Веќе три децении Македонија нема законска регулатива за работа на Собранието во вонредни услови, а не смее да се дозволи во случај на пандемија, земјотрес или пожар парламентот да не работи и затоа оваа проблематика мора скоро да се регулира – изјави вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој рече дека ќе побара од пратеничките групи да дадат предлози како да се уреди овој проблем. Допрва треба да се реши дали ќе бидат донесени посебни прописи за работа во вонредна состојба на законодавниот дом, или пак ќе се оди на измена на правилникот за работа на Собранието.
– Алтернативната работа на Собранието секако дека е врзана за пандемијата предизвикана од ковид-19 која почна во пролет, во март. Според заклучоците на СЗО, оваа состојба ќе потрае во следните две години. Како претседател на Собранието обврзан сум да размислувам за функционалноста на Собранието и во редовна и во вонредна ситуација и затоа на првите средби на координација ја изнесов идејата да почне да се размислува за алтернативните можности за работа на Собранието. За жал, таа идеја на претседателот се обиде да се спинува како обид на мнозинството за да се одбегне редовната работа на парламентот и со тоа да се надополни можниот недостиг на кворум, бидејќи со тоа фактички пратениците ќе можат да работат од дома. Тоа не беше основната идеја. Идејата беше Собранието да работи во нормални услови како што е пропишано, но факт е дека во овие три децении немаме пропишано работа на институцијата и функционирањето во вонредни услови: пандемијата ни покажа дека е неопходно да се пропише и да се има во предвид алтернативна можност за работа во такви услови. Денеска е пандемија, утре може да биде друга причина, а задутре трета. Може да биде пожар, земјотрес, кои ќе предизвикаат да има вонредна состојба. Во такви вонредни околности како ќе работи Собранието, кај ќе работи? Затоа велам алтернатива за функционалноста на институцијата, која е институција на граѓаните и која треба да ја имаме. и во вонредни состојби – вели Џафери.
Во наредните два до три месеци се очекува да се направат техничките и финансиските подготовки. Финансиската конструкција за онлајн собрание допрва ќе се гради.
Поради корона-кризата голем дел од националните парламенти во земјите членки на ЕУ веќе усвоиле различни пристапи за работа на парламентите во кризни услови. На пример, двата дома на Парламентот на Шпанија (Сенатот и Конгресот) овозможиле непречено вршење на пратеничката функција преку т.н. гласање од далечина преку употреба на електронски средства за пленарните сесии одржани за време на кризата предизвикана од коронавирусот.
Парламентот во Италија води дебата за организирање на работата на пратениците преку нивно сместување во различни згради, со цел да се обезбеди потребното ниво на социјално дистанцирање. Германскиот Бундестаг презел мерки според кои ќе се намали потребниот праг за гласање во парламентот, од потребната половина од вкупниот број пратеници за донесување законско обврзувачки решенија на четвртина од пратениците на Бундестагот. Присуството на четвртина од сите членови ќе го задоволи ова барање. Парламентот на Романија носи одлука за работа на парламентот со употреба на електронски средства во исклучителни околности, (епидемии, природни непогоди, земјотреси или терористички настани), кои спречуваат пратениците да бидат физички присутни во Парламентот.
Полска донесе одлука за време на епидемија само ограничен број пратеници од секоја група да бидат физички присутни во Сејмот, сите други ќе можат да учествуваат преку видеоврска што ќе обезбеди верификација на идентитетот на секој член. Гласањето, исто така, се одржува по електронски пат, по дополнителна проверка на идентитетот. Парламентот во Франција (двата дома, Сенатот и Конгресот), со цел да се прилагоди на кризата со ковид-19, ги вовел следните методи – суспендирање на сите тековни активности, освен донесување закони за итни случаи и прашања до владата, намален формат за седници, ограничен на три лица по политичка група, претседател плус двајца пратеници.
The post Собранието мора да има „закон за зловреме“ appeared first on Слободен печат.
Собранието мора да има „закон за зловреме“ was first posted on септември 12, 2020 at 9:04 am.