23:03 - 22 декември, 2024

Со Александар Микиќ на тема друштвени игри во изолација: Нема женски и машки игри – добра игра е добра, а чудо колку игри има за деца!

Глумецот Александар Микиќ во овој разговор ни е вистински водич за друштвени игри. Толку многу е упатен во, како што си ги вика, „игриците“, и очигледно толку многу си ги сака што и самиот, со двајца соработници, дизајнирал друштвена игра насловена „Монстерс он борд“ (Monsters On Board), која наскоро ќе излезе.

А во овој период, кога подобар дел од денот мора да го поминеме дома, разговорот со Микиќ ни дојде како прирачник за избор на друштвена игра за нас, ама и за нашите деца.

фотографија – Даријан Пејовски

Како го поминуваш времето во домашна изолација?

– Активно. Ова време од годината обично е многу живо на професионален план, па едвај можам да најдам време да средам нешто во дворот, но сега по цели денови сум дома и одлучив дека сè што сум одложувал ќе мора да средам. Инаку, кога времето не е убаво си седиме дома со децата и си играме друштвени и едукативни игри за нивна возраст.

Слушнавме дека си добар познавач на друштвени игри, кога и како се појави овој интерес?

– Одамна, прво се заразив со Ризик и Монопол, како што обично се случува само што и двете траеа со саати и факторот среќа во многу случаи беше одлучувачки. Потоа Џамбазов ја донесе Ел Гранде, и за мене тоа беше откровение, игра која го имаше адреналинскиот момент а воедно факторот среќа е сведен на минимум. Толку многу ја игравме што ја преигравме. Потоа ја купив Доминион (Dominion) и со неа се случи истото, па затоа решив да купам повеќе игри за да не преиграм некоја и тоа полека се претвори и во колекционерство, така да сега имам доста игри.

За почетници од повозрасната популација, од кои друштвени игри добро е да се почне?

– Па зависи од афинитетите. Игрите глобално се делат на стратешки и фамилијарни, а потоа на уште многу подгрупи. За почетници секако дека би препорачал да почнат со фамилијарни игри и тоа се евергрините како Тикет ту рајд (Ticket to ride), Диксит (Dixit), Азул (Azul), Кинг домино (King domino). Ги има со правила на македонски, како и Каркасон (Carrcassone), Катан (Catan), Код нејмс (Code names) и слично. Во секој случај за тие што не занаат, постои сајт BoardGameGeek или BGG, со информации за сите игри што се издадени и кои се во план да се издадат, и таму може да се најдат и листи со игри за почетници и видеа со осврти и објаснувања на игрите. Кај нас специјализирана продавница за друштвени игри е „Гоблин“ која се наоѓа во трговскиот центар Буњаковец и таму исто може да се добијат информации за игрите и норамално да си купите некоја.

Кои друштвени игри би им ги препорачал на децата, а какви на тинејџерите?

– Чудо едно е колку игри има за деца и тоа за од најмала возраст, на пример, од две години па нагоре. Тоа се игри каде децата се запозанаваат со боите и формите, развиваат разни вештини и способности, се учат на спретност и логичко мислење, на брзина на реакции, на моќ на забележување…Па така, и изборот за игри за деца зависи од нивната возраст. Во секој случај за деца од пет години па нагоре освен Меморија топло би ги препорачал и Добл (Dobble), Миау Миау (Miau Miau), Стон ејџ џуниор (Stone age junior) и слично, а за деца над шест години изборот е веќе многу поголем.

Александар со децата ја играат играта „Трите прасиња и волкот“

За тинејџери мислам дека најзабавни би им биле таканаречените Парти гејмс (Party games) кои се играат во поголемо друштво, а некои се играат и во тимови. Но, секако зависи и од афинитетот на играчите, мислам дека и претходно  наведените фамилијарни игри се доста забавни.

Постојат ли баш она „женски“ друштевни игри?

– Мислам дека не постои таква класификација на женски и машки игри. Веројатно тоа би требало да биде изборот на темата на играта, ама еве една со „женска” тема, Прет – а – Порте (Pret-a-Porter), игра за модната индустрија која во суштина е многу комплексна и сложена. Така да јас би рекол дека нема женски и машки игри туку добра игра е добра како за мажите така и за жените.

Дали си дел од некоја активна заедница за игри, колку се активни ваквите заедници во Македонија и на која возраст најчесто се членовите?

– Тука, кај нас, официјална заедница, колку што јас знам, не постои, ние кои од поодамна се занимаваме со ова хоби се собираме и организираме во зависност од слободното време. „Гоблин” организира Борд гејм (Board Game) денови и за среќа се отвори Борд гејм кафе „Само“ и тука сè повеќе се собираат млади луѓе кои го поминуваат своето слободно време во играње друштвени игри. Инаку, вреди да се спомне дека веќе неколку години по ред самоиницијативно се организираме и одиме на Board Game викенд во Св. Јоаким Осоговски, каде цел викенд играме „игрици“ . Првата година бевме само шест луѓе додека минатата имаше речиси триесет, па така оваа наша дружба се омасови и полека прерасна во традиција.

И самиот си дизајнирал игра која наскоро треба да излезе? За каква игра се работи и каде може да ја најдеме?

– Некако желбата за дизајнирање сама си дојде после толку време играње, имав разни идеи како за експанзии или верзии на некои постоечки игри така и за оригинални игри. По нешто ставав на хартија колку да не ми „избега” идејата, но немав ништо конкретно. По едно гостување кај Гораст Цветковски во GG.mk, емисија за игри, стана збор и за моите идеи за дизајнирање на игри. Таму кажав дека ми треба уште некој за меѓусебно да се мотивираме. После емисијата ми се јави Самоил Петрески и почнавме со работа. Малку подоцна го вклучивме и Иво Нешковиќ и ја направивме играта. Ја презентиравме на Фајнал Фронтиер Гејмс (Final Frontier Games), македонска компанија за издавање друштвени игри која зад себе има доста успешни игри кои многу добро котираат во светски рамки. Играта им се допадна и решија да ја издадат. Сега играта е во завршна фаза, се прави артот од страна на Мичо, и уште неколку модули за да има повеќе игривост и ако сè биде добро се надевам дека во јуни ќе стартува и кикстартерот за играта. Играта се вика Монстерс он борд (Monsters On Board).

Каква е тековната состојба на друштвени игри на нашиот пазар, во тек ли сме со светските трендови?

– За жал, кај нас има само една продавница специјализирана за друштвени игри, која веќе ја посменав. Додека во соседството, во Србија, Бугарија и Грција има многу повеќе и продавници и клубови и заедници. Радува фактот што и кај нас бројот на луѓето што почнуваат и играат друштвени игри сè повеќе се зголемува, но далеку сме од светскиот просек. Минатиот октомври бев на најголемиот саем за друштвени игри во светот во Есен, Германија, за да ја претставиме нашата игра. Саемот се протегаше во 6 хали на 86.000 метри квадратни, со преку 1.200 изложувачи од 59 земји и 210.000 посетители. И во Србија и во Бугарија има саеми за друштвени игри каде се организираат натпревари, се презентираат и продаваат игри, a кај нас нема ни саем.

На саемот во Есен пробно играње на „игрицата“ на Микиќ

Освен за заминација, за што ни се потребни друштвените игри за време на домашната изолација? Смируваат нерви, подигнуваат адреналин?

– Кога играш „игрица“, особено ако е некоја посложена те тера да зaборавиш на многу проблеми вклучувајќи го и Ковид-19. Плус, ти го држи мозочето активно.

Овојпат во овој разговор игрите ги ставивме пред глумата, сепак, ред е да те замолиме да ни препорачаш и некое филмче?   

– Кој не ги гледал нека ги изгледа „Медена Земја” и „Паразит”.

The post Со Александар Микиќ на тема друштвени игри во изолација: Нема женски и машки игри – добра игра е добра, а чудо колку игри има за деца! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....