Течат роковите за формирање ново парламентарно мнозинтво и нова влада, поради што со засилено темпо се одвиваат преговорите меѓу политичките партии кои освоија пратенички места. Сите тврдат дека разговараат, но никој засега не изнесува детали за текот на преговорите и за тоа дали има евентуален напредок.
СДСМ вчера повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцира, треба да обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.
Новата влада, велат од партијата, посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат, а приоритет е прочистување на правосудството.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, вчера истакна дека партијата има комуникација со политичките партии, но оти не би навлегувал во детали да не ги наруши.
-Од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагувал во детали за да не наштетам на процесите, рече Арсовски.
Во однос на комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ со останатите партии, според него, забележливи се пријателски односи и комуникација буквално со сите партии.
По конституирањето на Собранието пред пет дена ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Зоран Заев, СДСМ им понудил да бидат дел од новата владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите.
По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јуни, на 4 август се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10-дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство, по што претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
The post Течат роковите за нова влада, партиите преговараат, но не соопштуваат детали appeared first on Слободен печат.
Течат роковите за нова влада, партиите преговараат, но не соопштуваат детали was first posted on август 9, 2020 at 8:59 am.