-0.2 C
Скопје
20:48 - 25 ноември, 2024

Така шармантно дебелкаст, а така граѓански природен, искрен и убиствен

Што разбравме изминатава недела од случаите со „шамарите во Центар“? Што разбравме за сите оние случаи за кои денес им се суди или се процесираат во судниците? Па, научивме неколку важни работи: дека секое масовно насилство е организирано, научивме дека секое насилство е политичко, научивме дека секое насилство е пучистичко, а намерата на неговите организатори е да спроведат тиранија. Се разбира, секогаш таа тиранија е во име на некои „традиционални“ вредности, тоа на потенцијалните симпатизери и идни робови многу секси им звучи. Ова се факти. Останатото се изговори и лигавења.

Добро, да речеме дека тоа е она што го научивме „за нив“. А што научивме „за себе“? Па, да речеме дека од целата интелектуална елита, владина и невладина, дури и во целокупниот медиумски „професионалнук“, не сум слушнал така јасно и луцидно како што тоа го искажа Сашо Орданоски во емисијата „Само интервју“ на телевизијата Канал 5. Уште попросто да се изразам (Јовановиќу, попросто пишувај да те разбереме, попросто!): Сашо Орданоски е „сушта“ спротивност на целата беда и лицемерие на „здравите и традиционални сепатриоти“. Орданоски го кажа во емисијата она што на сите луѓе од медиумите треба да им биде работа, ама веројатно не знаеја, или можеби не смееја или не сакаа така јасно и без фемкање да кажат. Ако не знаете за што точно зборувам, погледајте го интервјуто на Сашо Орданоски на Канал 5 во емисијата „Само интервју“. Апсолутно е достапно за сите: добро е да се слушне поради здрава памет, личен и граѓански кураж, авторски и реторички „либерален безобразлук“. Граѓаниот и новинар Сашо Орданоски заслужува многу поголем респект отколку што сум во состојба тоа да го искажам на ова место.

Добро, пријатели, а сега повторно на почеток. Во ист манир како што Орданоски зборуваше во интервјуто, и на сите убаво ни нацрта дека два и два се четири, така и една цела „патриотска машинерија“, или најобични мрсомуди, продавачи на магла, а богами и пучистички јатаци, тргнаа да ги трошат своите – додуша, скромни – ресурси на памет и елоквенција само како би докажале дека не е ништо онака што е, туку е, напротив, онака како што не е: сè што сте виделе не сте виделе, сè што сте слушнале не сте слушнале.

За почеток, насилничкото оргијашење на фашистичката багра системски се поистоветува со граѓанските протести од 2016 година, посебно со „финалниот удар“ од 27 април 2017 година. Но работите стојат обратно, мирен протест и ненасилство е одлика на сите протести (ние бевме таму!), додека насилството секогаш беше на другата страна. Самиот 27 април 2017 година е најобичен привид: Груевски изгуби, а толпата тепаше затоа што не сакаше да се помири со поразот, со што ги измести сите нормални работи од правно-институционалната рамка во еден вид пуч. Заради тоа. мораше да му се припомогне да си замине, тоа е сè. Да си замине за да се воспостави законски поредок.

Луѓето од „шарената револуција“ не беа линчувачка толпа, а овие денешните што протестираат, на Мицкоски, сè уште се тоа. И тоа ништо не може да го изедначи, освен ако не сакаме сами себе да се лоботомизираме.

Со многу добро воден и кординиран „патриотски шљам“, по 27 април 2017 година, сè е спротивно: нема повеќе насилство, се воспоставува некаков закон и некаков демократски поредок. Судот ја врши својата работа, случаите се решаваат, медиумите се плурализирани, се почитуваат уставните права на граѓаните и граѓанките. Жртвите на насилството не се жртви, туку се вистински насилници. Погледајте ги коментарите под интервјуто на Сашо Орданоски, погледајте го таквиот пасивно-агресивен „коментаторлук“: „предавнику“, „семето да ти се затре“, „одроден еден“, и купишта од разни малоумности се шприцаат под коментарите, а човекот само ги изнесе така добро, умно, трезвено и граѓански искрено своите либерални ставови. Дури, свесен сум дека тие идиотски коментари и самите ширачи на таквите будалштини се свесни дека се тоа – будалштини. Ама некако веруваат дека така треба, во има на „повисоката цел“.

Сакаат да нè убедат дека либерализмот, европејството и правото на индивидуален став мора секогаш да дреме во глувчешка дупка, инаку, во спротивно, предизвикува насилство и ги заслужува сите работи кои ќе им се случат во животот. Од друга страна, забележувам и нешто друго: во „традиционалниот“ табор, да не речам „вмровскиот“, вакви им се логиките (а тоа е еден вид „сентиментализација на злосторството“): тие се „деца“; тие сакаат само добро, само можеби не знаат како; зарем да го затвораме и казнуваме „цветот на патриотската младост“? Знаете што, важни политички теоретичaри велат: „граѓани што дејствуваат во јавниот и во политички простор со насилство, ‘не се деца’, без разлика колку години имале“. Во некоја смисла, со своето дејствување, тие се одрекуваат од својот „детски статус“. Да не зборувам за тоа дека на жртвите на организираното насилство со пучистички предзнак сосема им е сеедно дали на нив некој јуриша со шеснаесет или педесет и седум години: камен по глава подеднакво боли.

И што да правиме сега? Ништо, секоја на својата работна задача. Јас уште еднаш ќе го погледам интервјуто на Сашо Орданоски на “Канал 5”. Државата ќе мора да нè убеди дека знае кои се денес фашисти, а ние ќе бидеме тука да ја потсетуваме дека не може да се постави знак на равенство на она што беше пред 2017 година и ова денес. А Сашо Орданоски? Сигурен сум дека ќе остане како и досега: шармантно дебелкаст либерал, кој ќе нè потсетува на вистинските вредности за кои толку крваво се боревме.

The post Така шармантно дебелкаст, а така граѓански природен, искрен и убиствен appeared first on Слободен печат.


Така шармантно дебелкаст, а така граѓански природен, искрен и убиствен was first posted on октомври 3, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....