Иван Стефановски од Скопје, на 22 март беше пионир во земјава, односно првиот човек што јавно објави дека е позитивен на коронавирусот, за да укаже и да превенира колку е сериозна состојбата. Тој тогаш посведочи дека најверојатно преку локална трансмисија, вирусот му го пренел гостин од Србија во канцелариите на работа. На 22 април, еден месец подоцна, ситуацијата со вирусот драстично се промени за Стефановски на подобро, па тој се приклучува кон групата излекувани пациенти со два негативни контролни теста за Ковид 19. Ова беше поводот за Слободен печат да поразговара со Стефановски, за тоа како изгледаше периодот на лекување за скопјанецот, за психолошките аспекти и медицинскиот третман и пораката што тој ја има за граѓаните.
Штотуку дознавте дека и вториот контролен тест за коронавирус ви е негативен, со што се приклучувате во групата на излекувани пациенти. Ви честитаме и Ви посакуваме добро здравје! Може ли да ни опишете како точно се случи да дознаете дека имате Ковид 19 и како изгледаше вашиот живот од тој ден, па се до сега?
– Благодарам, дај Боже што повеќе заразени да го победат вирусот. За вирусот се посомневавме на работа, кога дознавме дека дел од колегите се тестирале и добиле позитивни резултати. Уште веднаш сите колеги се повлековме во изолација, а јас отидов во празен стан кој е на родителите на сопругата за да избегнам контакт со моите дома. Веќе вториот ден откако се изолирав, почнаа симптомите. Најпрво треска и температура, а потоа следеше губење на чувството за мирис и вкус и сува кашлица. Како пристигнуваа резултатите од колегите што не можеа да дочекаат и приватно се тестираа во Филип Втори, така и јас станував свесен дека шансите да сум заразен се многу големи. На 20 март ми земаа брис од Центарот за јавно здравје и резултатот ми беше соопштен два дена подоцна, кога и јавно објавив на Фејсбук. И за моите најблиски контакти беше издадено решение за самоизолација. Од тогаш, мојот живот беше прилично монотон. Затворен во стан од 40 квадрати, среќа барем имаше две тераси кои гледаа кон исток и кон запад, па имав убав поглед од четвртиот кат, а воедно од таму им праќав поздрав на полицајците кои редовно доаѓаа во проверка. Храна, лекови и останати потребштини ми носеа до врата моите најблиски роднини и пријатели, но понуди за помош добив дури и од луѓе кои лично не ги познавам и на сите сум им благодарен.
Како и каде се лекувавте, какви медикаменти примавте и како го поминавте ова од психолошки аспект?
– Цело време бев на домашно лекување. Тоа беше советот од лекарката што ми соопшти дека сум позитивен. До вечерта кога дознав дека сум позитивен, состојбата ми се влоши. Цел ден имав температура, стигна и до 38 со 6, а вечерта почувствував забрзано чукање на срцето, болка во градите при дишење. Побарав помош од докторката од ЦЈЗ и во комуникација со Инфективната клиника таа ми организираше преглед на Клиниката и бев однесен со возило на Брза Помош. По прегледот, ме вратија со истото возило назад и ми препишаа терапија наредните пет дена да ги земам лековите Сумамед и Тамифлу, парацетамол и по потреба Ц витамин. После неколку дена почувствував драстично подобрување на здравствената состојба. После недела дена немав ниеден симптом, освен тоа што остана изгубениот осет за мирис и вкус. После 14 дена од првиот тест, ми беа направени уште два теста со разлика од 48 часа меѓу првиот и вториот, но за жал и двата излегоа позитивни и тогаш почна да работи психата. Ми беше тешко, но со поддршка од најблиските некако се справив со тоа дека ќе заглавам уште некое време.
Дали се соочивте со стигма од некого?
– Пријатно се изненадив што мојата ситуација многумина ја примија добро и ниту јас ниту моето семејство не се соочивме со стигматизирање. Напротив, добив безброј пораки со поддршка да истраам, многумина ми се понудија да помогнат, секој на свој начин. Единствено што можам да посочам е дека имаше страв кај соседите во зградата каде бев изолиран. Но, остварив контакт со неколкумина со нив и одлично се разбравме, дури и ми понудија и помош ако треба нешто да ми се купи од продавница.
Како дознавте дека сте негативен на вирусот. И како изгледаше животот за вас во изолација?
– После извесно време од двата контролни тестови кои излегоа позитивни, во координација со докторката од ЦЈЗ, ми беше земен трет контролен брис на 14 април. Резултатите за него дека е негативен ми ги соопштија во саботата на ден пред Велигден и веднаш дојдоа да ми земат четврти брис, бидејќи согласно решението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ми беше одредена мерка за лекување и изолација во домашни услови се до добивање на два последователни негативни резулатати од овластена лабораторија. Резултатите од четвртиот брис стигнаа вчера по што јас и официјално сум слободен човек. Да бидам искрен, малку ми беше криво што толку долго се чека за резултатите, бидејќи сите сме сведоци како некои политичари експресно беа тестирани и до вечерта имаа резултатати, а ние обичните смртници чекаме со денови, што верувајте во целава оваа ситуација е доста стресно. Најмногу се разочарав кога сфатив дека нема да можам за Велигден да бидам дома со фамилијата, но тоа е тоа, имајќи го првиот негативен тест се тешев со фактот што барем нема да треба и Први Мај да го дочекам во станов сам.
Која е пораката што сакате да им ја упатите на граѓаните?
– Дај Боже лудилово што побрзо да заврши и да се вратиме на нормалните работи што го сочинуваат животот. Се надевам дека од оваа ситуација сите ќе извлечеме по некоја поука, а особено дека најважно во животот е здравјето, семејството, пријателите. Се друго доаѓа и си заминува, само вистинските вредности остануваат. Да сте живи и здрави! Да ни е жива е здрава мајка Македонија!
The post Скопјанецот Иван го победи Ковид 19: Се лечев дома, а лекарите ми препишаа „сумамед“ и „тамифлу“ appeared first on Слободен печат.