 30 мај, кога истекува третата одлука на Пендаровски за вонредна состојба, а после тоа, согласно со Уредбата со законска сила за замрзнување на изборите, продолжуваат да течат роковите за преостанатите предизборни дејства. Изборите на 22 март беа прекинати на точно 22 дена пред гласањето и на еден ден пред почетокот на предизборната кампања, па доколку претседателот не ја продолжи вонредната состојба, кампањата ќе почне на 31 мај, а ќе се гласа на 21 јуни.

 

ВМРО-ДПМНЕ не оди на избори по цена на здравјето

 

Дафина Стојаноска од ИК на ВМРО-ДПМНЕ завчера го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека прави раздор помеѓу граѓаните и повтори дека партијата нема да оди на избори ако е загрозено здравјето на граѓаните.

Според неа, „смешен е и нереален“ ставот на СДСМ дека ако нема договор, ќе се оди на избори на 21 јуни зошто правните норми и Уставот велат така. Стојановска укажа и дека бројките говорат за голем број новозаразени и починати од коронавирусот, а за да се знае точно ситуацијата, мора да има доволно тестирања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за изборите сѐ уште зборува „кога и да се случат“ и апелира до сите политички партии да не ги оптоваруваат граѓаните со политики и политиканство.

Според него, владините и функционерите од СДСМ се лицемерни затоа што од една страна  бараат избори на 14, 21 или 28 јуни, а од друга страна барале продолжување на вонредната состојба.
Според Мицкоски, брзите избори нема да бидат фер ниту демократски, бидејќи СДСМ сака избори „каде што нема да се зборува за понуда и програма“. Тој смета дека во претстојната кампања кандидатите за пратеници поради вонредните околности нема да можат да се претстават себеси и програмата пред избирачите, затоа што граѓаните ќе чувствувале одбивност од тоа политичарите да им доаѓаат на врата, што не е фер и демократска процедура.
Во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ партијата вчера ги повика политичарите да престанат со лицитацијата за датум за избори, затоа што здравјето на граѓаните мора да биде највисокиот приоритет. Партијата го обвини министерот Венко Филипче дека „под диктат на Заев ја лаже јавноста дека првата битка со вирусот е добиена, со цел да се оди на избори, за да се спаси кариерата на Заев по цена на изгубени човечки животи“.

СДСМ нема да дозволи политичка криза

 

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вчера им укажа на ВМРО-ДПМНЕ дека тие не можат да ги бојкотираат изборите туку евентуално само предизборната кампања.

– Не смееме и со сигурност нема да дозволиме неодговорното и незрело однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја втурне нашата држава во лош правец, само затоа што тие се плашат од изборно соочување. Токму Мицкоски се согласи за избори на 12 април. Токму ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, поддржаа распишување на изборите, влезе во техничка влада, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, учествуваше во жребувањето и дури имаат и свое бројче на гласачкото ливче. Сега Мицкоски единствено може да избира дали ќе води изборна кампања или нема да води изборна кампања, а неговата партија во секој случај ќе се најде на избирачкото ливче. Доколку нема договор, тогаш по сила на закон изборите ќе се одржат на 21 јуни, односно 22 дена по истекот на вонредната состојба на 30 мај, во случај да не се продолжи – рече вчера Костадинов.

Тој повтори дека СДСМ во овој период има три клучни приоритети – заштита на здравјето на граѓаните, брза трансформација на економијата и функционални институции.

– Имаме распуштено Собрание за чие распуштање гласаа сите политички партии, имаме техничка Влада по пржински модел, на крајот имаме и распишано избори од претседателот на Собранието, кои беа одложени заради корона-кризата. Оттука, нема никакви пречки процесот да продолжи и изборите да бидат на 21 јуни. Според Комисијата за заразни болести и според надлежните институции, создадени се услови за одржување на предвремените парламентарни избори, секако со целосно почитување на протоколите за заштита на здравјето. Дека има услови за одржување на изборите, говори и позитивниот одговор на ОБСЕ/ОДИХР дека се подготвени да продолжат со набљудувачката мисија – рече Костадиниов.

Тој обвини дека Мицкоски сака да ја втурне земјата во политичка криза „само затоа што се плаши од изборен пораз“.

 

ДУИ и Алијансата бараат да продолжат лидерските средби

 

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и Бујар Османи од ДУИ бараат да продолжат лидерските средби за да се постигне политички договор за датумот за избори. Двајцата сметаат дека СДСМ треба да се покаже флексибилност во договарањето, затоа што не смее да се случи некоја партија да не учествува на изборите.

– СДСМ треба да покаже многу поголема флексибилност, а не да го бетонира 21 јуни како единствен датум за одржување избори – рече Таравари во дебатна емисија на ТВ Алсат.

Вицепремиерот Бујар Османи потенцираше дека освен што треба да се постигне консензус за датум за избори, треба да се почека да се стабилизира состојбата со коронавирусот, затоа што сè уште умираат луѓе како последица на ковид-19.

 

Спасовски: Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ очекуваат датум за избори

 

Ги добивме одговорите од сите три институции – од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија и од ОБСЕ/ОДИХР и тие нѐ информираат дека очекуваат датум за избори врз основа на што ќе ги почнат подготовките, објави вчера премиерот Оливер Спасовски.

– Комисијата за заразни болести даде извештај, стручно мислење, протокол за тоа на кој начин може да се одржуваат изборите и какви би биле тенденциите во однос на развојот на болеста. ДИК информираше за роковите што се потребни за спроведување на изборните дејствија. Во писмото од ОБСЕ/ОДИХР нѐ информираат дека очекуваат датум за избори и врз основа на датумот да ги започнат сите подготовки за испраќањето на мисијата за набљудување на изборите – напиша Спасовски на својот фејсбук-профил.

The post ВМРО-ДПМНЕ сака да бојкотира СДСМ вели нема да го регистрира! appeared first on Слободен печат.


ВМРО-ДПМНЕ сака да бојкотира СДСМ вели нема да го регистрира! was first posted on мај 21, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....