На веб-страницата на Агенцијата за вработување вчера имаше 4.747 слободни работни места, што е речиси половина од понудата во најдобрите денови. Иако, секогаш, повеќе од половина работни места беа „резервирани“ за Скопје, сега е особено намалена побарувачката на работници во малите места, а во Валандово и во Крушево нема ниту еден активен оглас за вработување.
Според објавената анализа на Агенцијата за вработување, од 4.747 слободни работни места, во Скопје има 2.713 слободни позиции, а втор на листата е Тетово, каде што работа има за 361 работник, третата позиција е за Виница со 298 слободни работни места, четвртата за Струмица со 168 и петтата за Битола со 156 слободни работни места. Повеќе од 100 барања за работници уплатиле и фирмите од Охрид и од Кочани, а повеќе од 50 вработувања се нудат во: Неготино, Велес, Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Делчево и во Штип. Само по едно испразнето работно место има во Дебар, Кратово, Свети Николе и што е за особено изненадување, иако е во ек туристичката сезона и Струга може да се „пофали“ со барање за еден работник. Во Охрид, пак, има 148 слободни работни места.
При анализите на слободните работни места по дејности за првото место вообичаено „се борат“ трговијата и преработувачката дејност, а вчерашната анализа покажува дека значително предничи преработувачката дејност со 1.192 понудени работни места, односно секоја четврта понуда е за во оваа дејност. Во трговијата има можност за 803 нови вработувања. Потоа е градежништвото со понуда од 600 работни места и секторот „Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ каде што се нудат 545 вработувања.
The post Вирусот ги дотепа малите градови: Во Валандово и во Крушево ниедно слободно работно место appeared first on Слободен печат.
Вирусот ги дотепа малите градови: Во Валандово и во Крушево ниедно слободно работно место was first posted on јули 7, 2020 at 1:17 pm.