Идејата зад црно-белите фотографии е акцентирање на страшниот факт дека родово базираното насилство и неговата најекстремна форма фемицидот е присутен насекаде околу нас и секоја жена може да биде жртва.
Нешто повеќе од 4 милиони црно-бели фотографии, во изминативе неколку дена беа објавени на Инстаграм, како еден вид „предизвик“, со кој жените се повикуваат една со друга да го продолжат ваквиот начин на пласирање на своите фотографии. За жал, покрај женската солидарност и меѓусебна поддршка, зад објавување на ваквите црно-бели фотографии, стои лоша приказна.
Поради пандемијата, која беше прогласена како последица на корона-кризата, на социјалните мрежи беа смислувани најразлични предизвици, за на тој начин луѓето да се забавуваат и побрзо да го поминат времето во изолација.
Таквите предизвици беа забавни и „откачени“ и сите имаа цел да го подобрат колективното расположение. Но, последниот предизвик, во кој учествуваат жените, воопшто не е таков.
Стекна голема популарност
За многу кратко време, огромен број жени во целиот свет своите фотографии во боја, ги реобјавуваа во црно-бело издание. На фотографиите можат да се видат голем број звучни светски имиња, но и познати личности од соседните држави. Имуни на предизвикот не останаа ниту нашите познати и успешни жени, кои во чекор со познатите светски имиња, во знак на женска солидарност се вклучија во предизвикот.
Она што радува е и фактот што освен познати жени и јавни личности, кон предизвикот кој има за цел да ја прикаже женската солидарност, се вклучија и голем број „обични жени“, кои јасно и недвосмислено на овој начин кажаа дека нивниот збор е важен и треба да се цени.
Жени поддржуваат жени
Фотографиите се објавувани под хаштагот #ChallengeAccepted, а предизвикот е именуван како womensupportingwomen (жени поддржуваат жени).
Жената што ќе објави ваква своја фотографија, треба да означи свои пријателки што важат за „силни жени“ и „борци за женски права“, кои понатаму треба да го продолжат предизвикот.
Фотографиите треба да укажат на женската убавина, навраќајќи се на тоа како било порано, а како е сега, притоа ставајќи акцент дека женската убавина е нешто што се гледа, независно од тоа во каква емоционална состојба е таа во моментот.
За да се потенцира тоа, жените што го прифатија предизвикот објавуваат свои црно-бели фотографии на кои се весели, тажни, разиграни, уморни, среќни, дотерани, без шминка, на плажа, во двор, во кревет, на работа…
– Трендот за објавување ваков тип фотографии секојдневно расте. Бројот на објави со ваков хаштаг се удвои за само неколку денови. Врз основа на објавите, гледаме дека поголемиот број учесници со тоа сакаат да им дадат силна поддршка на членови на своите заедници – изјавила портпаролката на Инстаграм.
Поддршка за жените во Турција
Досега кон овој предизвик се приклучија познатите личности како Клои Кардашијан, Елизабет Харли, Викторија Бекам, Ева Лонгорија, Џенифер Гарнер и многу други светски ѕвезди.
Според зборовите на претставничката на Инстаграм, прва ваква објава на својот профил споделила бразилската новинарка Ана Паул Падрао и тоа пред две недели, а земала пример од Турција, каде што жените на овој начин се обидуваат да ја подигнат националната свест за фемицидот.
Само изминатата недела во оваа земја биле пронајдени останки од дваесет и седумгодишната студентка Пинар Ѓултекин, која била задавена од нејзиниот поранешен партнер.
Токму ваквата вест ја потресе јавноста во Турција, земја во која со години наназад се прават обиди да се крене гласот против убиството на жени.
Во голем број турски градови смртта на младата девојка беше причина луѓето да излезат на улица и да го кренат својот глас против насилството врз жените. Токму затоа и се објавуваат овие црно-бели фотографии.
Идејата зад црно-белите фотографии е акцентирање на страшниот факт дека родово базираното насилство и неговата најекстремна форма – фемицидот, се присутни насекаде околу нас и секоја жена може да биде жртва.
The post Црно-бел предизвик на социјалните мрежи против родово базираното насилство: Се приклучи и дел од македонската естрада appeared first on Слободен печат.
Црно-бел предизвик на социјалните мрежи против родово базираното насилство: Се приклучи и дел од македонската естрада was first posted on август 5, 2020 at 2:45 pm.