-3.2 C
Скопје
06:09 - 23 декември, 2024

Ветото му отстапува место на датумот

македонија еу

Станува сè поизвесно дека Македонија наскоро ќе добие зелено светло за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Овој оптимизам се темели на изјавите на високи европски државници, вклучувајќи го и авторот на ветото во Брисел, францускиот претседател Емануел Макрон, како и на проценки на влијателни европски медиуми.

Во таква атмосфера ќе биде пречекан новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархели, кој задутре ќе допатува во дводневна посета на земјава. Се очекува Вархели да оствари средби со владини претставници, на кои најверојатно ќе стане збор за новата методологија предложена од Франција и за текот на реформите во земјава, особено донесувањето на законот за Јавно обвинителство.

Вархели минатиот месец рече дека пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија треба да почнат напролет и дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври. Земјите членки на ЕУ не се договорија за почеток на преговори со двете земји поради противењето на Франција, која процесот го услови со нова методологија на преговарање. Европската комисија треба да излезе со предлог за новата методологија до крајот на јануари.

На 18 декември вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се сретна со Вархели во Брисел, при што му го претстави реформскиот план на Владата до самитот на Европскиот совет во март. Европската комисија ќе објави мини-извештај за Северна Македонија и за Албанија во февруари, а новата методологија, според најавите, се очекува да биде усвоена во март.

Агенцијата „Асошиејтед прес“ објави дека Македонија и Албанија, по повеќегодишни неуспеси и разочарувања, би можеле во следните недели да добијат зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Повикувајќи се на изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, агенцијата информира дека хрватските претставници делуваат сигурно дека ќе успеат да ги исполнат барањата на Франција за реформа на преговарачкиот процес за време на нивното претседателство со ЕУ. Според тие проценки, до крајот на март Северна Македонија и Албанија би можеле да го добијат посакуваниот почеток на преговорите.

Пленковиќ по средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Европската комисија работи на подобрување на методологијата и дополнително на уште неколку чекори кои земјите кандидати би можеле брзо да ги реализираат.

Францускиот претседател Макрон неодамна изјави дека посакува самитот ЕУ-Западен Балкан во мај во Загреб да биде „момент на единство“ и „успех“ за Европа, а хрватските власти овие пораки ги читаат како сигнал дека ќе биде пронајдено решение, веројатно до самитот на лидерите на ЕУ во Брисел во март. Пленковиќ најави дека проширувањето на ЕУ ќе биде тема и на неговиот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин следната недела.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во петокот од Загреб побара паралелен процес – во исто време преговори со Македонија и со Албанија и обновување на методологијата. „Со тоа ќе покажеме дека вратата е отворена и дека тие може да ги отпочнат преговорите за пристапување. Ова треба да биде паралелен процес, со кој ќе се обнови методологијата и ќе се продолжи со тие две земји. Како што кажав претходно, тие ги исполнија критериумите, затоа ние сега не треба да ги смениме нашите услови за нив и да ги исполниме ветувањата“, рече Фон дер Лајен.

Амбасадорката на Хрватска во земјава, Нивес Тигањ, во интервју за МИА порача дека отворањето преговори на ЕУ со Северна Македонија ќе биде високо на приоритетите на хрватското претседавање со Унијата.

– Со оптимизам гледаме на напредок во претстојниот период и на позитивен исход. Наша намера е да го премостиме и да го деблокираме она што, за жал, не беше направено во октомври минатата година на Советот на ЕУ и да пронајдеме решение со кое ќе се деблокира одлуката за пристапни преговори меѓу Европската Унија и Северна Македонија – вели амбасадорката Тигањ, чија земја од 1 јануари го презеде шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ.

The post Ветото му отстапува место на датумот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....