3.8 C
Скопје
01:00 - 27 декември, 2024

Слобода

Сме виделе и слушнале за секакви власти. Секое владеење, само за себе, е уникатно. Но, ние сакаме да се родиме, да живееме и создаваме, само и само во услови на владеење на слободата. Сите индивидуални или колективни права се возможни, само во услови на владеење на слободата. Таа, на некој начин, е и услов и цел, сама по себе. Зборувам за праведна слобода. Слободата на едни луѓе, не може да значи ограничување на слободата на другите. Тоа произлегува од погрешното разбирање на слободата или нејзино практикување, во недостаток на индивидуалната одговорност. Вистинската слобода подразбира одговорност и самостојност, никако неодговорна независност. Останува обврската сите да бидеме одговорни за своите дела, да сме одговорни пред заедницата и пред потомство.

Еден мој омилен цитат накратко кажува се: „Сите луѓе се еднакви во тоа што тие се надарени со истото достоинство. Тоа значи дека слободата на еден човек во однос на другите луѓе е ограничена од страна на почитта кон другите, која тој мора да ја покаже, тргнувајќи од нивната фундаментална еднаквост“. Не можеме вака да продолжиме. Заборавивме да го почитуваме искуството, знаењето, создаденото. Да ги почитуваме блиските и подалечните на нас. Со самото тоа, самите не се почитуваме. Затоа морално пропаднавме во нашава Македонија. Западнавме во очај. Се шетаме по светот, без да знаеме да го почитуваме своето.

Спокој и солидарност не може да постојат без постоењето на слободата, како суштински услов. Таа е изворот на нормалноста. Таа е сѐ што имаме. Тоа е причината зошто сме се одлучиле за демократија. За да уживаме и да ползуваме неотуѓиви права кои се признати и припаѓаат секому од нас. Слободата го гарантира правото да се развиваме и да ги користиме своите дарби, таленти и способности во целост, но и обврска да ги понудиме во служба на заедницата. Во секој момент, да ги применуваме вредностите на спокојот и солидарноста во односите со другите. А другите не се непознати за нас. Тоа е основниот мотив зошто политика. Тоа не е привилегија, туку обврска да направиме сѐ што знаеме и умееме, да дојдеме до фер општество и нормална држава.

Свето тројство

Човечката слобода извира од природата на самиот човек. Вистинската слобода значи автономност и одговорност, а не неодговорна независност. Тоа го прави секој човек одговорен за своите постапки според неговата совест, одговорен пред заедницата и кон идните генерации. Кога се зборува за човекови права во суштина се поаѓа од два аспекта: првиот е неприкосновеноста на слободата, како загарантирана и неограничена, а вториот аспект е грешната природа на човекот. Доколку нашето слободно дејствување е оставено единствено на нашата совест, тоа секако ќе го злоупотребиме и ќе воспоставиме анархија.

Затоа е нужно да воспоставиме два системи, кои нема да ни дозволат да ја злоупотребиме слободата. Едниот е моралниот, вредносниот систем на личноста во секој од нас, а вториот е државниот систем, заснован на закон. Двата система меѓусебно се надополнуваат и контролираат. Од една страна, силна личност со висок морал знае да се бори за своите човекови права и слободи и да го ограничи државниот систем, кој пак, од своја страна, има доверба кон тие личности и верува во правичноста на ограничени законски решенија. Во средината на судирот помеѓу неприкосновеноста на човековите права и слободи и грешната природа на човекот, е балансираната и општествено прифатлива состојба. Тоа би значело дека човечката слобода е најзначајна, но истата мора да биде регулирана и гарантирана од правични закони. Тука своето место го наоѓа општествено прифатливото поведение на човекот, за кое постојано зборувам и пишувам. Општествено прифатливо поведение е однесување на човекот во согласност со прифатените морални вредности и традиција, во рамките на важечките законски прописи, како и она поведение кое е прифатливо од мнозинството граѓани како нормално.

Економската слобода е онаа која претставува предуслов за практикување и уживање во сите други „видови слобода“. Без економска слобода на секој индивидуалец, сите други слободи за него се небитни, нејасни, неразбирливи. Оттука произлегува нашата заложба за градење просперитетно општество, кое гарантира сигурна иднина, со обезбедена егзистенција за секој поединец. Тоа е спокојот. Но, за тој спокој да биде присутен кај секој од нас, тука е солидарноста како општествено прифатливо поведение. Да споделиме со другите дел од нашиот спокој, ако сакаме и самите да бидеме спокојни. Прво спокојни во совеста, второ – токму тие другите да нѐ остават спокојни. Така, на совршен начин се создава „нашето свето тројство“ – слобода, спокој и солидарност.

Слободата е идентитет

Согласно наведеното – дека слободата извира од природата на човекот – поведението е карактеристика на личноста, а законите се рамка на прифатливото поведение. Луѓето се еднакви врз основа на правото на исто достоинство, а не врз основа на еднаквата природа на секој човек. Сите ние се раѓаме различни, но имаме право на еднакво достоинство. Од правото на исто достоинство произлегува и еднаквоста пред законите. Слободата е гаранција за секоја личност да постигне развој, без оглед на нејзиното потекло, пол, возраст, раса, националност, етнос, религија, убедување, општествена положба, здравствена состојба и слично. Слободата е гаранција за еднаквост пред законите, за владеење на правото. Без слобода, нема одржлива правна состојба. Нашата природа ќе ја отфрли. Ќе ја направи промената.

Токму оттука, низ историјата се направени илјадници буни и востанија, променети се илјадници воспоставени правни состојби. Тоа е моторот на прогресот, на промените, на новото. Инсистираме на база на нашето „свето тројство“ да станеме моторот на нормалното, кое толку многу ни недостига во овие моменти и толку многу го посакуваме. Тоа е така бидејќи го сметаме човекот како субјект, а не како објект на историјата. Секој од нас е уникатно човечко суштество, кој е незаменлив и слободен по природа. Следствено, ние знаеме дека е невозможно некој да си замисли изградба на фер општество, без нашиот концепт за човекот, концептот за еднакво достоинство на секој од нас.

Човекот не е само физичко суштество, туку личност која има свој карактер, идентитет, достоинство и други карактеристики кои произлегуваат од традициите во општеството, во кои е создаден и воспитан. Создавањето на личноста е многу потежок и посложен процес од создавањето на човекот. Човек без личност, со вграден систем на морални вредности во себе, не е човек во вистинска смисла на зборот. Спомнав за карактерот на човекот, особено за неговата природна состојба да биде слободен. Но, исто така, тој по природа е грешник. Грешната природа на човекот предизвикува потреба од претпазливост при оценка на неговата личност. Ако човекот е создаден од Бога, останува уште да се создаде личноста за човекот да не биде само уште едно суштество на планетата.

Личноста е она кое најмногу ѝ недостига на Македонија. Криза на идентитет, од секаков тип, создава суштества наречени Македонци кои се шетаат без личност. Ако сакаме да бидеме слободни, да создадеме фер општество и да живееме во нормална држава, прво што треба да го направиме е да создадеме персонализам. Тоа е граѓанин со личност, со идентитет и интегритет. Бидејќи слободата е идентитет.

The post Слобода appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....