По должината на реката Лепенец, на потегот од селото Орман до вливот во Вардар ќе се направи зелен коридор, односно ќе се облагороди сега запуштениот простор секаде каде што е тоа можно, за да се унапреди животната средина и животот на граѓаните. Основниот проект за зелен коридор го изработи проектантската куќа „ГИМ“, врз основа на Студијата за воспоставување зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец од 2017 година.
Зелениот коридор ќе биде поделен на 4 зони, од кои само во четвртата, кај вливот на Вардар нема услови за воспоставување зеленило, затоа што тоа е бунарско подрачје, голем дел од имотите се во приватна сопственост, а на дел од просторот се изградени индустриски објекти. Ова беше речено на вчерашната презентација на основниот проект, при што, меѓу другото, беше нагласено дека во целиот опфат покрај Лепенец ќе биде забрането изградба на бензински пумпи, испуштање непрочистени води, складирање штетен отпад, изградба на септички јами и создавање депонии.
На целиот простор се предвидени паркови, пешачки и велосипедски патеки. На пример од железничката пруга до селото Орман, во должина од 5,5 километри и широчина од 50 метри ќе се направат велосипедски и пешачки патеки за рекреација на граѓаните. Планирано е продолжување на улици и булевари за пристап кон зелениот коридор, кои ќе бидат одделени со заштитно зеленило за да се спречи бучавата. Планерите го организирале зелениот коридор во 28 сегменти за да се работи етапно.
Градоначалникот Петре Шилегов вчера нагласи дека по презентацијата на проектот за коридорот на Лепенец, следната недела ќе се претстави и за реката Серава.
– Улогата на реката Лепенец долг период беше запоставена, како потенцијален простор за поврзување со зелената мрежа на Градот, не само во смисла на подобрување на квалитетот на животната средина, туку и како рекреативен простор, особено поради определбата на Град Скопје да ја проширува својата територија за развој во непосредната околина на реката. За да се сочува автентичноста на природните вредности на крајбрежјето и да се унапреди биолошката разновидност, потребно е коридорот да добие третман на речен парк, со приоритетни заштитни и еколошки функции. На тој начин ќе се обезбедат посебни услови за одмор и рекреација на жителите кои живеат во околните населби – рече Шилегов.
Покрај оваа важна функција, додаде тој, коридорите се од особено значење и за одржување на еколошките процеси, тие се патиштата за движење на животните, тие се основа за одржување на биолошката разновидност и за одржување на здрава животна средина. Тој смета дека вакви големи проекти не смеат да се носат без консултација со стручната јавност, ниту да се работат паушално и набрзина.
– Никој од нас нема право самостојно да решава во име на цела генерација, а уште помалку во името на идните генерации. Зелените коридори на Лепенец и Серава се наследство кое ќе им го оставиме на идните генерации и токму заради тоа е потребата од презентации, дискусија и разговори што ќе нѐ одведат до оптимално решение, кое ќе биде максимално искористено на долг рок, во следните 20, 50, 100 и повеќе години – нагласи Шилегов.
Студија за воспоставување зелени коридори по течението на реката Серава, од изворот до вливот во река Вардар, и по течението на реката Лепенец, од клучката кај село Орман до вливот во река Вардар да се истражат можностите и условите за воспоставување зелен коридор на овие реки.
Зелените коридори, во должина на речните долини, се особено важни со оглед на котлинскиот карактер на Скопје и потребата ваквите коридори да учествуваат во подобрувањето на климатските и општите услови на животната средина.
Досега, само во должина на речните текови на Вардар и Треска се воспоставени зелени подрачја, паркови, спортски терени, дрвореди.
The post Скопјани ќе шетаат во паркови покрај Лепенец appeared first on Слободен печат.
Скопјани ќе шетаат во паркови покрај Лепенец was first posted on октомври 6, 2020 at 7:45 am.