5.8 C
Скопје
17:46 - 14 ноември, 2024

Слободен печат го посети Илче: За само еден месец опкружен со љубов, почнал да пее!

Патешествието од подот во охридската куќа каде во фетус позиција на едно чергиче и со една чаша млеко дневно преживуваше единаесетгодишниот Илче, до малиот групен дом во атарот на демиркапиското село Корешница каде што сега тој се наоѓа, за ова дете со ретка болест беше трновито. Но, сликата што не дочека кога го посетивме во неговиот нов траен дом близу Демир Капија, покажува дека со мајчинска љубов, лекарска грижа и посветеност, се случуваат големи чуда.

Уште на влезната врата во малиот групен дом, не пречека еден поинаков Илче од оној што го паметиме на фотографиите во ,,купи продај огласник”, кога за него се бараше да биде згрижен и да му се помогне зашто двајцата родители го напуштиле. Илче што не дочека на портата од малиот групен дом е весел, расположен, облечен во нова облека и за првпат после години, во седечка положба. Воздухот во овој предел од земјата е чист, климата е пријатна и куќата е опкружена со зеленило. Но, она што најмногу воодушевува и го развеселува срцето, се атмосферата и условите што ги видовме внатре.

Август, 2020 / Фото: Слободен печат.

Пред да дојде во оваа куќа, со Илче работеа стручни лица на Детската Клиника во Скопје, за да му помогнат да закрепне од влошената здравствена состојба што го доведе на работ од смртта. Двајцата родители го напуштиле и го оставиле во рацете на познаник во куќа во Охрид, кој не знаел како да се грижи за дете со специфична и исклучително ретка дијагноза ,,стајнерова миотонична дистрофија”. Случајот се проби во јавноста откако ,,Слободен печат” објави дека двајцата родители го оставиле единаесетгодишникот сам со познаник во Охрид кој ниту знаел каква терапија тој треба да прима, ниту како да се грижи за детенце со тешка дијагноза.

ПОТРЕСНА ПРИКАЗНА: 11-годишно дете со церебрална парализа оставено без терапија и со чаша млеко во куќа во Охрид

Илче пред еден месец беше премногу слаб, неискапен, легнат на чергиче во фетус позиција на подот од охридската куќа чекајќи ја љубовта која сега во малиот групен дом му ја пружаат дури четири негувателки.

– Станува во 7 часот наутро, си појадува, најмногу сака да јаде благо. Има две омилени, меки играчки и си игра со нив. Задолжително го поминува времето надвор во дворот кога е топло и сончево. Музика има постојано, некогаш станува со песна, пее наутро, ни раскажа една од жените кои се грижат за Илче.

Групниот дом каде Илче живее во моментов / Август, 2020 / Фото: Слободен печат.

За првпат во животот, тој дели соба со уште две деца во станбената единица во Корешница. На ѕидот над неговиот кревет се нацртани месечинки и пчелки, а до него во секој момент е една од четирите негувателки за да му пружи љубов, грижа и беспрекорно внимание. На ѕидот спроти неговиот кревет со шарени фломастери испишани се имињата на сите деца што заеднички добија нова шанса за пристојна иднина. Името Илче е додадено на хамерот пред две недели кога тој од Детската клиника во Скопје беше префрлен во трајното живеалиште кое ќе го напушти единствено ако некој го посвои.

Раната што му се создала на десната страна од телото, затоа што со месеци лежел во иста позиција во куќата во Охрид, е санирана и Илче закрепнува во момче кое има невознемирен и весел темперамент, секогаш сака луѓе околу себе, не плаче, бара јадење и често е гладен, а обожава благи вкусови, особено пудинг.

Видливо е дека е спокоен, опуштен, гестикулира со рачињата и одвреме навреме со плескање на рачињата се поздравува со неговите четири негувателки. За разлика од пред еден месец, кога единствената храна која ја добиваше беше една чаша млеко, сега ова момче има кој за него да готви, не само оброци, туку и ужинки, пасирана храна и гриз.

Сите негувателки се сложуваат дека Илче е по благото, а покрај тоа добива и 60 милилитри храна за специјални медицински намени секој ден. Навиката на 11 години да се храни само преку шише е победена, па сега Илче се храни и преку лажичка, нешто за кое се заслужни медицинските сестри од Клиниката за детски болести во Скопје, кои го третираа пред да замине во групниот дом.

Август, 2020 / Фото: Слободен печат.

– Важно е и тоа што момчето не го поминува денот во само една позиција или во кревет, туку ја менува позицијата, седи и во дворот од куќата во нова количка, што ја донирало хумано семејство од Скопје откако преку медиумите дознале дека Илче ќе биде спасен од нехуманите услови во кои живееше во Охрид. Во текот на денот Илче преспива, сака да гледа телевизија и да слуша музика. Во малиот групен дом е овозможено стручни лица да имаат голема контрола врз животот на детето во една стимулативна средина која дава резултат. Во непосредна близина на станбената единица се наоѓа и основно училиште, па социјалните тимови често пати пред да настапи коронакризата организираа заеднички активности и дружења меѓу децата, како прослава на роденден. Така никој не се чувствува изоставен и се поттикнува дружељубивоста и социјализацијата меѓу нив, ни рекоа надлежните во оваа станбена единица.

Минатиот месец за Илче претставуваше премин од еден стар начин на живот во нова и посветла иднина. Од куќата во Охрид со возило на итната помош по ургенции на министерот за здравство Венко Филипче и по објавената сторија на ,,Слободен печат”, детето беше донесено на Детската клиника.

11-годишното момче со возило на итната помош и со ургенции на Филипче се префрла на Детска Клиника во Скопје

На клиниката неговата состојба била загрижувачка – имал екстремна потхранетост, што беше видливо и од фотографиите на социјалните мрежи, со контрактури, затоа што со месеци неподвижен и беспомошен лежел на чергиче на подот од собата. Меѓутоа, кога пристигнал на Детската клиника, целиот персонал, сесрдно се ангажирал околу Илче, му биле извршени сите медицински прегледи, а работел и со психолози, дефектолози и многу посветени медицински сестри.

Доколку останеше во претходните услови, регресот за здравјето на ова дете ќе беше неизбежен, меѓутоа приказната доби поубав тек и среќен крај. На Детската Клиника најнапред го хранеа детето со сонда, а потоа го научија да јаде од лажичка. Со текот на времето почна да им дава знаци на медицинските работници, да гледа телевизија и ги засака толку многу, што секој пат кога ќе излезеа од неговата соба, почнуваше да плаче.

Малиот Илче закрепнува на Детска Клиника со висококалорична исхрана

За неколку недели, нутритивниот статус на Илче многу се подобри, направен му беше и план за исхрана, кој почна со интравенска хидрација, ентерална исхрана преку назогастрична сонда, а продолжи со тоа што Илче научи да јаде од лажичка.

Малиот Илче веќе неколку дена јаде од лажичка, а не преку сонда на Детска Клиника

Нутриционистот од Клиниката направи мени со хиперкалориска исхрана со пресметан калориски внес. Тој сака кога му зборуваат и кога му пружаат внимание.

 

Август, 2020 / Фото: Слободен печат.

Директорката на Детската Клиника, доктор Наташа Алулоска оцени дека предлогот на социјалните служби за сместување во мал групен дом е прифатлив, затоа што за Илче нема потреба од специфични медицински интервенции.

– Предностите на малите групни домови за психо-социјалните аспекти на развојот на децата се значителни, вели доктор Алуловска.

Оваа установа на детето му ја овозможува неопходната дваесет и четиричасовна нега и тука Илче ќе остане засекогаш, освен ако некое семејство не одлучи да го посвои. Сагата на 11 годишното момче, доби среќен крај!

The post Слободен печат го посети Илче: За само еден месец опкружен со љубов, почнал да пее! appeared first on Слободен печат.


Слободен печат го посети Илче: За само еден месец опкружен со љубов, почнал да пее! was first posted on август 26, 2020 at 10:43 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....