Сѐ поизвесно е дека СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев ќе ја состават идната влада, откако вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави можност дека ќе делуваат како опозиција во Собранието, а ДПА соопшти дека ја прифатила понудата од СДСМ да бидат дел од новата извршна власт.
Досега СДСМ ниту еднаш не се споменале себеси во контекст на опозиција, а според последното соопштение, тие ќе „создадат стабилно мнозинство во парламентот и ќе формираат посветена влада која ќе се движи брзо напред“, што се толкува како влада составена од Коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Беса и сите албански партии што освоија пратенички мандати. Во таков случај СДСМ може да состави стабилна влада, во која како коалициски партнери би влегле ДУИ, Алијансата за Албанците, Алтернатива и ДПА и сите заедно би броеле 74 пратеници, а како опозиција би останале ВМРО-ДПМНЕ и Левица со вкупно 46 пратеници.
Мицкоски го гледа ВМРО-ДПМНЕ и во опозиција
Мицкоски вчера најави дека ќе има средби со останатите партии во претстојниот процес на формирање на парламентарното мнозинство, но не сакаше да открие детали со кого и за што преговара.
– ВМРО-ДПМНЕ во периодот што претстои ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, но не по секоја цена. Врз основа на таа поддршка што би ја добила идната влада, ќе ги спроведеме политиките што ги ветивме пред граѓаните. Се разбира, доколку не успееме, ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција и ќе се бори против сите погрешни политики што би ги водело парламентарното мнозинство. Без разлика дали ќе продолжиме да делуваме како власт или опозиција првата работа што ќе ја покренеме во Собранието е закон за испитување на потеклото на имотот на политичарите и на функционерите – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека за него политиката е на ниво на филозофија, а не на пазар и обвини дека на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им приоѓале лица што им нуделе пари за да преминат на другата страна.
– Нормално е да се пристапи, да се рече видете ваква програма нуди СДСМ, но шестцифрени или седумцифрени бројки во странска валута и ветувања за привилегии, со понуда дека утре ви е обезбедена средба со врвот на раководството на СДСМ, тоа предизвикува згрозување кај слушателот кој е пратеник од нашата коалиција и кај мене. Се надевам дека ова ќе бидат неуспешни епизоди што оставаат дамка на демократските процеси во државата и дека нема да се повторат – рече вчера Мицкоски.
Завчера, пак, Мицкоски говорејќи како тој ќе ја формира идната влада, а не Заев, спомена дека некои пратеници од коалицијата „Можеме“ може да ја поддржат програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера тој ја прогласи ВМРО-ДПМНЕ за најголема партија со логиката дека тие освоиле 40 пратеници без коалициските партнери, со кои имаат вкупно 44 пратеници, а СДСМ имала само 32 пратеника, односно со коалициските партнери, а без Беса има 42 пратеника.
СДСМ најавува стабилна влада со помал број министри
Сепак, Зоран Заев и СДСМ имаат поинаква математика од онаа на Мицкоски и вчера партијата најави дека почнува сериозни преговори за идната влада што ќе ги води со претседателите на политичките партии, како и со работни групи и членови на партиските раководства.
„Разговараме исклучиво за формирање влада која се грижи за сите граѓани еднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат што се вика Северна Македонија – „Едно општество за сите“. Разговараме за влада што ќе се бори со криминалот и со корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на парите и капиталот кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме“, соопшти вчера СДСМ.
Оттаму најавуваат реформа на јавната администрација што ќе донесе побрзи услуги за граѓаните и намален број на административците за 20 отсто, како и влада со помал број министри и рационализација на јавните служби.
„Владата за која разговараме, на првото место од својата европска и граѓанска агенда ќе ја има новата македонска економија, чии главни принципи се продолжување на раст на платите, вложување во младите и во рамномерниот регионален развој, водење посебна грижа за најсиромашните граѓани и постојана поддршка на домашниот приватен сектор“, најавуваат од СДСМ.
Прва партија што јавно потврди дека е согласна да биде дел од идната влада е ДПА, чиј единствен пратеник е лидерот Мендух Тачи, а во наредниот период работните групи што ќе ги предводат секретарите на двете партии ќе се договорат за деталите. Завчера во Клубот на пратениците за соработката разговарале Заев и Тачи, а за средбата извести Азем Садики од ДПА, кој е градоначалник на Студеничани.
„Ни беше понудена можност да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и ние како партија ја прифативме поканата. Формирани се работни групи што ќе ги предводат секретарот на ДПА и секретарот на СДСМ, Љупчо Николовски“, напиша Садики на ФБ.
Од Алијансата за Албанците веќе имале неформални разговори со СДСМ, но конкретно ништо не е договорено.
– Овие денови очекувам да имаме и конкретни средби со конкретни предлози. Заинтересирани сме да бидеме дел од владата, но без ДУИ. Конечно, добро е и за граѓаните и за партијата на Ахмети да бидат во опозиција. И меѓународните пријатели мислат дека е време ДУИ да стане опозиција – изјави генералниот секретар Арбен Таравари за порталот „Слободен печат“.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети завчера, по конститутивната седница во Собранието, истакна дека е рано да се зборува за очекувањата кој ќе ја состави новата влада. Тој размени остри реплики со Заев, кој претходно му порача дека не се добива премиер со 15 пратеници, а овој му одговори дека не се добива премиер ниту со 46.
– Рано е да се зборува за очекувањата. Преговорите за формирање нова влада може да почнат, но уште нема ништо конкретно – рече Ахмети.
Пендаровски нема да свикува консултации и нема да бара потписи
Претседателот Стево Пендаровски ќе го даде мандатот во рамките на уставниот рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, кој во согласност со уставните норми почнува да тече од денеска, изјавија вчера од кабинетот на претседателот во врска со следните чекори по конститутивната седница. Неодамна тој рече дека по конститутивната седница ќе одржи консултации со политичките партии во врска со доделувањето на мандатот за состав на влада, но вчера од неговиот кабинет не најавија таков состанок.
– Во однос на тоа дали претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите што се во тек меѓу партиите што имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори. Претседателот ќе чека во уставно предвидениот рок претставник од партија или коалиција на партии да го информира дека има обезбедено мнозинство во Собранието или поддршка од 61 пратеник. Претседателот нема да бара гаранции, потписи и слично – велат од кабинетот на Пендаровски за „Слободен печат“.
The post Влада на СДСМ со сите албански партии, поддржана од 74 пратеници? appeared first on Слободен печат.
Влада на СДСМ со сите албански партии, поддржана од 74 пратеници? was first posted on август 6, 2020 at 7:30 am.