Ќе паднат ли пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур сите судски предмети на поранешното СЈО во кои се или допрва ќе бидат осудени оние лица што експретседателот Ѓорге Иванов ги аболицираше во 2016 година? Според некои медиуми, веќе паднале, односно Судот одлучил дека аболицијата на Иванов важи, а државата сега треба со осудените и со обвинетите да се спогодува за обесштетување поради кривичниот прогон. Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, на Фејсбук објави дека тоа не е точно, но точно е дека Судот во Стразбур побарал одговори од Владата во врска со две групи апликации, кои се поднесени против државата за тековни предмети поврзани со прислушуваните разговори.
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека изолирани случаи ќе паднат пред европскиот суд и дека позицијата на државата ќе беше подобра ако поранешниот претседател Иванов одговарал кривично за незаконската амнестија.
– Власта сега треба да се обиде да докаже во Стразбур дека стануваше збор за сериозна повреда на човековите права во Македонија, за кои не се дава помилување или амнестија. Подобро ќе беше ако случаите ги поврзеа во едно големо обвинение за да се види сумата или ако Иванов одговараше. Изолирани случаи ќе ги изгубат – вели Калајџиев за „Слободен печат“ и додава дека тој одамна предупредува дека правосудството проблемот со аболицијата го стави „под тепих“.
Од Владата и од Министерството за правда денеска не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ каква одлука донел Судот за човекови права и каков одговор ќе му прати Владата на судот. Од Владата не појаснија ниту кои обвинети или осудени се обратиле во Стразбур.
Вечер.мк објави дека Судот одлучил дека важи аболицијата со која Иванов во април 2016 година ослободи од прогон 54 лица, односно дека не е и не може да биде повлечена или укината. Судот за својот став ја известил македонската влада на 14 септември и решил одлуката да се спроведе во две фази. Првата фаза е до 20 декември извршната и судска власт да најдат начин спогодбено да ја спроведат одлуката од Стразбур во договор помеѓу правосудниот систем и прогонетиот. Втората фаза ќе настапи ако не се изврши бараното во првата фаза. Порталот пишува дека, ако до март следната година нема спогодба, одлуката на Судот ќе мора да се спроведе облигаторно, што значи дека „повеќе од половина предмети за кои сега се суди по обвиненија од СЈО ќе запрат на штета на обвинителството или судот, а обвинетите ќе бидат ослободени за делата за кои се аболицирани, а државата мора да им исплати отштета што би ја побарувале“.
Министерот за правда Маричиќ завчеравечер експресно ги демантираше овие тврдења.
– Класична лажна вест е дека Судот во Стразбур одлучил аболицијата на Иванов да важи. Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица, обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО, почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија од аспект на аболициите на Иванов. Судот на 25.9.2020 година на одговор до Владата достави две групи апликации што се поднесени против државата, а во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушуваните разговори. Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку само се доставени на одговор до Владата, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година. Апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови. Предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките секако ќе треба да се почека одлуката на судот која може да дојде и по 3 години – напиша министерот.
Тој додаде дека со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети, но и дека „се открива визијата за правдата во очите на опозицијата“.
– Нивна единствена визија за правда е аболицијата на Иванов. Судските процеси ќе продолжат по постојните закони на нашата држава, а правда мора да има за сите – напиша Маричиќ.
Според експертите и познавачите, правдата за случаите од СЈО може лесно и да изостане затоа што политичарите долго време дозволија редица правни дилеми околу аболицијата.
– Полесно ќе беше и ако повлекувањето на помилувањата беше проследено со каква било правна квалификација на помилувањето како неуставно, односно како умислена злоупотреба на службените овластувања на претседателот. Можеби не е доцна Иванов конечно да одговара за сопствените постапки и против него да биде поведена кривична постапка – смета професорот Калајџиев.
На аболицијата на Иванов досега се повикаа експремиерот Никола Груевски и доби азил во Унгарија како и повеќе обвинети пред македонските судови, а Врховниот суд на Грција во 2018 година поради аболицијата одби да ги екстрадира обвинетите Никола Бошковски и Горан Грујовски. Иванов во април 2016 година даде аболиција за 54 лица, меѓу кои и за осомничени во предметите на СЈО, но и за политичари и за обвинители, а потоа ја повлече.
The post Судот во Стразбур ќе ја оживува аболицијата на Иванов? appeared first on Слободен печат.
Судот во Стразбур ќе ја оживува аболицијата на Иванов? was first posted on октомври 5, 2020 at 3:08 pm.