2.8 C
Скопје
02:19 - 23 ноември, 2024

Туризмот е последната гранка што ќе се нормализира: Ќе се летува во „безбедни зони“

По крајот на студената војна светот влезе во процесот на глобализацијата. Тоа прво подразбираше познатите производи од САД и од Западна Европа да се најдат на рафтовите во продавниците на екскомунистичките земји, но и на Далечниот Исток. Потоа започна и преселбата на производствените капацитети, па забрзано започнаа да се отвораат фабрики во Кина, Бангладеш, Индија, Виетнам и други земји, кои претходно беа затворени за западниот капитал. Следствено на производството, започна процесот на развивањето на транспортот и логистиката, во до тогаш невидени размери. Стока од десетици милијарди дневно од големите пристаништа на Тихиот и Индискиот Океан, се префрлаше низ целиот свет, процес во кој беа вклучени огромен број на луѓе и техника. Не помина многу време, во трендот со глобализацијата се вклучија и туристичките агенции, кои започнаа рапидно да ја зголемуваат својата понуда на клиентите, овозможувајќи им да одмораат во земјите, за кои претходно слушнале единствено во филмовите за „Џејмс Бонд“.

Земји кои претходно не располагаа со никакви туристички капацитети, наеднаш почнаа да инвестираат огромни пари во градење на хотели, луксузни ресорти, автопати и аеродроми. Од година во година се зголемуваше и бројот на туристи, кои буквално ги преплавија плажите на Шпанија, Италија и Грција, создавајќи низа на комунални проблеми на локалното население.

Со развојот на туризмот, паралелно започна и развивањето на авио-сообраќајот, па се леташе од едната до другата страна на планетата како никогаш претходно. И така процесот на глобализацијата од 30 години наеднаш сопре, откако претходно од кинескиот град Вухан по остатокот од светот започна да се шири коронавирост ковид-19, од кој досега милиони се заразија, а голема е и бројката на починатите.

Рестрикции без преседан

90 проценти од вкупната човекова популација која се цени на 7,1 милијарда луѓе, живее во земји каде се имплементирани повеќе и помалку строги карантински мерки. Секоја земја сама ги одредуваше мерките, но речиси без исклучок сите влади на светов донесоа одлуки со кои го ограничија или потполно го оневозможија патувањето во странство.

Изминативе неколку денови сме сведоци на тоа дека во многу земји се одвива процес на попуштање на мерките, но за туризмот и патувањата никој воопшто и не говори.

– Патувањата, но и миграцијата, тука мислам на луѓето што се селат поради нивните професии, потоа студентите, а и оние што бараат азил, уште долго време нема да можат да ги преминуваат границите. Овие рестрикции на движење се без преседан во нашиот животен век – вели Линдзи Валеј, професорка на Американскиот универзитет во Вашингтон.

Туризмот и патувањата во друга основа се стопирани, со цел да се спречи ширењето на заразата, но што ќе се случи со земјите чии економии се директно зависни од туризмот.

Земји зависни од туризам

Девет земји се обединија во заедничка цел, а тоа е да пронајдат начин, како летово да ги донесат туристите во своите туристички капацитети. Претставниците на Израел, Грција, Австрија, Норвешка, Данска, Чешка, Сингапур, Австралија и Нов Зеланд, во моментов преговараат за заедничко попуштање на мерките, создавајќи релативно безбедни места за туристите од одредени земји, каде што нивото на заразеност не е така големо. Во подготовка се и многубројни протоколи со кои ќе се регулира превозот, влегувањето во земјите на граничните премини и аеродромите, до самата посета на плажите, ресортите, културно-историските дестинации, музеите итн. Сепак, и покрај добрата волја, на сите им е јасно дека летово бројот на продадените аранжмани ќе биде исклучително помал во однос на лани.

Тоа го потврди и грчкиот министер за туризам Хари Теохарис, кој порача дека иако главен приоритет на неговата влада е придвижување на националната економија, никој не очекува летово на островите да слетуваат авиони, барем не во обемот од минатите сезони. Истото го потврдија и претставниците на најголемите авиокомпании во светот, кои резигнирано порачаа дека нивната дејност ќе биде последната која ќе има можност да се врати во нормала, а за тоа може да поминат и неколку години.

– Со карантинот ја штитиме популацијата од зараза, но кога ќе почнеме да размислуваме на економијата, тогаш сфаќаме дека во многу земји и региони тоа е невозможно да се стори без отворање на сообраќајот и туризмот. Не можете да очекувате дека хотелите на Хаваи и на Нов Зеланд можат да опстојат само од домашните туристи – додава Валеј.

Туризмот е мошне битна економска гранка и во нашиот регион. Покрај Грција, туристичко зависни земји се и Хрватска и Црна Гора, а значајни капацитети во меѓувреме се изградени и во Бугарија, Албанија и Романија. Иако на имплементирање на одредени мерки се заговара и во нашиот регион, засега не може да со сигурност да се каже дали ќе постои соработка помеѓу соседните земји на овој план. Во Црна Гора, каде веќе десетина дена не се забележани нови случаи на заразени лица, се подготвуваат своите одморалишта да ги нудат како места без ковид-19, додека Хрватите се во преговори со владите на неколку европски земји, за покренување на организирани и контролирани колони на туристи, кои би дошле летово во нивната земја. Сепак, и покрај сите напори на надлежните туристички работници, летово плажите во светот ќе останат полупразни.

 

Сите мерки кои важат во државите каде Македонците најчесто патуваат за време на летните одмори

The post Туризмот е последната гранка што ќе се нормализира: Ќе се летува во „безбедни зони“ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....